1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Целните убиства можат да станат нормална појава“

Кристофер Неринг
17 јануари 2020

Европа ја достигна застрашувачки бран убиства извршени од страна на тајни служби, пишува експертот за работата на тајните служби, Кристофер Неринг. Тоа е една од последиците на распадот на стариот меѓународен поредок.

Symbolbild | Geheimdienst
Фотографија: imago/Steinach

На 3.1.2020 САД го убија иранскиот генерал Сулејмани со напад со дрон; на 23.8.2019 во Берлин беше убиен Чеченецот во егзил  Зелимкан Кангошвили,  веројатно од страна на руската тајна служба. На 2.10.2018 саудиската тајна служба го уби новинарот Џамал Кашоги во Истанбул. Серијата убиства, напади и киднапирања би можеле без проблем да ја продолжиме, и во Германија.

Стравотен бран од убиства зад кои стојат тајните служби ја зафати Европа и нема изгледи за подобрување. „Во блиска иднина ќе има повеќе наместо помалку убиства со таква позадина“, прогнозираше поранешниот претседател на германската БНД, Герхард Шиндлер, за време на дискусија во Германскиот музеј за шпионажа неделава.

Тонот станува се` погруб

Една причина за тоа е распадот на стариот меѓународен поредок. Големите сили САД, Русијаи Кина конкурираат со регионални сили во подем како Иран или Саудиска Арабија. Тонот е сѐ погруб, средствата сѐ поопасни. „Механизмите кои стојат на располагање за мирно решавање на конфликтите сѐ почесто не ја исполнуваат целта и постои реална опасност тајните убиства да се нормализираат“, предупредува прстеникот во Бундестагот Патрик Сенсбург од ЦДУ.

Притоа е јасно дека целните убиства веќе долго време се практикуваат од страна на многу држави. Русија, Израел или САД во изминатите 30 години редовно посегаат по тоа средство. Но, во Европа по крајот на Студената војна долго време беше мирно. Изгледа дека му дојде крај и на тоа.

Џамал Кашоги беше убиен во саудискиот конзулат во ИстанбулФотографија: picture-alliance/dpa/AP/L. Pitarakis

Тајни убиства и напади имаат различна позадина:  операции како онаа на САД против иранскиот генерал Сулејмани  или акции на израелските тајни служби против Хамас и Хезболах треба да го погодат воениот противник. Целта притоа е да се превенираат идни напади, без да се влезе во војна.

Често страдаат невини лица

Сосем друг тип убиства се нападите поради одмазда. Тука спаѓаат и убиствата на Зелимкан Кангошвили или Џамал Кашоги, нападот врз Сергеј Скрипал или израелските напади врз нацистички злосторници. Во тие случаи се казнуваат поранешни дејства, се замолчуваат критичари и истовремено се праќаат предупредувања во светот.

Кој е загрозен да биде мета на такви напади? Де факто само мал круг луѓе: воени непријатели, како и политички дисиденти и опозиционери, или пак агенти кои смениле страна.

Борбата против тероризмот од 1970-те сѐ повеќе ги надминува овие граници. Сѐ помали, поврзани и анонимни групи можат да извршат напади - и потоа самите стануваат цел на таргетирани убиства. Нападите на израелските тајни служби против раководството на Хамас и Хезболах се пример за тоа. Посебен проблем притоа се – попрецизно кажано - „целните убиства“ при кои не страдаат само таргетираните лица туку има и колатерални жртви. Еден англиски брачен пар настрада и почина, откако случајно беа отруени со нервен гас со кој требаше да се убие рускиот агент Сергеј Скрипал. Во Норвешка израелските тајни служби го помешаа еден случаен минувач со баран исламист при што го убија погрешниот човек. Генералот Сулејмани исто така не беше единствената жртва во нападот – загинаа и лица кои се нашле на местото на настанот. Ризикот од колатерални жртви никогаш не може да се исклучи.

Сергеј Скрипал и ќерката беа мета на напад со отровФотографија: picture-alliance/Globallookpress

Предвесници на лоши времиња

Моралната страна на приказната? Во држави како Германија, во кои е забранета смртна казна, моралната осуда на операцијата за ликвидација е особено голема. Дури и Обединетите нации редовно ги осудуваат ваквите операциии. Исто и во случајот на Сулејмани или Кашоги. САД, Израел или Русија пак застапуваат други правни ставови со кои тие си ги оправдуваат активностите со кои се справуваат со тероризам и закани преку убиства и во странство. Особено затоа што овие земји постојано се вклучени во некаков воен конфликт низ светот, поради кој им е загрозена безбедноста. Решението за оваа противречност се чини е подалеку од било кога.

Ситуацијата во Германија се уште е релативно мирна. Најголем дел од „целните ликвидации“ се случуваат во големите кризни региони во светот, на Блискиот Исток, Авганистан или Украина. Но со глобализацијата, миграцијата и новиот конфликт меѓу Русија и Западот, се повеќе се приближуваат до Германија. Убиството на Зелимкан Кангошвили во 2019 или киднапирањето на виетнамскиот функционер Трин Тан во 2017 во Берлин се предвесници на непријатни времиња.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми