1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Цената на воена интервенција во Хонгконг

Матијас Белингер
14 август 2019

Пекинг сѐ поотворено му се заканува на Хонгконг дека ќе испрати вооружени трупи во градот. Сепак, изгледа дека таква одлука сѐ уште не е донесена, бидејќи цената е висока, смета Матијас Белингер.

China, Hong Kong
Фотографија: AFP/Getty Images

Долги колони од оклопни возила, кои се движат кон југ и веќе ги преполнуваат улиците на пограничниот град Шенжен - од почетокот на неделава, на интернет кружат видео записи од кои може да се заклучи дека Кина на границата со Хонгконг трупа единици на „Народната полиција“, паравоена формација опремена со тешко вооружување.

Тоа е последното камче во мозаикот од закани кои Пекинг ги упатува со недели. Пораката е јасна: Подготвени сме да ги задушиме протестите во Хонгконг со сила.

Закани без ефект

Стравот е бизнис на диктатурата. Моќниците се плашат од народот и затоа прават сѐ за да го натераат народот да се плаши од нив. Кина го има усовршено овој систем на заплашување. Државата има безброј можности постојано да ги потсетува граѓаните дека е подготвена да употреби сила. Од телефонски повик кој работодавачот ќе го упати до Службата за државна безбедност, преку забрана за патување во странство па сѐ до апсење и тортура.

Повеќе:

-Во Хонгконг владеат хаос и паника

-Слобода за Хонгконг

-Хонгконг и прекршеното ветување на Кина

Сепак, во Хонгконг, кинеските власти се соочуваат со фактот дека нивните закани не се ефикасни. Граѓаните се на улица веќе десетина недели. Не помагаат ни полициското насилство, ни масовните апсења, ниту пак драконските казни  - учеството во безредија, имено носи до десет години затвор. Заканите за воена интервенција не ги исплашија претежно младите демонстранти.

Матијас Белингер, автор на коментарот

Лесно е да се замисли дека државниот врв на Кина на сето тоа гледа со неверување. Имено, заканите кои доаѓаат од Пекинг не се празна приказна. Пред 30 години, комунистичкото раководство на плоштадот Тјенанмен во Пекинг покажа дека е подготвено да пука врз сопствениот народ доколку смета дека е загрозен неговиот опстанок на власт. Не треба да се очекуваат обѕири.

Чувство на пораз

Тоа го знаат и демонстрантите. Ако ги прашате дали гледаат какви било шанси нивниот протест да вроди до плод, честопати одговорот е без двоумење - не. Во претходните години, Пекинг сè поотворено се обидува да го зајакне своето влијание во градот. Опозициски политичари беа исклучувани од парламентот, недостигот на почит кон националното знаме беше санкциониран со затвор, лидерите на демократското движење во 2014 година исчезнуваа зад решетки.

Многу демонстранти не се водат од надежта дека ќе го запрат или променат овој тренд, туку повеќе од чувството дека можеби за последен пат можат да покажат што мислат. Градоначалничката ги предупредува демонстрантите дека го туркаат „градот во бездна“, а демонстрантите одамна  се чувствуваат како да се во слободен пад. Нивниот впечаток дека секако изгубиле ги прави заканите во Пекинг толку неефикасни.

„Западот ќе го заборави тоа“

А Хонгконг сѐ уште има толку многу да загуби. Воената интервенција би значела крај на меѓународниот финансиски центар. Слободите кои ги уживаше градот ќе бидат загубени засекогаш. И Пекинг од сето ова не би излегол без последици. Хонгконг е најважната финансиска порта за светскиот капитал кој им е потребен на кинеските компании.

Сликите на крв на улиците ќе му нанесат голема штета на имиџот на амбициозна светска сила. Евентуалните санкции би ја затекнале кинеската економија во незгодна фаза. А во трговскиот спор со Соединетите Американски Држави, позицијата на Кина би ослабнала значително.

Човекот кој ја имаше власта за време на масакрот во Тјенанмен, Денг Ксијаопинг, на забелешките  дека употребата на војската против студентите ќе предизвика остри меѓународни реакции изјави: „Западот ќе го заборави тоа“.

Ако кинеското раководство повторно го калкулира сето тоа,  ни овој пат нема да има никој да го спречи. Она што западните демократии би можеле да направат овој пат е да му стават до знаење на Пекинг дека употребата на сила навистина би имала висока цена.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми