1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цената на струјата останува иста!

Костадин Делимитов
28 јуни 2019

Најавите се остварија. Ценовен струен шок нема да има. Универзалниот снабдувач стартува со работа од 1 јули.

Strompreise steigen
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Weißbrod

Ниту поскапо ниту поевтино. Цената на струјата останува иста и по официјалниот старт на работа на т.н. универзален снабдувач. Граѓаните можат да бидат мирни:

„Нема промена на цената на струјата, граѓаните можат да останат мирни. Како и што најавивме, нема ниту ценовен шок ниту пак какви било корекции. Сѐ останува како што е досега, нормално освен, што од понеделник 1 јули почнува со работа новиот универзален снабдувач кој ќе им испорачува струја на домаќинствата по регулирана цена“, изјави за Дојче веле, Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Неосновани стравувања

Официјализирањето на старо новата цена на струјата ги смирува стравувањата кои се проширија со целосната либерализација на пазарот на електрична енергија од 1 јануари 2019. Првиот човек на регулаторна и досега тврдеше дека тие биле неосновани:

„На регулираниот пазар не треба да има страв дека ќе има поскапување на струјата, а не очекувам тоа да се случи и на слободниот пазар, освен се разбира доколку не се случи нешто драматично со увезената цена на струјата. Но клучно е дека домаќинствата можат да останат на регулираниот пазар и таа информација е многу битна да ја знаат граѓаните", тврдеше Бислимоски.  

Бислимоски: Нема ниту ценовен шок, ниту пак какви било корекцииФотографија: DW/K. Delimitov

„ЕВН Хоум“- универзален снабдувач

Од 1 јули домаќинствата ќе добиваат електрична енергија од ЕВН Хоум. Новиот универзален снабдувач практично не значи ништо за граѓаните бидејќи овој правен субјект произлегува од ЕВН Македонија, енергетската компанија која и досега ги снабдува домаќинствата. Од она што е досега познато, ниту едно домаќинство не излегло на слободниот пазар, односно сите корисници на услугите на ЕВН остануваат во дистрибутивната мрежа на оваа компанија. Единствената новина е што домаќинствата ќе добиваат сметки на кои ќе пишува ЕВН Хоум:

„Од 1-ви јули сите домаќинства и мали потрошувачи коишто нема да направат промена на својот снабдувач, нешто што според цената на електричната енергија на отворениот пазар е сосема разумно и очекувано, ќе преминат по автоматизам од ЕВН Македонија во новата комапнија ЕВН Хоум. За таа цел потрошувачите нема да потпишуваат никакви нови или дополнителни договори за снабдување, а ќе продолжат да добиваат и понатаму една фактура во која ќе биде вкалкулирано сѐ. ЕВН Хоум ќе им ги нуди сите иновативни услуги на своите потрошувачи како е-фактурите, on-line плаќањето, терминалите и сѐ она што е поврзано со клиентското опслужување", објаснуваат од ЕВН Македонија.

Повеќе: 

Пазарот се либерализира, струјата не поскапува!

Бислимоски: Македонија има најниски цени на горивата и струјата

Заштитата на потрошувачите приоритет

Универзалниот снабдувач всушност е снабдувач со електрична енергја за домаќинства и мали потрошувачи коишто не избрале снабдувач на отворениот пазар. За таа намена поседува специјална лиценца од Регулаторната комисија за енергетика. Неговата основна цел е да ги заштити овие сензитивни групи на потрошувачи од постојаните ценовни промени на електричната енергија преку регулирани цени кои еднаш годишно ќе бидат усогласувани од страна на Регулаторната комисија за енергетика. Тој е должен во наредните пет години да купува струја која ќе ја обезбеди домашната комапнија АД Електрани на Македонија-ЕЛЕМ, или по ново АД ЕСМ:

„За да обезбедиме ценовна стабилност, на АД ЕСМ му е наметната обврска да му понуди електрична енергија на универзалниот снабдувач по следниве количества. Во првата година, 2019, најмалку 80% од вкупните потреби, во 2020 најмалку 75%, во 2021 најмалку 70%, во 2022 година 60% па сѐ до 2025 година, кога, според обврската, треба да обезбеди најмалку 30% од потребите на универзалниот снабдувач. Доколку ЕСМ не биде во можност да одговори на ваквите обврски, тогаш универзалниот снабдувач ќе може да ги надополни потребите од слободниот пазар согласно утврдените правила од страна на Регулаторната комисија за енергетика“, објаснува Бислимоски.

Целосната либерализација на пазарот доцни шест годиниФотографија: AP

Слободниот пазар неисплатлива опција

Зошто никој од домаќинствата не излегува на слободниот пазар, односно сите остануваат на регулираниот, покажуваат актуелните податоци за цената на електричната енергија. Еден киловат на отворениот пазар се продава за 4,2 денари, односно за 0,3 денари поскапо од оној што го продава ЕВН. Но оваа цена е основна, односно за да пристигне до крајните потрошувачи таа драстично би се зголемила. Дури на 6,4 денари за киловат, или 2,1 денари поскапо од постојната на ЕВН, која е крајна за потрошувачот.

Оттука и разбирливо што во вакви услови, снабдувачите што имаат лиценца за продажба не ни излегоа со понуди и пакети за домаќинствата. Она што треба да го знаат граѓаните, односно домаќинствата, но и малите потрошувачи, кои евентуално би се решиле да излезат на слободниот пазар, е дека доколку бидат незадоволни од понудената цена, во рок од 21 ден ќе можат да го променат својот снабдувач. Дополнително, доколку сакаат, ќе можат да изберат и да бидат снабдувани од универзалниот снабдувач по цените кои ги определила Регулаторната комисија за енергетика.

Целосна примена на Законот за енергетика  

Универзалниот снабдувач и целосната либерализација на пазарот на електрична енергија е дел од Законот за енергетика чија целосна примена стартува од 1 јули. Говорејќи за придобивките од новиот Закон за енергетика, надлежните потенцираат дека цената на струјата во последните две години била стабилна, а се овозможиле и големи заштеди за граѓаните со воведувањето на евтината тарифа:

„И покрај негативните мислења искажани за Законот за енергетика и очекувањата за драматично зголемување на цената на електричната енергија фактите покажаа обратно. До 2013, 2014, 2015 година ЕЛЕМ бележеше сериозни загуби од пет, осум, девет милиони евра, а цената на електричната енергија во тие години се качи за 60 отсто. Последните две години цената на струјата е стабилна. Се воведе евтина тарифа за граѓаните која имаше инпакт осум, односно 11 милиони евра во џебовите на граѓаните. Факт е дека ЕЛЕМ стана одлична профитабилна компанија која денеска има акумулирана добивка од 49 милиони евра", изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Фотографија: Fotolia/Christian Schwier

Либерализацијата (не)оправдано доцни

Целосната либерализација на пазарот доцни шест години. Претходната влада во 2014. го продолжи рокот за либерализација на струјата за домаќинствата до јули 2020. Ваквиот потег тогаш се правдаше со анализи кои покажале дека излезот на слободниот пазар ќе предизвикало 20% зголемување на сметките за домаќинствата, што од денешен аспект се покажуваат како целосно неосновани.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми