Борбите за што пониски цени на храната во Германија попуштија. Потрошувачите сега мора да бркнат подлабоко во џебот, а веројатно така и ќе остане.
Реклама
Сеедно дали се работи за млеко, јајца или овошје - многу прехранбени намирници поскапеа значително во изминатите 12 месеци. Зголемувањето на цените од речиси 3%, според наводи на Сојузниот завод за статистика, е речиси двојно поголемо од стапката на инфлација. Причина за тоа - времето на големите снижувања е минато.
„Борбата за што пониски цени во германската трговија со прехранбени намирници е минато“, вели Матијас Квек од групата за анализа во „Весник за прехранбени намирници“. „Во моментов ниту дисконтите ниту супермаркетите немаат интерес да настапуваат непотребно агресивно во делот на цените.“
Ако намалувањето на цените порано беше голем настан со огласи во весниците на цели страници, денес такво нешто нема. „Снижувањата кои се прават во моментов честопати се чисто хомеопатски. Наспроти тоа, зголемувањето на цените е солидно“, вели овој познавач на браншата.
Така на пример, туната е поскапена за дури 30%. Во продавниците за козметика поскапени се цели групи производи. Тоа ги спречува потрошувачите да се префрлат на друг, поевтин производ.
Експертот Квек не мора долго размислува околу причините за крајот на борбата со цени. „Тоа делумно едноставно се должи на тоа што потрошувачите се подготвени да потрошат повеќе, затоа што повеќе заработуваат.“
Дека многу потрошувачи се подготвени да потрошат повеќе покажува и актуелната студија на институтот за истражување на пазарот - ГфК. Според нејзе, потрошувачите во меѓувреме почесто си дозволуваат „мал луксуз“ со тоа што почесто од нормално посегнуваат по поскапи производи, сеедно дали се работи за купување храна или козметички производи. Тоа, меѓутоа, не значи дека купувачите не го регистрираат зголемувањето на цените. Според наводи на претпријатието за истражување на пазарот „Нилсен“, во меѓувреме 74% од потрошувачите имаат чувство дека цените на прехранбените намирници се зголемуваат. За споредба - пред една година само 59% потрошувачи имале чувство дека работите поскапуваат. Половина од купувачите тврдат дека веќе реагираат на зголемувањето на цените со тоа што чекаат специјални поевтини понуди или купуваат поевтини марки.
Квек смета дека наскоро нема да има повторно огорчена броба за што пониски цени. „Сѐ додека стапката на пораст во прехранбената трговија е висока како во моментов, претпријатијата немаат причина да ја потпалуваат конкурентската борба со пониски цени“, смета тој. Конечно, големиот пораст во трговијата со храна во Германија изминатата година, според ГфК, се должи пред сѐ на две работи - подготвеноста на потрошувачите да купуваат почесто поквалитетни производи и зголемувањето на цените.
Сепак, тоа не зачи дека се купувале и поголеми количества производи. „Побарувачката во количество стагнира веќе долго“, велат до ГфК. Оттука, доколку повторно заживее борбата со ниски цени, меѓу трговците ќе има повеќе губитници отколку добитници.
Сликата за потрошувачите е сосема поинаква. „Трговијата одамна се чука в гради дека никаде во Европа прехранбените намирници не се толку поволни за потрошувачите како што е тоа во Германија. Не сум сигурен дека тоа и навистина е така“, оценува Квек.
Каде е поевтино: во Македонија или во Германија?
Нашиот заклучок: без оглед на огромната разлика во животниот стандард и просечната плата, цените во Германија во најголем дел се поевтини. Во Македонија осетно поевтини се само солта, кафето, овошјето и зеленчукот.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Леб
Во просек, векна бел леб од 750 грама во Германија чини 0,85 евра (51 денар), а француски багет од 250 грама чини 0,60 центи (36 денари). Векна бел леб од 250 грама во Македонија чини 27 денари, а некаде достигнува и 39 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Масло за јадење
Еден литар од најевтиното сончогледово масло за готвење во Германија чини околу 1 евро (60 денари). Во Македонија еден литар од најевтиното масло чини 65 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Млеко
Еден литар кравјо трајно млеко со масленост од 3,2 проценти во Македонија може да се најде за најниски 38 денари, а просечната цена се движи околу 45 денари за литар. Во Германија, најевтиното млеко започнува од околу 0,55 центи (33 денари), а поскапото „Алпско“ млеко е околу 1 евро.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Кашкавал
Кашкавалот од типот Гауда и Едамер во Македонија чини од 350 до 370 денари за килограм. Во Германија, холандската Гауда ќе ве чини околу 5 евра за килограм (300 денари), а Ементалер околу 5,4 евра (330 денари).
Фотографија: DW/K. Delimitov
Сол и шеќер
Сол во Германија чини околу 1,38 евра за килограм (85 денари), во Македонија 28 денари.
Килограм шеќер во Германија чини околу 0,69 центи (42 денари), а во Македонија најевтиниот кој го најдовме во супермаркет беше 38 денари за килограм.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Ориз и брашно
Домашен ориз од втора класа во Македонија за 900 грама чини 46 денари. Во Германија, ориз од прва класа чини од 0,80 центи (48 денари) за килограм.Најевтиното брашно од Тип 400 во Македонија може да се најде за околу 24 денари за килограм. Истото во Германија чини од 0,30 центи (18 денари) за килограм.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Јајца
Мала табла со шест јајца во Македонија чини околу 50 денари, а во Германија околу 1 евро (60 денари).
Фотографија: DW/K. Delimitov
Зеленчук
Доматите во Македонија чинат меѓу 80 и 120 денари за килограм, а во Германија - 2,50 евра (150 денари). Краставиците чинат 192 денари за килограм во Македонија, а во Германија 0,70 евра (42 денари) е едно парче кое вообичаено тежи меѓу 250 и 300 грама.
Килограм пиперки во Германија ќе ве чини околу 2,50 евра (150 денари), а во Македонија 125 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Овошје
Јаболката во Македонија се продаваат од 23 денари за килограм, па нагоре. Во Германија најевтините домашни јаболка не можете да ги најдете за помалку од 1 евро за килограм, а увозните достигнуваат и до 3 евра. Мандарини во Македонија чинат околу 45 денари за килограм, а во Германија 1,33 евра (80 денари) за килограм.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Пиво и алкохол
Просечната цена на пивото е нешто пониска во Македонија и тоа само за домашните марки. „Хајнекен“ од 0,33 литри во Македонија чини 55 денари. Во Германија нешто под 1 евро, доколку купите „сикспек“. Поеетиното виски од 0,75 литри како „Џони Вокер“, „Балантајн“ или „Џејмисон“ во Македонија чини околу 1.000 денари. Во Германија истото има просечна цена од 10 евра (600 денари).
Фотографија: DW/K. Delimitov
Вино
Цените на виното во Македонија се релативно високи во споредба со она што се нуди на европските пазари. Најевтиното сортно македонско вино започнува од 170 денари за шише, а поквалитетното се нуди во просек за 500 денари. За споредба, македонско вино флаширано во Германија во овдешните супермаркети чини 1,6 евра (100 денари). Врвните сорти во Германија можат да се купат за просечни 6-7 евра.
Фотографија: DW/B. Georgievski
Шампони за коса и гел за туширање
Разликите се големи и во цените на шампоните за коса меѓу двете земји иако се работи за истиот маркет. Шампон „Пантен Про-В“ од 200 милилитри во Македонија чини 208 денари, а во Германија 1,45 евра или околу 90 денари. Гел за туширање од 250 мл на „Балеа“ во Македонија во просек чини околу 120 денари, а во Германија поголемо количество од 300 мл чини 0,55 евра или малку над 30 денари.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Течен сапун и детергент
Течен сапун „Балеа“ во моментов се нуди на попуст во Македонија за 79 денари, а редовната цена му е 105 денари. Во Германија редовно се продава за 55 центи или за нешто повеќе од 30 денари, а на попуст и поевтино. Детергент „Персил“ за 20 перења во македонскиот ДМ чини 365 денари. Во германскиот ДМ истиот детергент по редовна цена се продава за 5,15 евра или околу 320 денари.