1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Архитектура

Кој промаши, а кој погоди во Центар

17 јуни 2021

Суспензијата мора да ја таргетира само конкретната причина за штетата, а не да зема цели четврти „во заложништво“, вели Мирослав Грчев, член на стручната комисија при Министерството за транспорт.

Skopje, Hauptstadt von Nord-Mazedonien Nordmazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Дали и како е можно елаборатите на Општина Центар за суспензија на урбанистички планови до толку „да ја промашиле темата"? Прашањето се отвори откако стручната комисија при Министерството за транспорт и врски оцени дека со елаборатите за суспензија на спорните урбанистички планови, Општина Центар не докажала оти со нивна имплементација ќе се нанесе несомнена штета на јавниот интерес. Интересот на јавноста, меѓу другото, беше насочен и кон „судбината“ на трите кули од 16, 20 и 22 ката на инвеститорот „МГ Фешн“ и МПЦ-ОА, на кои сега им се отвора патот за изградба. Против нивна изградба граѓани на Скопје масовно потпишуваа петиција, укажувајќи на нехуманите аспекти на станбено-деловната изградба, која може да произведе бетонска џунгла во последниот слободен простор во срцето на градот, со многубројни импликации: сообраќајни, просторни, еколошки - сите разорни за квалитетот на живеење во метрополата.

Корективна алатка

Извори блиски до комисијата што ги изработила елаборатите, тврдат дека не е промашена темата и дека е јасна штетата за јавниот интерес. ДВ очекува во наредните денови да ги презентираат нивните аргументи, содржани во обемен стручен материјал.

Тие на располагање ја имаа можноста за суспензија на урбанистички план или негов дел, доколку се покаже дека ќе предизвика штета за јавниот интерес. Таа можност им ја нуди членот 23 од Законот за урбанистичко планирање, донесен во февруари 2020 година. Досега таа алатка не била спроведена во ниту еден случај. Како била искористена во овој случај - побаравме објаснување од професорот Мирослав Грчев, член на стручната комисија при Министерството за транспорт и врски.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Алатката е силна и интервентна, зашто внесува прекин во применувањето на планот, со што се внесува еден вид дисконтинуитет во владеењето на правото и – технички – се внесува правна несигурност во владеењето и управувањето со просторот. Затоа, оваа алатка може да се употребува само во исклучителни ситуации во кои штетата по јавниот интерес што настанува или би настанала со применувањето на планот е очигледна и значителна, и може да се докаже и пондерира во стручниот елаборат за суспензија. Поради рестриктивноста на суспензијата, таа мора да биде селективна и прецизно насочена само на оној дел од планот – обично е тоа градежна парцела како просторна единица – чие применување ја врши штетата, и не смее заради една лоцирана просторна единица која генерира штета да се суспендира целиот плански опфат. Така оваа корективна алатка ќе прави повеќе штета во околниот простор, кого без причина ќе го остави без план за развој и употреба на просторот“, објаснува Грчев.

Повеќе:

Правни замки со суспензијата на планот кај Холидеј ин

Случај Холидеј Ин: Наместо суспензија - надлежните се вртат во круг

Ивановска за ДВ: Го охрабрувам градоначалникот на Центар да го суспендира планот за „Холидеј Ин“

Пет причини

Ако се има предвид ваква можност, тогаш зошто елаборатите не ја исполниле целта, како што оценила стручната комисија при Министерството? Грчев посочува пет причини.

„За жал, елабортатите практично како да ја промашија целата тема и не ја обезбедија законитоста на применувањето на суспензијата согласно членот 23 од ЗУП. За ова има повеќе причини, но оние што се заеднички за сите елаборати се следниве: Прво, елаборатите за суспензија имаат погрешен правен основ, затоа што се повикуваат на членот 35 од законот, за постапка што е уредена во членот 23. Второ, во ниту еден елаборат (од 11 за кои е побарано мислење) не е ни посочен проблем во планот што генерира штета за јавниот интерес, не се прикажани податоци од применувањето на планот кои укажуваат на неговата штетност, а уште помалку се докажува ‘несомнена штета по јавниот интерес што е воочена во текот на спроведувањето на планот, која би се зголемувала со неговото спроведување, а произлегува од неговата спротивставеност со законот и прописите донесени врз основа на него, поради неговата неусогласеност со планови од повисоко ниво или поради плански решенија чии штетни последици по јавниот интерес не биле воочени во постапката за негово донесување', како што пишува во законот“, објаснува Грчев.

Фотографија: Jana Belceva-Andreevska/DW

Трето, вели дека во елаборатите само се посочува на неусогласености помеѓу деталните урбанистички планови и ГУП. Тој посочува дека неусогласеноста може да биде само еден од наведените основи од кој може да произлегува штетата по јавниот интерес, што со елаборатот треба да се докаже. Според нашиот соговорник, неусогласеноста помеѓу планови од повисок и понизок ниво на планирање сама по себе не може да го евоцира применувањето на суспензијата, тоа мора да го направи докажана штета за јавниот интерес, но во елаборатите не е направен ниту еден обид таа да се докаже.

„Четврто, неусогласеностите на ГУП-от и ДУП-овите - особено ако се работи за Град Скопје, каде ГУП-от се работи во размер 1:10000, а ДУП-овите во 1:1000 – е вообичаена и неизбежна во системот на двостепено планирање, зашто линиите во големата размера се рамковни и ориентациони, за да се уточнат во деталните планови. Во елаборатите, безмалку без исклучок, непоклопувањето на границата на планскиот опфат во ДУП-от со онаа што била нацртана во ГУП-от се зема како основ за суспензија на целиот план, но ваквото несовпаѓање е conditio sine qua non на двостепеното планирање и во ниту еден од посочените примери не предизвикува никаква штета во применувањето на плановите“, објаснува Грчев.

Како петта причина, го наведува тоа што сите елаборати бараат суспензија на цели плански опфати на деталните урбанистички планови поради несогласности со ГУП-от што се нерелевантни по својата природа, не предизвикуваат штета по јавниот интерес и се без исклучок лоцирани или во границата на опфатот или во некоја поединечна точка на несогласност.

„Со ова се прекршува самата правна и морална целесообразност на суспензијата, која мора да ја таргетира само конкретната причина за штетата, и во никој случај не смее да зема цели четврти ‘во заложништво' и да внесува општа блокада на урбанистичкиот правен поредок на територијата на целата општина, и тоа само заради некои поединечни локации“, објаснува членот на стручната комисија при Министерството за транспорт и врски.

А Водно?

Покрај забелешките за 11-те елаборати, тој изразува огромна изненаденост што не постои елаборат за суспензија на деталниот урбанистички план со кој се уништува парк-шумата Водно.

Фотографија: Kristian Cierpka

„Непријатно изненадување беше фактот, што до министерството не стаса елаборат за суспензија за еден од најеклатантно штетните детални урбанистички планови – што, инаку, е во непречено применување во општината – а тоа е ДУП-от за населбата Долно Водно. Во него се формираа градежни парцели на сметка на едно цело брдо (Мало Курило) кое е интегрален дел од парк-шумата Водно, густо пошумено и формирано како вистински зелен рај. Со ДУП-от се предвидува сечење на сите дрвја и израмнување на брдото со формирање на опасни вертикални ископи од повеќе десетици метри. И, таму се поместени најкриминалните парцели наменети – и отуѓени - за вмровската врхушка во времето на нивното владеење со 'заробената држава'. За тој план не е ниту потребно докажување на штетата по јавниот интерес: таа е толку очебијна, што е доволно само да се наведе што предвидува планот на место на белите дробови на градот!“, реагира Грчев.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми