1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ги поврзува Европското во фудбал и сечата во Центар?

Ида Протугер Вељковиќ
19 јуни 2021

Заедно можеме да одиме на европско, но и да исечеме дрворед. Актуелните случувања поттикнуваат на анализа за тоа што може една група да направи заедно. Пишува Ида Протугер Вељковиќ

Ida Protuger- Veljkovic | DW Kolumnistin | Journalistin
Фотографија: Ida Protuger-Veljkovic

„Заедно и сѐ е можно". На оваа маркетиншка порака за промоција на „Скопско", ме потсети пријател на социјалните мрежи кој напиша статус дека тоа според него е најдобриот слоган од осамостојувањето на Македонија.

Се согласувам дека е добар и моќен слоган. Ме инспирираше на анализа поттикната од актуелните случувања за тоа што може една група да направи заедно.

На пример, нашите фудбалери заедно, тимски, постигнаа резултат кој ги однесе на Европско првенство за првпат од осамостојувањето.

Нашите градски власти со заеднички сили ги покосија дрвјата на „Орце Николов“ прогласени за болни.

Здружени заедно, локалната и централната власт овозможија градење на висококатници на паркингот спроти „Холидеј Ин".

Дебармаалци, заедно со локалните здруженија „Зелен хуман град", излегоа на протест против сечата на Орце Николов.

Дефиниција за она што го викаме „заедно“, група, во социјалната психологија е интеракција на најмалку две индивидуи кои имаат заеднички идентитет и цел. Според целта, односно она ЗОШТО заедно, група се разликува од, на пример, збир на индивидуи случајно собрани на едно место во исто време, како посетители на кафе бар во летна вечер.

Важни карактеристики на групата освен целта, се и вредностите, правилата и идентитетот.

Во германскиот јазик има два збора кои ги разликуваат причината и целта, warum и wofür. Во англискиот официјално, а во македонскиот неформално зборот зошто се употребува за двете намени. Пандан на германскиот wofür би бил зашто. Не зошто, туку за што постои една група.

Какви вредности рефлектираме?

Со здружувањето во група, луѓето задоволуваат различни потреби. Потреба за припадност, за сигурност, потврда во околината каде се делува, самореализација. На пример за менаџер на една компанија, целта за самореализација преку резултатите од неговата работа не се можни без членовите на тимот, без другите луѓе како ресурс. Но она за што, врзивното ткиво на групата се идејата и вредностите според кои членовите се здружуваат.

На пример, член на здружение на мотоциклисти, без оглед што чувствува потреба за припадност, не би се чувствувал комотно како дел од група велосипедисти кои протестираат за велосипедска лента на улиците, освен ако самиот тој не го сака велосипедизмот истовремено.

Таа идеја и вредности го градат брендот на групата. Со делувањето на членовите во дух на тие вредности и целта на здружувањето, тие го комуницираат тој бренд, односно рефлектираат вредности кон околината каде делуваат.

На пример, групата која реши да ги отстрани дрвјата од „Орце Николов“ со образложение дека се болни, почна сеча без најава, без да приложи аргументи во вид на фитопатолошки наод. Потегот го бранеше со оправдувања и контраобвинувања. Таквите пораки рефлектираат вредности како нетранспарентност, ароганција, немање почит за граѓаните или пак манупулација, ако причината за нетранспарентноста лежи во обидот нешто да се прикрие.

Други колумни од авторката:

Имаме ли ние наше „Можеме“ за претстојните локални избори?

„Сопнувајќи“ се на среќата

Неизбежно збогум на „мирисот на книгата“

Ако го поставиме прашањето за што постојат градските власти? Дали за интересот на граѓаните, бидејќи во тој случај би требало да имаат силна потреба да ги комуницираат целите, или за партиски интереси и калкулации, каде граѓаните се небитен дел од равенката?

Реакцијата на засегнатите од политиките на градот кон актуелниот потег, беа протести, недоверба и незадоволство.

Групата која е македонска фудбалска репрезентација и која во моментот се натпреварува на европското првенство, од друга страна, комуницира вредности кои се ентузијазам, искрена желба и посветеност за победа. За што се здружени? За да дадат максимум што би ги однел во победа. Реакцијата на јавноста на ваквото комуницирање на брендот што за себе го гради тимот е поддршка дури и кога резултатот е пораз. Бидејќи фудбалерите успеале да искомуницираат со јавноста дека даваат максимум.

Некогаш во група луѓе се поврзуваат спонтано, според интересите и вредностите, а некогаш се дел од група (организација или институција) поврзани поради одредени потреби (егзистенција на пример). Тогаш е предизвик дали тие луѓе ќе се сплотат околу некои заеднички цели или ќе делуваат индивидуално, формално здружени.

Вредности прво се комуницираат интерно, во тимот, а потоа и со околината каде групата делува.

Многу важен предизвик во претприемништвото, на пример, е вработените во една компанија да станат тим, група која тежнее кон заедничка цел, наместо тоа да биде збир на индивидуи кои целта на менаџментот ја чувствуваат за туѓа и работат бидејќи немаат подобра опција.

Притоа, членовите на тимот може да се водени од различни интереси и мотивирачки фактори. Некому основен мотив му е месечна заработувачка, за друг главниот интерес е социјализација или задоволување на потребата за припадност, кај трет, место каде е можно да се потврди и да ги развие сопствените таленти и вештини.

Клучната улога на менаџментот е како ќе се постави кон вработените и нивните ресурси. Дали ќе ги инспирира тие да го дадат најдоброто од себе за цел која ќе ја чувствуваат за заедничка. Дали ќе ги обединат околу вредности во кои вработените ќе се препознаат? Дали формално ќе работат или суштински ќе придонесуваат? Тоа е всушност разлика помеѓу инструирање и инспирирање. Помеѓу практицирање моќ и инспиративно лидерство.

Ниту една платена реклама не може да прикаже вредности што во компанијата или институцијата не постојат. Бидејќи тие се комуницираат на многу нивоа во секојдневната комуникација и делување на вработените. Во организацијата и со околината.

Една од основните цели на една компанија е на пример профитот. Но, не е исто дали се тежнее кон профит при што членовите на тимот ќе се чувствуваат важна алка и заинтересирани за успехот, или профит каде вработените ќе се чувствуваат како инструмент. Ако вредностите на менаџерот или клучните луѓе се заедништво, почит кон другите, кон нивните ресурси и потреби, кои би ги вклучиле во целите, многу веројатно дека ќе имаат тим кој ќе биде мотивиран да ги постигне тие цели.

Освен зашто, важен елемент е како ќе се употребат ресурсите на групата.

На една работилница што ја следев, тренерот во обид да објасни што се точно ресурси, ги праша учесниците да претпостават колку години имаат сите членови на групата. Потоа рече дека ако збирот е 450 години, тоа значи дека толку години на искуство, во кое е содржано знаење, таленти, вештини и карактерни особености на учесниците е содржано во една просторија. Ако тие учесници имаат заедничка цел, свое wofür во здружувањето, сите тие ресурси тешки 450 години може да се искористат преку синергија во делувањето.

Ако се вратиме кај слоганот „Заедно и сѐ е можно“, таа синергија може да произведе креација или деструкција, прогрес или регрес, среќа или несреќа.

Една влада и нејзините членови ги ставаат во погон сите ресурси за цели во кои граѓаните можеби не го препознаваат сопствениот интерес. Рефлектираат вредности во кои мнозинството не се препознава.

Она што се случи на „Орце Николов“ ,или пак со „случајно" поклопување на интересите на инвеститорот кај паркингот спроти „Холидеј Ин" и делувањето на институциите, е исто така комуникација на вредности и цели.  Дали се препознаваат во нив, жителите на градот и на општина Центар одговорот ќе го дадат во октомври.

За фудбалерите, тие веќе можат да се вратат дома како победници.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми