Европскиот суд за човекови права ги осуди Литванија и Романија за толерирање тајни затвори на ЦИА на своја територија. Тужители беа двајца затвореници од Гвантанамо.
Реклама
Судиите од Стразбур меѓу другото на товар на Литванија и Романија ставаат „соучесништво во програмата на ЦИА за водење тајни затвори“, а во тие рамки „повеќекратни прекршувања на човековите права“. Надлежните власти во двете земји знаеле за постоењето на затворите и соработувале со американската тајна служба, свесни дека на тој начин ги кршат човековите права, аргументура Европскиот суд за човекови права. Судот расправаше по тужба на еден палестински апатрид и еден човек од Саудиска Арабија, кои во периодот од 2004. до 2006. година илегално биле задржани во „црните места“ на ЦИА во Литванија и Романија и таму биле подложувани на мачења. Во меѓувреме двајцата биле интернирани во контроверзниот американски логор на Куба, Гвантанамо.
Во внатрешноста на Гвантанамо
Гвантанамо 14 години беше мистерија. Фотограф на агенцијата Ројтерс пред неколку месеци ја прикажа внатрешноста на американскиот затвор на Гвантанамо Беј, со кои се добива нов поглед врз контроверзниот затворенички логор
Фотографија: Reuters/L. Jackson
Ретка посета
Фотографот Лукас Џексон отпатува во американската база Гвантанамо Беј на Куба по повод посетата на американскиот претседател Обама на неговиот кубански колега Раул Кастро. Тој доби дозвола да фотографира во Camp VI. На оваа фотографија е прикажана просторијата за јадење и дел од ќелиите.
Фотографија: Reuters/L. Jackson
Убивање време
Затворениците во Camp VI имаат дозвола за гледање телевизија. Гвантанамо Беј е предмет на критики ширум светот уште од отворањето, во 2002. година, поради тоа што тука се држат затворени лица без налог за апсење или обвинение.
Фотографија: Reuters/L. Jackson
Животен простор
Едноставен кревет, отворен тоалет - така живее еден затвореник во Гвантанамо Беј. Нејасно е дали навистина сите затвореници живеат токму во такви ќелии. Претседателот Обама одамна сакаше да го затвори затворот.
Фотографија: Reuters/L. Jackson
Затворска библиотека
Овде затворениците може да читаат книги на арапски и на англиски јазик, и тоа под постојан надзор. Колку навистина се користи библиотеката и дали навистина сите затвореници може да уживаат во овој „луксуз“, ДВ не можеше да провери.
Фотографија: Reuters/L. Jackson
Медицинска нега
Џексон доби дозвола за фотографирање и во затворската болница, како на пример овие полици за лекови.
Фотографија: Reuters/L. Jackson
Животот во Гвантанамо
Џексон ретко имаше можност да фотографира затвореници. Фотографијата од овој затвореник, очигледно направена преку жица или прозорец, е исклучок.
Фотографија: Reuters/L. Jackson
Под постојан надзор
Најлошите услови, како отворените кафези на пеколното сонце кои ги имаше во првиот провизориум на Camp X-Ray, на почетокот на 2002. година, се очигледно отстранети. Но и денес затворениците речиси немаат воопшто приватност и се под постојан надзор.
Фотографија: Reuters/L. Jackson
Пред затворање?
На почетокот во воената база беа затворени околу 800 лица, а денес нивниот број е под сто. Борците за човекови права се надеваат на затворање на заворот, но нејасно е каде потоа би биле префрлени преостанатите затвореници.
Фотографија: Reuters/L. Jackson
8 фотографии1 | 8
Палестинецот бил осомничен од страна на САД за учество во планирањето на нападите врз Светскиот трговски центар во Њујорк на 11. септември 2001. година, а Саудиецот за извршување напади врз бродови.
Романија и Литванија, преку вклучувањето во спорната програма на ЦИА, ги прекршиле и одредбите против тортури, правото на слобода и безбедност на барателите на азил, како и правото на приватна сфера, пресуди Судот. Романија на едниот од тужителите треба му плати отштета од 100.000 евра, а Литванија на другиот 130.000 евра. И двете страни имаат право на жалба.