Ципрас бара отпис на долговите
3 јули 2015 Грчкиот премиер Алексис Ципрас во денешното обраќање на нацијата уште еднаш ги повика сонародниците на референдумот в недела да гласаат со „НЕ“. Народот мора да им каже „не“ на уцените и ултиматумите, рече Ципрас во говорот преку телевизија. Премиерот побара отпишување на 30 од долговите на неговата земја, како и мораториум за отплата за наредните 20 години. Ципрас нагласи дека извештајот на ММФ за неопходноста од натамошна финансиска помош и отпишување на долговите за Грција го оправдува отфрлањето на последниот поредлог на Еврогрупата. Изјаснувањето на референдумот не е за или против останување на Грција во еврозоната, истакна премиерот.
Шефот на Еврогрупата, Холандскиот министер за финансии Јерун Дајселблум, напротив, вчера изјави дека „не“ како исход на референдумот би го трасирало патот кон излегување од еврозоната. Дајселблум денеска беше повоздржан и рече дека „решението треба да го донесат Грците“. Но, во секој случај нагласи дека независно од исаходот на референдумот на Грција и’ претстои „екстремно тешка“ иднина.
Претседателот на Комисијата на ЕУ Жан-Клод Јункер, спроти утрешниот референдум, ги предупреди Грците да не се изјаснуваат со „не“. Тоа не би ја подобрило, туку драматично би ја влошило преговарачката позиција на Грција. Но, и со „да“ сепак би претстоеле тешки преговори.
Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле денеска нагласи дека нема да биде можна итна помош за Грција по референдумот. Доколку дојде до нови преговори, тие, според Шојбле, ќе бидат многу тешки и долготрајни, „оти ситуацијата во Грција последните недели драматично се влоши“.
Канцеларот Ангела Меркел, пак, изјави дека во случај на натамошна помош за Грција, смета дека во неа и натаму треба да биде вклучен и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Од Москва, пак, доаѓа информацијата дека грчката влада, според зборовите на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, на владата на Русија не и’ упатила никакво барање за финансиска помош.
Европската централна банка (ЕЦБ) в понеделник ќе разговара за евентуални натамошни кредити за итна ликвидност за Грција, најави Евалд Новотни, шеф на австриската централна банка.
Во Грција се појави проблем со недостиг од банкноти од 20 евра, па затоа на банкоматите наместо по 60, ќе се издаваат само по 50 евра дневно.