1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас дели божикни подароци

Јанис Пападимитриу
21 ноември 2017

По скратена постапка, грчкиот парламент одобри социјален пакет од 1,4 милијарди евра. Конзервативната опозиција обвини за измама, но сепак гласаше за предбожиќната еднократна парична помош за најсиромашните граѓани.

Griechenland Athen Alexis Tsipras im Parlament
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Паричните подароци се наречени „социјална дивиденда“, што го имплицира неочекувано поволниот развој на државните приходи во тековнава година, па од економскиот подем на Грција треба да профитираат и посиромашните. Левичарската грчка влада својата великодушност ја образложува со значителниот примарен суфицит во државниот буџет,  што значи во него се слеале многу повеќе пари отколку што се одлеале, ако не се земат во предвид издатоците за камати. Тоа на премиерот Алексис Ципрас му отвори финансиско-политички маневарски простор за токму пред Божик да подели парични подароци на социјално слабите граѓани. „Ова е согласно со нашата идеологија, тоа е нашата душа“, рече по тој повод во парламентот портпаролот на пратеничката група на владејачката левичарска партија, МакисБалаурас.

За Јоргос Цогопулос, аналитичар во атинската тинк-тенк ЕЛИАМЕП, тука постои диференцираност, од еднастрана, Ципрас во текот на изминатите години претрпе одредена трансформација, па себе си веќе не се гледа во улога на левичарски активист, во мисија да ја промени Европа, туку буџетски одговорен политичар кој делува во рамките одредени од кредиторите. Но, аналитичарот во разговор за Дојче веле укажува и на следното: „Во овие рамки, Ципрас сепак се обидува да има обзир и кон категоријата на социјално најзазгрозените, оние на дното на социјалата. Тоа наидува на добар прием кај граѓаните со ниски заработувачки и кај пензионерите.“

Од т.н. „социјална дивиденда“, која се доделува според строги критериуми за остварените приходи, ќе профитираат близу три милиони граѓани. На пример, самохраните лица со годишни приходи до 9.000 евра ќе добијат еднократна помош меѓу 250 и 450 евра, додека сумата за брачни двојки со две деца изнесува до 900 евра.

Ципрас е под постојан притисок - протести поради мерките за штедење, архиваФотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

Суфицит - реалност или фикција

Премиерот Ципрас ја најави можноста од продолжување на праксата на парични подароци, доколку државните приходи и натаму растат, во што тој е уверен. Владините пресметки велат дека примарниот вишок во државната каса кој оваа година е 1,75 проценти, в година веројатно ќе биде уште поголем. „Премиерот си игра Дедо Мраз“, се потсмеа конзервативниот водач на опозицијата, Киријакос Мицотакос во парламентот. Буџетски суфицит во Грција е забележан само поради тоа што државата ги запре исплатите и ја пренатовари средната класа со дополнителни даноци, смета економско-либералниот политичар. Со тоа не се согласува министерката за труд, Ефи Ахциоглу: „Вишокот настана првенствено поради растоварувањето на социјалните каси, што пак е предизвикано од намалената невработеност и зголемените социјални придонеси“, потенцираше министерката во парламентот, дополнувајќи: „Кон подобрување на државните финансии придонесе и регулирањето на старите долгови“.

Без оглед на жестоката критика, сите опозициски партии во парламентот, со исклучок на десно-екстремистичката Златна зора, гласаа за еднократните парични исплати за најсиромашните. Политикологот Цогопулос тука детектира извесна ориентациска дилема кај конзервативниот лидер на опозицијата, Киријакос Мицотакис: „Програмата за штедење за сите потенцијални премиери, помалку или повеќе, би била зададена од страна на кредиторите. Во тие рамки Ципрас меѓутоа посредува впечаток на засилена грижа за социјално слабите граѓани, а прашање е дали Мицотакис има подготвена веродостојна контрапонуда.“

И опозицијата гласаше за паричната помошФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Чекајќи ги кредиторите

Ципрас веќе манифестираше дарежливост на крајот на годината, лани во декември поради навестувачкиот примарен суфицит им подели 600 милиони евра на примателите на најниски пензии. Уште тогаш конзервативната опозиција критикуваше за маневар за одвлекување на вниманието според принципот: „десе џеб, лев џеб“. Ниту кредиторите на Грција не покажаа голема одушевеност поради паричните подароци, со оглед што очигледно не биле координирани со нив. Дали годинава ќе имаат поголемо разбирање, наскоро ќе се знае, зашто во следните денови во Атина се очекува доаѓање на тимот кој врши контрола на грчките напори за штедење. Но, одлука околу исплата на следната кредитна транша на Грција не се очекува пред јануари 2018. година. „Претпоставувам дека кредиторите се согласни да им се исплати еднократна помош на најсиромашните, инаку се сомневам дека ни следат натамошни мерки за штедење“, вели Цогопулос.

Дебатата околу паричната помош во парламентот падна во сенка на  катастрофалната поплава во Атина,  во која животот го загубија 21 лице, а многу жители останаа без покрив над гчлавата. Ципрас и тука треба да посегне во џебот и вети итна помош од 5.000 евра по домаќинство. Можеби очекува трошоците, односно барем дел од нив, да ги преземе ЕУ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми