1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас: В година кризата за Грција ќе биде завршена

11 септември 2017

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во Солун го отвори Меѓународниот саем за трговија и изнесе прилично оптимистички прогнози. Но, на отворањето на саемот не се зборуваше за главниот проблем на Грција - данокот.

Griechenland Alexis Tsipras Thessaloniki PK
Фотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS

Во Солун се одржува 81. Меѓународен саем на трговијата. За Грците, овој настан е интересен, зашто во таа прилика грчкиот премиер, како и претседателот на опозицијата, ги презентираат своите политички програми за следната година. Така, грчкиот премиер Алексис Ципрас пред претставниците на политиката и стопанството најави: „Во август 2018. година кризата во Грција ќе биде конечно завршена.“ Значи, во моментот кога завршува меѓународната кредитна програма за Грција.

Пораката на вечерта, која ја упати Ципрас, гласи: наскоро ќе застанеме на сопствени нозе. Тој не сака да зборува за минатото, туку за онаа иднина, која Грција ја има заслужено. Целта е да се создадат услови за развивање на старт-ап претпријатија, туризам, земјоделство и дигиталниот сектор. Грчкиот премиер зборуваше за програми за поддршка во вредност од неколку милијарди евра, кои „би се користеле посебно“ , како и за микрокредити за мали и средни претпријатија, кои, како што нагласи, најмногу ја почувствуваа кризата.

Сите мора да профитираат од развојот

Актуелните податоци будат надеж. Атина лани остварила примарен суфицит од 3,5 проценти и со тоа ги надмина очекувањата на кредиторите. Намален е и драстичниот број на невработени за шест проценти, па сега изнесува 21,7 насто. Благодарејќи на реформите, Грција стана интересна за инвеститорите, смета премиерот, мислејќи притоа на неодамнешната посета на францускиот претседател Емануел Макрон и неговата најава за поинтензивна економска соработка. За волја на вистината, стопанството во Грција расте, но полека. Меѓутоа, Ципрас знае дека од тоа корист ќе имаат само мал број луѓе, па затоа инсистира: „Потребно ни е во Грција да создадеме услови во кои сите ќе имаат подеднакви шанси. Сите мора да профитираат од економскиот раст.“

81. саем за трговија во Солун, трае до 17. септемвриФотографија: DW/F. Schmitz

Големи даночни оптоварувања

Асимениа Хасипанајоту на својот саемски штанд само одмавнува со глава на изјавите на премиерот. На нејзиното семејно претпријатие не му цветаат рози, а таа не верува во подобрување на ситуацијата во догледно време: „За нас кризата уште не е помината. Уште не можеме да живееме од она што ќе го заработиме.“ 

„Виновник за тоа е првенствено високото даночно оптоварување“, смета Николас Талумис. Овој 36-годишен претприемач има деловни партнери во прв ред во странство, па слабиот внатрешен пазар во Грција има мало влијание врз неговите приходи. Негов голем проблем е фактот што 63 проценти од заработувачката отишле во државната каса. „Како сопственик на претпријатието, јас сум вработен во него. Државата процентуално заработува повеќе од мене“, истакнува Талумис, жалејќи се и на непредвидливиот државен апарат. 

Ципрас и за оваа проблематика најде пригодни зборови: „Во минатото беа вложени повеќе милијарди евра во реформа на јавниот сектор. Но, ништо не се случи“. Ова истовремено беше и негова критика на адреса на претходната влада. Сега тоа би требало да се промени. Тој најави брза дигитализација.

Асимениа Хасипанајоту (лево) и нејзината ќерка не веруваат во скоро подобрување на економската ситуацијаФотографија: DW/F. Schmitz

Големи давачки за самостојните претприемачи

Меѓутоа, ситуацијата во грчката администрација сѐ уште е хаотична. Последиците од тоа најмногу ги трпат самостојните претприемачи, кои сочинуваат речиси една третина од даночните плаќачи во Грција. Традиционално, тие во Грција не се на добар глас. За самостојните бизнисмени се вели дека се затајувачи на данок. Но, во време кога младиот стручен кадар тешко заснова регуларен работен однос, единствен излез е самостојно претприемништво. Поради тоа, грчкиот премиер пред изборот на должноста во јануари 2015. година, вети транспарентен и чесен даночен систем. Меѓутоа, ситуацијата се влоши наместо да се подобри.

Тениа Менејаки, иницијаторка на еден старт-ап, вели дека „наш проблем, покрај високите давачки, е тоа што постојано нешто се менува. Постојано се усвојуваат нови закони и мора да им се прилагодуваме. Едноставно, недостига стабилност и доверливост“.

Ваквата ситуација во прва линија оди на штета на внатрешниот пазар. Во Атина и во Солун и натаму зјаат голем број празни деловни простории. Значителен број продавници е затворен, зашто немало доволно муштерии. Така, на многумина им останува само можноста од затајување данок или среќата да си ја побараат во странство. „Малите и средните претпријатија се оданочуваат исто како и големите концерни“, вели Менејаки и додава: „Потребен ни е даночен модел кој ќе се ориентира кон реалните приходи.“

Ципрас во својот говор не зборуваше на оваа тема. Пред сѐ, затоа што условите за кредити во износ од повеќе милијарди евра, кои го спречија банкротот на неговата земја, не му овозможуваат голем маневарски простор. Токму високиот данок притоа е причина за малата заинтересираност за инвестиции во Грција. Но, една од причините е и тоа што стручната работна сила веќе ја напушти Грција.

„Само фер-развој може да води кон стабилност“, истакна Ципрас во Солун. Но, во тоа нема да помогнат само средствата за поддршка.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми