1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас - убедлив победник на трнлив пат

Ј. Пападимитриу/З. Јордановски21 септември 2015

Реакции на изборите во Грција: изненадувачки убедлива победа на Сириза и на Ципрас лично. Од Брисел порачуваат: Мерките за штедење мора да се спроведат.

Фотографија: Reuters/M. Karagiannis

Сириза постигна убедлива победа и покрај празната државна благајна, контролите на капиталот и интерните партиски турбуленции. „Тоа беше голема победа за Сириза и секако лична победа на Ципрас“, оцени политичкиот новинар Антонис Делатолас на телевизијата Антена. На Ципрас му успеа да биде реизбран иако ги потпиша договорите со кредиторите и наметнатите мерки за штедење. Неговиот претходен ќе биде и иден коалиционен партнер: деснопопулистичката партија Анел (Независни Грци) и Сириза заедно ќе имаат 155 од вкупно 300 пратеници во парламентот.

Истовремено, фракцијата што се отцепи од Сириза и ја формира партијата Народно единство, со цел да ги отфрли реформите и да ја врати драхмата во Грција, не успеа да влезе во новиот состав на парламентот. „Тоа беше вистинско решение, но времето беше прекратко за нас“, објасни Статис Леуцакос, поранешен партиски соборец на Ципрас. За само 20 дена партијата не можела доволно да ги информира луѓето. Но борбата продолжува, рече Леуцакос во ТВ-интервју.

Отрезнување кај конзервативците

Конзервативната опозициона партија Нова демократија сепак не испадна рамноправен противник на Сириза, иако успеа за само шест недели да ја намали разликата во анкетите на јавното мислење од 20 на 7 процентни поени. Евангелос Меимаракис, 62-годишниот шеф на партијата, го предупреди Ципрас дека согласноста на Нова демократија за договорот со кредиторите не значи и согласност за секоја поединечна мерка за штедење. Значи, во иднина нема „бланко-чек“ за реформите што ќе мора да ги спроведе новата влада, како што беше во парламентот при усвојувањето на договорот, кога Ципрас немаше сопствено мнозинство, а доби поддршка од опозицијата. Јоргос Кумуцакос, пак, смета дека е време Нова демократија да се „обнови“ - не само со нови лица, туку првенствено со нови политички содржини.

Вчудовидување предизвика дека деснорадикалната Златна зора повторно ќе биде трета политичка сила во парламентот, иако против сите водечки личности се води кривична постапка поради „формирање криминална организација“, а Никос Михалолиакос, шеф на партијата, неприкриено ја презема политичката одговорност за убиството на левичарскиот активист и музичар Никос Фисас во септември 2013 година. Михалолиакос објави дека неговата партија и натаму „ќе се бори против илегалното доселување“.

Лидерот на Нова демократија, Вангелис МеимаракисФотографија: Reuters/M. Karagiannis

Слаба излезност, расцепкан партиски пејзаж

Во парламентот ќе бидат застапени осум партии, како никогаш досега по повторното воспоставување демократија во 1974 година. Изненадување е Унијата на центарот, чиј шеф Василис Левентис со децении е култна фигура на телевизиски кич-програми, а во предизборната кампања бараше укинување на привилегиите за политичарите.

Излезноста на изборите беше 56 проценти, иако во Грција гласањето е обврска. Само на европските избори во 2009 година е забележана помала излезност.

Брисел: Реформите мора да се спроведат

За европратеникот на ЦДУ Херберт Ројл е зиненадување убедливата победа на Ципрас, но тој нагласи: „Мнозинството на грчкото население одбра еден курс кој гласи: Да, ние ќе продолжиме со реформите и штедењето“.

Европратеникот на либералите Александер гроф Ламбсдорф позитивното во убедливата победа на Ципрас го гледа во фактот дека тој самиот се обврза на реформи, кои и’ се итно потребни на Грција: „Тој сега мора нив да ги спроведе. Ако се дистанцира од нив, како што навести во предизборната кампања, тогаш веднаш ќе се актуелизира дискусијата за грекзит“.

На Грција сега и’ е потребна стабилна влада, порача преку твитер претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц. А грофот Ламбсдорф смета дека за Ципрас би било најдобро да коалицира со партија од центарот на политичкиот спектар, наместо со десните националисти од Анел, што би било од полза за неговата веродостојност. Но, Ципрас очигледно не сака нов партнер.

Удо Булман, претседател на групата на евопските социјалдемократи, нагласи: „На Грција сега и’ треба политика на социјално порамнување. Досега цехот го плаќаа само малите, а придонесот на големите за спасување на земјата беше мал или воопшто никаков“.

Либералот Ламбсдорф нагласува дека треба тековно да биде контролирано дали ќе бидат исполнувани реформските ветувања, а од резултатот ќе зависи исплатата на милијардите евра од кредитот. „До октомври Грција мора да ги реализира наредните важни реформски чекори“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми