1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Црвените линии“ на Заев го бришат Груевски

Костадин Делимитов7 јуни 2015

Лидерот на СДСМ вели дека патува во Брисел со јасни и дефинирани ставови, но дали се тие и реално остварливи? Експертите се поделени во оценките

Фотографија: MIA

Зоран Заев ги расчисти дилемите околу средбата со Јоханес Хан. Дефинитивно патува во Брисел со ултимативно барање во куферчето, транзициска влада без премиерот Никола Груевски. Лидерот на СДСМ ја донел оваа одлука откако во телефонскиот разговор еврокомесарот за проширување му потврдил дека на 10 јуни во Брисел ќе се разговара за преодна влада:

„Тој јасно стави до знаење дека во Брисел ќе се разговара за преодна, или како што сега ја нарекуваат ’транзициска’ влада. Без тоа ништо од се‘ она што беше договорено во Скопје, не само за датумот за предвремени избори, туку и за сите други детали како работни тела, измени во изборното законодавство, избирачки список, како и поглавјата за реформи во правосудството и медиумите и се‘ останато – не важи! Ние ќе инсистираме таа преодна, транзициска влада да биде без Груевски. Може да биде целосно експертска, може да биде и политичка, композитна влада, од сите партии во парламентот, може да биде предводена дури и од член на ВМРО-ДПМНЕ, но не од гарнитурата која е целосно инкриминирана. Но, никако од Никола Груевски, кој е прв и најодговорен за таа инкриминација“, изјави Заев во интервју за порталот Кирилица, во кое меѓу другото најави и дека од утре, понеделник, ќе продолжи објавата на т.н. „бомби“.

Заев не отстапува: влада само без ГруевскиФотографија: Reuters/O. Teofilovski

„Заев нема друга опција“

Ваквите ултимативни ставови на лидерот на опозицијата за дел од аналитичарите се очекувани. Дел од нив сметаат дека Заев нема алтернатива, освен да игра на цврста карта:

„Тоа што го кажува претседателот на СДСМ Зоран Заев е разбирливо. Друга опција нема, а и кажана е црвената линија. Не може некој кој е осомничен по повеќе основи, вклучувајќи и фалсификат на избори, да се наоѓа на чело на преодна влада која ќе подготвува терен и услови за избори и кои истите ќе ги спроведува. Тоа не оди. Оттука сметам дека позициите на Заев се сосема разбирливи. Што се однесува пак до неговите најави дека од понеделник ќе продолжи објавата на бомбите, лично сметам дека тие воопшто досега и не требаше да престане да ги објавува“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Јове Кекеновски.

„Лидерот на СДСМ има преамбициозен став“

Дел од експертите пак забележуваат дека Заев несериозно настапува во целиот процес. Инсистирањето на неговите т.н. црвени линии е премногу амбициозен став, смета универзитетскиот професор Димитар Мирчев:

„Мислам дека беше многу неодговорно целото ова најавување на учеството во Брисел, одам- не одам, што не доликува на одговорни политичари или партии. Но претпоставувам дека тоа е подлога за некој поен или попуст кај меѓународните посредници. Се‘ на се` веројатно е добро што сепак ќе оди. Како и да е, на првата средба со Хан, беше јасно , кристално речено дека нема разговори или преговори со ултиматуми, на било која основа. Ова што сега го спомнува Заев е слична работа како во спорот со Грција, има некоја црвена линија и на Грците и на Заев од која не може да се надмине. Но, тоа апсолутно не е продуктивно и перспективно, да се инсистира на влада без Груевски, или без владејачката коалиција каде има и албански партии кои немаат такви амбиции. Ми се чини дека ќе треба тој став да се флексибилизира, да се стесни во амбициите и да се дојде до некоја реална солуција“, смета Мирчев.

Никола Груевски опстојува: решение само со почитување на волјата на последните избориФотографија: picture-alliance/epa/G. Licovski

Во целата оваа какафонија Мирчев предупредува дека се заговараат сценарија кои се проблематични од уставен аспект. Конечното решение, според него, никако не смее да го суспендира законодавниот дом:

„Нема таква солуција надвор од парламентот, никаква влада, ниту транзициска, или реконструирана за која јас се залагам, не може да биде предмет на договори надвор од собранието затоа што со тоа го рушиме уставот. Никакво решение надвор од уставот не може да се донесе. Во ниту една од одредбите, никаде не е предвидена преодна, транзициска, или Влада на национално единство. Не можеме заради амбициите на Заев и донекаде оправданите реакции за она што се случува, да се руши уставот. Но мислам дека тоа нема да успее, а и нема да си го дозволиме“, предупредува Мирчев.

Ставовите на Заев на пат кон Брисел како што тој самиот вели, се јасни и дефинирани. Оние на власта пак повеќепати повторени, решение мора да се најде, но тоа мора да биде одраз на волјата на народот изразена на последните избори. Патот кон Брисел дефинитивно е отворен, но дали и кон конечен договор за излез од актуелната политичка криза и стабилизација на земјата? Одговорот на оваа клучна дилема ќе биде појасен во среда, 10 јуни!

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми