1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски се сретна со Обединетата македонска дијаспора

Горан Момировски 22 септември 2008

Македонскиот претседател Бранко Црвенковски во Њујорк имаше средба со претставници од Обединетата македонска дијаспора. Иселениците побараа од него државниот врв да има координиран став за работите од суштински интерес.

Бранко Црвенковски, претседател на Р. МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski

На средбата со претставници од Обединетата македонска дијаспора во Њујорк, македонскиот претседател Бранко Црвенковски најави дека новата рунда преговори за решавање на спорот со Грција, што медијаторот Метју Нимиц ќе ја закаже за десетина дена треба да донесе многу појасна позиција во преговорите за името.

Главна задача е да се одбрани идентитетот

Ако спорот сега не се реши најверојатно ќе има подолга пауза од околу една година, поради изборите во Македонија и Грција, но и смената на американската администрација. Период во кој Македонија нема да добие покана за членство во НАТО и нема да почнат преговорите со ЕУ, смета претседателот. Според него, заблуда е дека Грција има повеќе време, бидејќи со зголемувањето на бројот на земјите кои Македонија ја признале под уставното име, Атина станува нервозна и сака брзо решение.

Главна задача сега е да се одбрани идентитетот, името на нацијата, името на јазикот, рече претседателот не прецизирајќи дали, ако овие прашања се надминат Македонија треба да прифати додавка на името. „Да дојдеме до решение во кое што ќе се содржи дека јазикот ни е македонски, а народот македонски, нацијата македонска, тогаш, ние ја елеминраме опасноста од обезличување на националниот идентитет, било на народот, било на деловите од нашиот народ (...) Ако се дојде до некое решение со коешто нема да се загрози нашиот национален идентитет, тогаш можеме да сметаме дека може да се дојде до заемно прифатлив договор.“ изјави претседателот Црвенковски.

ОМД бара заедничка национална стратегија

Откако претседателот побара од дијаспората да биде единствена и да не се дели по ниедна линија, претседателот на ОМД, Мето Колоски, одговори дека државниот врв мора да има координиран став за работите кои што се од суштински интерес.

За ОМД е неприфатливо пред две недели премиерот во Америка да дојде со своја анализа на работите, а сега претседателот со сосем поинаква. „Од страна на Обединетана македонска дијаспора се потенцираше дека ние не прифаќаме ни додавки, ни придавки на уставното име на Република Македонија и дека треба да се изгради национална стратегија околу името. Претседателот и премиерот со ист, цврст став мора да излегуваат и пред дијаспората и пред меѓународните институции.“ изјави Мето Колоски од ОМД.

Бакојани: нема потврдени средби со никого освен со медијаторот

Истовремено додека македонскиот претседател Црвенковски се среќаваше со Македонците во САД, грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани ги брифираше грчките новинари за нејзините планови. Нема потврдени средби со никого освен со медијаторот Нимиц, изјавила Бакојани која средбата со македонскиот министер Антонио Милошоски во Париз ја дефинирала како политичка, при што не бил анализиран последниот пакет од медијаторот Нимиц.

Средбите на македонската делегација со посредникот во спорот Метју Нимиц и американскиот помошник државен секретар Даниел Фрид се закажани за в среда.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми