1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Црвеното е мојот живот“

Бернд Ригерт/Б. Георгиевски24 мај 2014

Тој нема дилеми дека сака да биде прв човек на ЕУ, иако не е фаворит на изборите. Дојче веле го портретира социјалдемократот Мартин Шулц во пресрет на европските избори.

Фотографија: Reuters

Мартин Шулц без размислување одговара на прашањето која е неговата омилена боја: „Црвена. Јас им припаѓам на 'црвените'. Тоа е мојот живот“.

Повеќе од три децении Шулц е активен меѓу 'црвените'- името под кое е позната германската Социјалдемократска партија- СПД. Најпрво како градоначалник на родниот Вирселен, потоа и како лидер на социјалистите во Европскиот парламент, а како круна на тој дел од кариерата и како претседател на Европскиот парламент. Сега е кандидат за претседател на Европската комисија.

Кај него нема игра со зборови или прикривање на амбициите: „Потребни ни се храбри луѓе. Доколку ми дозволите, ќе бидам јасен: еден од нив седи пред вас токму сега“, порача Шулц за време на неодамнешната дебата на кандидатите за претседател на ЕК.

Шулц сака да биде на исто рамниште со лидерите на ЕУФотографија: picture alliance/AP Photo

Да се врати довербата

Вели дека ќе стори сѐ за да им служи на обичните луѓе- особено оние кои се скептични во однос на застрашувачката комплексност на европскиот апарат. „Една од главните забелешки која ја слушам, без разлика каде се наоѓа во Унијата е дека присуството на ЕУ се чувствува насекаде, но луѓето немаат никакво влијание врз нејзините одлуки“. Токму тоа сака Мартин Шулц да го промени, и затоа се надева дека ќе стане претседател на ЕК.

Не сите во Брисел се одушевени од неговата острина. Честопати е многу остар и не бега од директни конфронтации со неговите опоненти. Дури и на вработените во неговата канцеларија знае често да им порача: „Сите сте отпуштени!“ Сето тоа е на шега, инистира тој, но не ги крие своите грешки- дека понекогаш е премногу сигурен во себе и дека сака многу нешта, премногу брзо.

Разочаран фудбалер

Шулц беше принуден на себепреиспитување во раната фаза од животот. Неговиот сон да стане професионален фудбалер беше прекинат на 24-годишна возраст кога го повреди коленото. Депресивен и разочаран, утеха побарал во алкохолот. Во тоа тешко време, депримиран и со желба да си го одземе животот, го спасил неговиот брат Ервин, инаку доктор.

Фудбалот останува голема љубовФотографија: picture-alliance/dpa

Неговиот прв следен чекор бил да отвори книжарница. Иако никогаш не посетувал Универзитет, Шулц е незаситен читач. Вели дека чита и по три книги во истовреме. Наскоро потоа влегол во светот на политиката и ја почнал кариерата во СПД.

На честите забелешки дека нема никакво искуство во раководење со влада и дека поради тоа не е вистинскиот човек на чело на ЕК, Шулц е уверен дека тоа не е мана. „Бев градоначалник на мало градче. Но директно ги решавав проблемите на луѓето на дневна основа. Мислам дека сега на Брисел му е потребен некој кој ги познава овие проблеми и кој сериозно ќе им пристапи“, вели Мартин Шулц.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми