Еден бакнеж како симбол на отпорот
13 мај 2015 Во текстовите влијателните германски весници како на пример Зиддојче цајтунг, Ди велт, Франкфуртер алгемајне цајтунг во своите онлајн изданија посветуваат големо внимание на оставките на министрите за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиевски, како и на, како што велат, шефот на тајната служба Сашо Мијалков. Притоа тие главно се повикуваат на информациите од македонските медиуми. Дел од весниците објавуваат и пошироки стории посветени на различни аспекти од кризата во Македонија
Весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг на пример се осврнува на напрегнатата состојба во Македонија во текстот под наслов „Растат фрустрациите во Македонија“. ФАЦ притоа пишува дека ако се суди според изјавите на претседателот Ѓорѓе Иванов кој на Западот му припишува дел од вината за судирите во Куманово, тогаш политичката криза и вооруженото насилство имаат и друга заднина:
„Иванов рече дека за избувнување на насилството во крајна линија е виновна и 'десетгодишната блокада' која ја попречува неговата земја да им пристапи на ЕУ и на НАТО. 'Бесмислено е да се создава непосредна врска меѓу неодамнешните случувања и задоцнетото пристапување во Унијата и Алијансата', вели Владимир Глигоров, економист на виенскиот Институт за меѓународна економија и син на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. 'Ама вистина е дека Западот со својата тактика на одолговлекување ги поттикнува фрустрациите а и себеси си ја ускратува можноста за умерено посредување во Македонија'. Глигоров во врска со тоа потсетува на фактот дека токму изгледите за пристап во ЕУ во 2001 година ја смирија ситуацијата во Македонија, која тогаш се закануваше да ескалира, Таа година Македонија и ЕУ потпишаа Договор за стабилизација и асоцијација. Хрватска во истата таа година потпиша ист таков договор и во 2013. беше примена во ЕУ. Македонија е далеку од тој чекор“, пишува ФАЦ, потсетувајќи на споровите со Грција и Бугарија, кои, меѓу другото го спречуваат натамошното напредување на Македонија на патот кон Европската унија, иако како што нагласува Глигоров, земјата ги има исполнето сите услови за започнување на пристапните преговори.
„Македонија на економски план стои подобро отколку соседните земји-членки на ЕУ, Бугарија и Грција. Во 2014. година Брутодомашниот производ оствари реален раст од 3,5 проценти. Тоа во рамките на ЕУ ѝ појде од рака само на Унгарија. За 2015. година се очекува ист раст, со што би можела да се достигне Полска. Финансиите се релативно стабилни, ама стапката на невработеност од 28 насто е вознемирувачки висока. На политички план земјата е нестабилна. Владата ги монополизира моќта и парите и тоа доведува до големи тензии', заклучува Глигоров“, а пренесува ФАЦ.
Кармин наместо страв
„Таа демонстрираше против македонската влада и притоа бакна штит на еден полицаец. Една фотографија ја направи Јасмина Голубовска, икона на отпорот“. Вака весникот Зиддојче цајтунг го започнува текстот посветен на протестите во Македонија.
„Листата на невообичаени симболи на отпорот е долга а сега мора да се прошири. Во моментов на социјалните мрежи една млада жена станува политичка икона-поради нејзиниот сјајно црвен кармин. Една фотографија покажува група луѓе притисната од полицајци. Младата жена очигледно нема страв од луѓето кои во силен оклоп стојат спроти неа. Таа си ги шминка усните со црвен кармин и притоа како огледало користи еден полициски штит. ' Кармин наместо страв-ова би можело да се прогласи како нова идеологија', коментира една корисничка на Твитер. Која е младата жена и како е настаната сликата - тоа долго беше загатка на социјалните мрежи“ , пишува Зиддојче цајтунг, и веднаш упатува на одговорот: „ Во меѓувреме е јасно младата жена е Јасмина Голубовска, има 30 години и доаѓа од Македонија- земја која во моментов се наоѓа во тешка политичка криза. Постојат индиции за масивна корупција и државно заташкување на убиство. Покрај тоа кружат гласини според кои владата ги инсценирала последните судири во Куманово. Со недели наназад во главниот град Скопје протести “, пишува во текстот на Зиддојче цајтунг кој во продолжение ја цитира изјавата на Јасмина Голубовска дадена за блогот „Дејли дот“ за тоа како настанала сега веќе прочуената фотографија направена за време на протестите пред македонската влада на 6. мај.
„Според Голубовска која работи како координаторка на проект во Хелсиншкиот комитет за човекови права во Македонија, на тој протест таа два часа се обидувала да ги убеди полицајците да ги тргнат нивните штитови и да се приклучат кон протестот против владата. Конечно сакала на штитот на еден полицаец со кармин да нацрта срце, но тој го одбил тоа. ' Потоа си ставив кармин и го бакнав штитот. Тој не беше премногу среќен поради тоа', вели Голубовска, која смета дека преку оваа фотографија луѓето можат да видат и да прераскажуваат за она што се случува во Македонија. 'Така можеме да извршиме поголем притисок врз властите', вели таа. По најновите инциденти веќе паднаа оставки во македонската влада, но премиерот Груевски е сѐ уште на власт. Луѓето во Скопје в недела повторно имаат намера да излезат на улица за да протестираат против него“, завршува текстот во Зиддојче цајтунг.