1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црквите пример за соживот меѓу верниците

Милчо Јованоски25 декември 2012

Две цркви, православна и католичка во Охрид, заеднички им помагаат на верниците. Ги сврзува Дневниот центар за лица со посебни потреби. Свешетениците на овој начин се поблиску до народот.

Фотографија: DW

Црквите „Свети Ѓорѓи“ и „Светите Бенедикт, Кирил и Методиј“, едната православна, другата католичка речиси една деценија се мост за соработка меѓу двете религии и пример за соживот. Плод од нивната соработка е функционирањето на Дневниот центар за лица со посебни потреби сместен во придружните простии на црквата „Свети Ѓорѓи“. Во големата дневна соба неколку компјутери, статичен велосипед, телевизор и неизбежната елка, како знак дека блиску се Нова Година и Божик. Едни разговараат други играат, трети гледаат телевизија.

Седум години успешната приказна од страна на католичката црква во Охрид ја менаџира Никола Кукоски. Тој вели дека финансиите ги одвојува невладината „Реновабис“ од бискупија близу Штутгарт. Договорот им е до 2014, но се надеваат дека соработката ќе продолжи.

„Дневниот центар функционира секој ден од 8 до 13 часот. Претходно возач го зема секое дете од дома и кога ќе завршиме го враќа дома. Со нив овде работи дипломиран психолог, а има и медицинска сестра, одговорна за нивното здравје. Имаме 10 до 11 лица кои доаѓаат редовно и уште пет кои доаѓаат повремено“.

Дневниот центар за лица со посебни потребиФотографија: DW/M. Jovanoski

Се дружиме, учиме и се забавуваме, велат посетителите на Дневниот центар

Даниел Нунески има 27 години и е вљубеник во шахот, учествува и на Државни првенства. Преку интернет игра шах со виртуелни пријатели и често победува: „Пронајдов страница за шах. Се регистрираш и играш со пријатели од цел свет, од Англија, Кина, од Америка. Често победувам. Сега бев во Струмица и освоив четврто место во шах“.

Сите до еден се желни за внимание и разговор. Со секој од нив посебно или во група, секој ден комуницира дипломираниот психолог Марија Кочоска.

За благородната мисија на двете цркви не штеди зборови, но вели дека и односот на другите субјекти е повеќе од добар кога се работи за потребите на Дневниот центар. „Ние можеме само да побараме и бараме помош од нашата локална самоуправа и државата. Да ни помогнат и да им ги намалиме маките на овие лица и на нивните родители. И најчесто ни излегуваат во пресрет. Каде што сме се обратиле гледаме дека свеста на народот е многу повеќе развиена од порано и за овие деца сакаат да помогнат“.

Двете цркви, согласни да ја продлабочат соработката

Оливер Тантушев две години е управител на пасторалниот центар и католичката црква во Охрид. Тој е пред предизвикот да ја продолжи соработката со православната црква „Свети Ѓорѓи“.

Оливер ТантушевФотографија: DW/M. Jovanoski

„Се’ уште се одржува проектот наменет за лицата со хендикеп. Тоа е знак дека се соработува со православната црква. И сега за Божик, иако ние го славиме порано се знае дека и православните се тука и се дел од нашото славење. Нормално ни честитаат среќен Божик. Подоцна, за две недели и ние им го честитаме Божик и тоа е она што не поврзува“.

Духовниот живот на верниците е само еден од сегментите, значаен и за надлежните во православната црква „Свети Ѓорѓи“.

Отец Сашо Богданоски вели: „Како црква вложуваме труд, секој наш православен верник да си ја запозне својата православна вера. И не само да ја запознае, туку да ја живее и практикува во својот живот“. Отец Богданоски на нашето прашање дали сега тие би го направиле првиот чекор за проширување на соработката со охридската католичка црква, одговори: „Не е проблем тоа. Со секого е можен прв чекор. Не е тоа тешка работа за да не соработуваме. Сите сме тука повикани да го проповедаме евангелието од Христа и да ги упатуваме луѓето на добро, на љубов“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми