1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна година за ЕУ

Кристоф Хаселбах / Е.М. Фиданоска26 декември 2014

Поделби, евроскепса, несигурност во себе - тоа и‘ даде печат на ЕУ-годината 2014. И во сето тоа, токму конфронтацијата со Русија донесе ново единство.

Фотографија: Georges Gobet/AFP/Getty Images

Тоа беше политичка катастрофа со најава - незадоволството „крчкаше“ долго, а се испразни на изборите за Европскиот парламент, во мај. Речиси насекаде евроскептични, непријателски кон ЕУ настроени партии, па дури и деснопопулистички партии можеа да се радуваат на нови гласови на своето конто. Во Франција, Велика Британија и Данска тие дури и беа победници на европските избори. Нивната програма гласи: помалку Европа, повеќе нација. Францускиот Национален фронт бара излегување од монетарната унија и воведување на франкот, британската Партија на независноста - УКИП сака дури да ја изведе земјата надвор од ЕУ. На сите им е заедничко и тоа што сакаат помалку доселеници. Ако е според желбата на овие партии, би требало дури да се ограничи и слободата на движење на лица во рамките на ЕУ.

Мегафон на разочараните

Иако ЕУ-скептиците во Европскиот парламент често мора да се мачат за да најдат заедничка линија, и иако пропаднаа обидите за голема десничарка пратеничка група, тие сега значително влијаат врз агендата на ЕП. Темата миграција, на пример, во 2014 година предизвикуваше поделби во ЕУ повеќе од кога и да е досега. Групите за човекови права и папата од Европејците побараа да примат повеќе бегаци од регионите на Блискиот Исток и северна Африка каде што беснее граѓанска војна. Но чувството дека „бродот е полн“ е раширено и постојано се потпалува од страна на десните популисти. Тие се мегафон на оние кои сметаат дека ЕУ е куп бирократи кои наводно се грижат за проблемите на граѓаните. Јанис Емануилидис од бриселскиот тинк-тенк Центар за европска политика смета дека „еврокризата беше централен фактор, или во најмала рака катализатор, за чувството дека ЕУ е некаде далеку или обратно - дека се меша премногу“.

Излегување на Британците од ЕУ станува замисливо

Во ниту една друга земја ваквото незадоволство во 2014-та не е толку видливо како во Велика Британија. Конзервативниот премиер Дејвид Камерон од ЕУ бара реформи и повеќе надлежности за одделните држави членки, или во спротивно не може да гарантира дека Британците на референдум не би се изјасниле негативно околу натамошното членство. Во меѓувреме, излегување на Британците од ЕУ станува замисливо. Притоа, самото Обединето Кралство за влакно избегна распад во септември. Шкотланѓаните на референдум со само 55 наспроти 45 проценти гласови се одлучија против независност. Сепак, резултатот беше доволно јасен за на другите застапници за отцепување во Европа, како во Каталонија или Јужен Тирол, да им одземе „ветер од едрата“.

Дејвид КамеронФотографија: Reuters

Француската слабост

Економската криза со висока невработеност во многу земји, не им даде поттик само на екстремните партии. Прашањето - како против кризата и натаму ја дели Европа, при што проблематичните случаи малку се променија. Порано Грција, Ирска, Португалија и Шпанија беа во средиштето на загриженоста, но во меѓувреме повторно полека се подобруваат. Во Ирска дури подобрувањето е значително. Наместо тоа, сега негативни наслови предизвикуваат Италија и пред се‘ - Франција. Дали ЕК да остане цврсто на своето и да ја принуди Франција на поголемо штедење, или да и‘ остави повеќе време за консолидација, за да се спречи политички екстремизам во форма на Националниот фронт? Тоа беше и е прашање кое во Брисел постојано се поставува. Јанис Емануилидс оценува дека француската „способност за структурни реформи е претежно слаба“ и затоа тој се сомнева дека земјата повторно наскоро ќе застане на нозе. Освен тоа, поради јачината на десниот екстремизам, во Франција има и многу други „прашалници“.

Фотографија: PATRICK KOVARIK/AFP/Getty Images

Разнишаниот Јункер

Францускиот проблем има уште една дополнителна поента: човекот во новата Европска комисија кој мора да инсистира на почитување на критериумите за стабилност е поранешниот француски министер за финансии и денешен еврокомесар за монетарна политика, Пјер Московиси. Кога претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер го именуваше Московиси на раводната позиција во овој ресор, многумина оценија дека е тоа како за градинар да назначиш јарец кој го брсти зеленилото. И во случаите на други еврокомесари беше големо незадоволството од нивната наводна несоодветност, недоволно искуство или конфликт на интереси. Сепак, ЕК, по направени мали промени во составот, доби зелено светло од ЕП. Но, на почетокот на ноември на линијата за отстрел се најде лично Јункер, кога беше обелоденето дека големи меѓународни концерни постигнувале согласност со луксембуршките власти за ниски даноци во времето кога Јункер беше премиер и министер за финансии на Луксембург. Тој досега политички ги преживеа обвинувањата, но се чини дека неговата веродостојност оттогаш е разнишана.

Жан-Клод ЈункерФотографија: Reuters/V. Kessler

Стариот поредок е скршен

Но, ако во Европа имаше криза која засени се‘ во 2014 година, тогаш е тоа конфонтацијата со Русија. Русија во март го анектираше украинскиот полуостров Крим и со месеци ја дестабилизира источна Украина. Оттогаш, низа држави на истокот на ЕУ кои порано беа дел од СССР, као што се балтичките држави, или пак Полска, стравуваат дека може да станат исто така жртви на руската агресија. ЕУ во текот на годината воведуваше се‘ поостри санкции против Русија. Но конфликтот ни оддалеку не е решен. На крајот на годината враќањето кон старото партнерство со Русија се чини подалеку од кога и да е. Се прошири голема несигурност. Мирниот европски поредок е скршен и никој не знае што ќе се случува во иднина.

Фотографија: picture alliance/chromorange

Единство во нужда

Но од ова горчливо искуство Европејците извлекоа поука за тоа колку е важно единството. Во судирот со Русија ЕУ се покажа единствена како ретко кога. „Гледаме дека 28-те членки на ЕУ, кои имаат делумно многу различни позиции и различни традиции во своите односи со Москва, се во состојба да постигнат заедничи став“, нагласува Емануилидис. Русија и‘ помогна на ЕУ да „ги стегне редовите“. Сега е прашање колку Европа ќе издржи. Сепак, тешката криза „го зајакна ставот дека заедно сме посилни“. Се чини ЕУ ја имаше долго време заборавено оваа општопозната мудрост. Искуствата од 2014. сега ја вратија во сеќавање.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми