1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора во ќорсокак

Јелена Кулиџан/бг26 октомври 2015

Жестоките судири на протестите, неодговорните и неспособни организатори на опозицискиот Демократски фронт, но и очигледната полициска тортура ќе остават тешки последици врз општествениот и политички живот во Црна Гора

Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pejovic

Стеван Миливојевиќ на протестите во саботата (24.10) дојде со група од неколку десетици млади интелектуалци, потписници на меморандумот со кој, заедно со уште стотина луѓе, инсистираа собирот да биде мирен и ненасилен, во граѓански дух. Во моментот кога сфатија дека нивните очекувања се изневерени, тргнаа кон градскиот плоштад, барајќи засолниште од солзавецот и шок-бомбите, со кои полицијата одговори на нападите на хулиганите.
„Нашата група се држеше за раце за да останеме заедно, но се движевме побавно од другите. Поради тоа полицијата не стигнуваше и воздухот исполнет со солзавец беше неподнослив“, ги раскажува Миливојевиќ моментите кога главниот булевар во Подгорица се претвори речиси во воена зона.

По жестоките судири, оценките за она што се случи во Подгорица се противречни. Ниедна страна не презеде одговорност за сузбивање на нередите. Најмалку 52 лица се повредени, а предизвикана е и огромна материјална штета.

„Режимот е соголен со вулгарната демонстрација на брутална сила против граѓаните, што го докажуваат и јавно достапните видео-снимки. Демократскиот фронт (ДФ) покажа дека се работи за групација која е политички и општествено непресметлива. Во ситуација кога во фокусот се тие два екстрема, граѓаните практично никој не ги застапува“, вели Срѓан Косовиќ, уредник на порталот „Вијест“.
Иако смета дека е рано да се прогнозира како состојбата натаму ќе се одвива, Косовиќ е уверен дека последиците за политичкиот и општествениот живот во Црна Гора ќе бидат сериозни. Со тоа се согласува и Далиборка Уљаревиќ, директор на невладината организација Центар за граѓанско образование. „Владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) и опозицискиот ДФ успеаја да ги заострат општествените тензии до работ на експлозија и тоа мора да престане. Судирите и радикализацијата на односите во црногорското општество не се вредни за политичките интереси на ДПС и ДФ“, вели Уљаревиќ.

Како понатаму?

Демократскиот фронт соопшти дека подготвува нов вид отпор, не сакајќи да открие детаљи. Јавноста се прашува дали протестите ќе продолжат, и дали државата објективно ќе ги испита околностите кои доведоа до судирите.
По вознемирувачките сцени од Подгорица, не е јасно во кој правец се движи сега Црна Гора. Општите околности не одат од рака- владејачката коалиција, според сопствено признание на лидерите на нејзините членки, не функционира, а државата ја води некој вид техничка влада. Од ДПС претходно соопштија дека се подготвени да распишат избори еден ден откако ќе стигне поканата за членство во НАТО, што би требало да се случи во декември. Токму поради тоа се поставува прашањето- кому ќе му донесе корист насилството на протестите? Дали, и покрај разочараноста на бројни демонстранти, тие ќе му го подигнат рејтингот на ДФ или неопределените гласачи ќе го видат ДПС како сила која и натаму е способна да ги држи конците во свои раце?
„Мислам дека новонастаната ситуација мора да ја решава поширок општествен круг. Доколку тоа остане на полицијата и организаторите и на олигархијата на ДПС, тоа нема да биде доволно за црногорските граѓани“, заклучува Уљаревиќ. Таа верува дека потенцијалот за протести се уште постои, бидејќи лошата состојба во општеството може да биде основа за промени.

Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pejovic
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми