1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Негирањето на геноцидот ја загрозува реформската влада

Кено Верзек
17 април 2021

Министерот за правда на Црна Гора, Владимир Лепосавиќ, го негира геноцидот во Сребреница. Тоа би можело да доведе до распад на владината коалиција, формирана минатата есен, по историската промена на власта.

Montenegro Justizminister Vladimir Leposavić
Владимир Лепосавиќ, црногорски министер за правдаФотографија: Filip Filipovic/Getty Images

Негирањето на холокаустот во Европа наидува на презир - за ретко кое политичко прашање на стариот континент има толкав консензус.

На Западен Балкан, пак, негирањето или релативизирањето на масакрот од Сребреница е широко распространето. Во Србија и Република Српска, делот од Босна и Херцеговина, во кој доминира српско население, тврдењето дека најтешкото воено злосторство во Европа по Втората светска војна воопшто не било геноцид е еден вид неофицијална државна доктрина. И тоа многу ретко предизвикува меѓународни реакции, а практично никогаш во регионот. 

Притоа Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија детално го документираше планирањето и текот на егзекуцијата на 8000 муслимански Бошњаци во регионот на малото гратче Сребреница на истокот на БиХ и јасно го категоризираше како геноцид.

Негирањето на геноцидот во Сребреница за првпат на Балканот предизвикува тешка политичка криза и тоа во Црна Гора, најмалата држава во регионот. Тамошниот министер за правда, малцинства и човекови права, Владимир Лепосавиќ, кон крајот на март во парламентот во Подгорица рече дека е подготвен да прифати дека во Сребреница се случил геноцид, ако тоа биде „јасно утврдено”.

Тој не го признава легитимитетот на Меѓународниот суд за воени злосторства поради наводно игнорирање на злосторствата врз Србите од страна на судот. Изјавите на министерот за правда веќе ја ставаат на тест реформската влада која е само четири месеци на власт. Ужасеноста кај некои коалициски партнери, опозицијата, како и во делови од црногорската јавност е голема. Остра критика пристигна и од странски дипломати. Премиерот Здравко Кривокапиќ побара оставка од министерот, кој одби да се повлече од функцијата. Сега парламентот мора да решава дали Лепосавиќ ќе остане министер. Проблемот е што за такво нешто во коалицијата нема мнозинство. 

Премиерот на Црна Гора, Здравко КривокапиќФотографија: Savo Prevelic/AFP

Историска промена на власта

Политичката криза која ја предизвика Лепосавиќ се случува на само неколку месеци по историската промена на власта: во есента 2020 реформска коалиција, чиј дијапазон се движи од просрпски националисти и ЕУ-скептици, па сѐ до проевропски зелени социјалистички либерали, ја симнаа од власт Демократската партија на социјалистите по тридецениско владеење на чело со поранешниот премиер Мило Ѓукановиќ.

Повеќе:

-Црна Гора: Криза без крај

-Новата црногорска влада - невозможна мисија

-Нова влада - нова ера за Црна Гора

Од декември 2020. на власт е експертска влада под водство на професорот по машинско инженерство Кривокапиќ. Премиерот и кабинетот си поставија амбициозна цел да ја демократизираат земјата, да се погрижат за функционирање на правната држава и Црна Гора како прва земја од Западен Балкан да стане членка на Европската унија.

Сценарио од соништата за Ѓукановиќ

Расправијата околу изјавата на Лепосавиќ за Сребреница е токму она сценарио кое го посакуваат долгогодишниот властодржец Ѓукановиќ и неговата партија. Кон крајот на 1990-те Црна Гора, која тогаш заедно со Србија ја формираше Сојузна Република Југославија, чекор по чекор одеше кон курсот на независност која ја прогласи во 2006-та.

Долгогодишниот властодржец во Црна Гора, Мило ЃукановиќФотографија: predsjednik.me

Патот исто така се трасираше и врз дистанцирање од воените злосторства извршени за време на југословенските војни од 1991-99. Така, црногорскиот парламент во 2009-та со резолуција го осуди масакрот во Сребреница – додуша без јасно да се употреби терминот „геноцид“. И Ѓукановиќ и неговата партија исто така никогаш искрено не се покајаа за учеството на црногорски војници во бомбардирањето на хрватскиот град Дубровник.

Поларизирана земја

Суверенитетската и идентитетската политика од ерата на Ѓукановиќ ја поларизира Црна Гора до ден-денес. Ретко кој ја доведува во прашање независноста, но нешто помалку од половина од луѓето во земјата се декларираат како Црногорци, а една третина како Срби. Многу од нив политички и културолошки се ориентирани кон Белград, а тоа значи и кон официјалниот српски наратив во однос на Сребреница или нелегитимноста на Трибуналот на ОН за воени злосторства.

Фотографија: Getty Images/D. Sagolj

Неколку од партиите од реформската коалиција се потпираат на поддршката токму на ваквиот профил гласачи, меѓу другото и десноконзевативниот просрпски сојуз Демократски фронт (ДФ). Тие се категорично против парламентарно отповикување на Лепосавиќ и тоа го поставија како услов за останување во владата, а со тоа и за опстојување на коалицијата.

Владата гази на „минско поле“

Сѐ уште е нејасно дали изјавата за Сребреница на министерот за правда, кој отворено се декларира како Србин, е намерна или непромислена. Премиерот Кривокапиќ зборува за обид „да се урне владата одвнатре“– вперувајќи го прстот кон некои деснонационалистички, просрпски коалициски партнери. Она што е сигурно е дека зборовите на Лепосавиќ ја втурнаа земјата во „минско поле“, како што пишува колумнистката Ратка Јовановиќ-Вукотиќ во дневниот весник „Вијести“. Бидејќи во сегашната полемика околу Сребреница се поврзани сите традиционално клучни прашања на црногорската политика: справувањето со военото минато, односот кон Србија и прашањето за црногорскиот идентитет.

Засега е нејасно дали премиерот Кривокапиќ, неговите министри и партиите од реформската коалиција ќе успеат да најдат излез од дилемата. Притоа контроверзата околу Сребреница не е единствената дилема.

Фотографија: Samir Kajošević

Планираните измени на Законот за државјанство доведоа до протести и блокади на патиштата од страна на таканаречените „патриотски сили“, кои се поддржувачи на Ѓукановиќ и на неговата партија. Тие промената на законот ја претставуваат како закана за црногорскиот суверенитет. Притоа Црна Гора е под голем финансиски притисок, бидејќи е презадолжена со кинески кредит од милијарди долари. На 13 април годинава, ЕУ ги одби барањата за финансиска помош на владата во Подгорица.

Новинарот во „Вјести“, Жељко Ивановиќ гледа барем една добра страна во целата полемика околу Сребреница. „Браво за премиерот“, напиша тој, „бидејќи тој е првиот не само во Црна Гора, туку и во целиот Западен Балкан, кој санкционираше член на својот кабинет за релативизирање на вакво злосторство."

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми