1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна кампања 24/7

29 јуни 2020

Натпреварот со изборни програми падна во сенка на црна кампања: пораки кои откриваат низок степен на политичка толеранција и обиди за омаловажување на опонентите.

Mazedonien Parlamentwahlen
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

Жестока, црна, гласна во дискредитациите... Вака аналитичари ја оценуваат првата недела од изборната кампања, во која најмалку е видлива наводната загриженост за билансите на Ковид-19. Во речникот на партиите доминираат други теми, но пред сѐ меѓусебни дискредитации. Иако форматот е сведен на мини собири, средби од помал обем со граѓаните и презентирање на ставовите преку социјалните мрежи, електронските и традиционални медиуми, жестината не е намалена. Отсуството на големи митинзи и на бројки на пристутни преку кои традиционално се мереа партиските „мускули", сега е пополнет со „бомби“ кои осамнуваат на Јутјуб. На сцената доминира естрадизација на индиции за криминал, кои не биле пријавени во МВР или обвинителството, а фокусот сега е ставен на пресметката колку од нив одат во прилог на власта, а колку на опозицијата.

Фатализирање на сопствените позиции

Каква е комуникациската вредност на ваквите „кампањи"?

„Во високо исполитизирано општество, како нашето, изборните кампањи имаат послаба комуникациска вредност", вели д-р Јасна Бачовска Недиќ, редовен професор на Правениот факултет на УКИМ. Според неа, повеќето од граѓаните веќе имаат дефинирано за кого ќе гласаат, и цврсти убедувања кои најчесто не се темелат на аналитичка и рационална проценка на политичката понуда во кампањата или надвор од неа, туку на одредени вредносни позиции.

„Неопределените, пак, повеќе се убедуваат од моменталните општествено-политички случувања и состојби, отколку од кампањската понуда. Типичен за високо исполитизирани, транзициски и општества во политичка криза, е и високиот степен на скептицизам кон кампањите, бидејќи се доживуваат како естетизација на политиката. Една кампања повеќе ефект би имала во политички апатични средини, каде треба да ги разбуди масите и да ги заинтересира за политика и да ги убеди да формираат одреден став", оценува Бачовска Недиќ .

Поради состојбата со Ковид-19 кампањата е лишена од митинзи кои го имаат „ефектот на толпата“Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Од презентираното во првата недела на кампањата, таа посочува неколку клучни карактеристики.

„Прво, оваа кампања нема генерална тема. Темите околу кои се води кампањата се на некој начин девалвирани и беа присутни и во претседателските избори (името, НАТО, ЕУ, бомбите), се наметнува темата со Ковид-19, но како глобална тема не е доволно интересна за нашата локална политичка култура. Дисперзираните политички теми (името, пропаста на СЈО, коруптивните афери) се доволно силни и интересни да ја амортизиираат заинтересираноста за економија", вели професорката.

Како втора одлика на кампањата го посочува нискиот степен на политичка толеранција, реторика која го оцрнува и омаловажува противникот со неприфаќање на неговото постоење, односно со средновековно фатализирање на сопствените позиции.

„Трето, спотовите и организирани настапи користат некои знаци, сигнали апсолутни спротивни на европските вредности (а тие се универзални и не зависат од лева или десна опција), особено во делот на интеграцијата и толерацијата, кои се толку неопходни во едно етничко и религиозно поделено општество како нашето. Пример - почеток на кампањата со одење во црква, бакнување на икони, инсистирање на премиер по етничка припадност и и.т.н. Четврто, потрошени се многу пари во тв-спотови, реклами и билборди, што не е во корелација со нискиот стандард и сиромаштијата. Партиите во овој дел не демонстрираа некоја општествена одговорност, а којзнае и дали се свесни за овие аспекти. Петто, кампањата е еднонасочна, со дистрибуција на политички идеи и памфлети во еден правец, со лични неоговорни дисквалификации, без разговор со граѓаните кој е толку можен во ова дигитално време. Не се препознааваат напори за дијалог со граѓанството", оценува Бачовска Недиќ.

Повеќе:

Тргнуваат караваните под маски

Заврши вонредната состојба, утре почнува кампањата

Дали вирусот го убива национализмот?!

Кампањата - слика за државата

Во таква атмосфера, прашање е дали граѓаните ќе имаат појасна слика за политичките понуди, ако тие се засенети со црна кампања.

„Политичката кампања која претежно се базира на оцрнување на другиот, говори за состојбата во која се наоѓа државата", вели социологот Илија Ацески.

„Во земјава демократијата се доживува како борба на кланови: едните кои се претставуваат како предавници кои ја продале државата, името, јазикот, државата, и другите кои ја упропастиле, ограбиле, уништиле и ја узурпирале декомократијата. Политичката борба за власт не ја препознава иднината на државата, особено тоа се однесува на оние кои се обидуваат да го ревидираат она што во изминатите неколку години го направи СДСМ: членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ, по цена на промена на името на државата. Тоа ВМРО-ДПМНЕ го разбра како губење на идентитетот. Црната кампања практично ги карикира главните играчи и на едната и другата партија, како удар врз опстанокот на државата", вели Ацески.

Илија АцескиФотографија: DW/K. Delimitov

Според него, дел од кампања може да ја доведе во прашање излезноста на изборите.

„Вториот дел од црната кампања е препознатлив во објавувањата на прислушувани разговори, кои упатуваат на незаконски, коруптивни дела, со кои се убедува јавноста дека противникот е корупмпиран, дека треба да се поведе кривична постапка. Кампањата се доживува како моментот кога другиот треба да претстави како нечесен и недостоен да биде власт. Тоа е состојба во која граѓаните не препознаваат квалитетна програма, не ја гледаат иднината, им делува збунувачки, разочарувачки, и ја доведува во прашање излезноста на изборите, што може да резултира со криза на подолг рок и крајно негативно да се одрази врз инината на државата. Македонија е поделено општество по сите линии. Поделеноста во македонскиот политички простор е драматична во однос на перспективите на државата, не постои поле каде може да се соочуваат разликите на еден рационален начин, со елементарна почит кон другиот, кон другата политичка опција, што обичниот граѓанин го доживува како постојано ‘правење на историја' и дека нештата почнуваат од почеток", укажува Ацески.

Повеќе:

Зошто сега никој не ја сака ДУИ? Барем јавно

Каков премиер и каква влада сакаме

Врв на ледениот брег

Но, покрај официјалната, видлива кампања (спотови, гостувања на кандидатите во тв- емисии, директни обраќања преку нивни и партиски профили), Бачовска Недиќ укажува и на присуството на невидлива или дифузна пропаганда.

„Неа ја водат блогери, портали, политички поларизирани медиуми, интелектуалци на нивните приватни профили кои често ја манипулираат со вистината, шират лаги за актуелни настани за кои јавноста момeнтално е заинтересирана (случај ‘Рекет', СЈО, корупциски афери). Повторно се пуштаат снимани разговори во разни контексти, кои се употребуваат/злоупотребуваат за  предизборна пропаганда. Не знам како ќе биде до крајот на кампањата, ама досега не гледаме поголема артикулција на политичката јавност преку онлајн алатките", оценува професорката.

Бачовска Недиќ: Повторно се пуштаат снимани разговори во разни контексти, кои се употребуваат/злоупотребуваат за предизборна пропагандаФотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Бидејќи поради состојбата со Ковид-19 кампањата е лишена од митинзи кои го имаат „ефектот на толпата" и преку кои се постигнува одредено ниво на двонасочна комуникација (кога граѓаните имаат прилика „во живо" да ги видат кандидатите да им ги кажат своите маки), таа смета партиите требало повеќе да вложат во кампањите во смисла на двонасочна комуникација. Притоа, потенцира дека е потребно и квалитетно аналитичко новинарство и медиуми со интегритет, кон кои граѓаните би се свртеле во потрагата по информации, анализа на кампањите, разработка на политичката понуда, амортизирање на црната кампања, за да овозможат подемократска комуникација помеѓу претедентите за власт и граѓаните.

„Всушност ваквите круцијални општествени процеси како што се изборите, предизборниот период медиумите треба да го користат за да го подигнат својот кредибилет и интегритет, кој е многу низок со години. Но, не сум сигурна дали македонското новинарство и медиуми имаат капацитет за ова во овој момент", вели Бачовска Недиќ.  

Кодот на домашната политичка (не)култура

Како се одразува сето ова во медиумскиот простор?

„Сé помалата гледаност на електронските медиуми, сé поскромните тиражи на дневните весници и неделниците и сé помалиот број кликнувања на социјалните медиуми, а снимките се во нивна ‘надлежност', доволно говорат дека поголем дел од граѓаните масовно не ги гледаат и слушаат", вели новинарот и публицист, Манчо Митевски.

Манчо МитевскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Според негова оценка, не значи дека ако не се случел здравствениот проблем, оти ќе немало емитување компромитирачки снимки, црна кампања, афери и лажни вести, што е во кодот на македонската политичка некултура и говори за недостиг на доволно аргументи за позитивна програмска кампања.

„Според моето мислење, целна група на овие снимки се партиски неопределените, а мотивите се различни. Мотивот на партиите од актуелната владејачка структура, доколку се служи со вакви алатки не можам да го сфатам, бидејќи, колку и да има незадоволство кај дел од јавноста за неисполнетите очекувања, сепак има доволно аргументи и резултати за афирмативна кампања. Ако, пак, им е цел да се намалува угледот и моралниот интегритет на лидерот на опозицијата, тој самиот тоа ‘успешно' си го прави со серија бесмислени политики, потези и изјави. Мотивот на опозицијата ми е целосно јасен. Со лиферување снимки за наводни криминали, афери, лажни вести - не им е целта со тоа да придобијат некој дел од неопределените, туку три години наметнувајќи ја тезата дека ‘сите се исти', да ги одврати од гласање, за евентуално тие да не гласаат за нивниот политички противник. Сепак, мислам дека кај сé позрелиот и поброен електорат, ваквиот црно-аферашки пристап нема да има некое позначително влијание во определбата дали да се излезе на гласање и за кого да гласа", оценува Митевски.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми