1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Алармантни бројки на новозаразени и починати од Ковид-19

БГ
27 октомври 2020

Стапките на новозаразени и починати на 100.000 жители во Северна Македонија се високи и во светски рамки. Трендот кој започна во септември, дополнително се засили во октомври, а последнава недела ескалира.

Panama Gesundheitssystem Coronakrise Medizinisches Personal
Фотографија: Luis Acosta/AFP

Северна Македонија се најде во светскиот врв според стапката на починати од коронавирус во последниве седум дена. Според статистиката на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), Северна Македонија котира многу високо во два клучни параметри: стапка на заразени на 100.000 жители, и стапка на смртност на 100.000 жители.

Од почетокот на месецов , заклучно со 26 октомври, во земјата биле регистрирани 9.168 новозаразени од Ковид-19 и 182 смртни случаи. Во просек тоа значи нешто над 441 новозаразени на 100.000 жители и 8,76 починати на 100.000 жители, покажува статистиката на ЕЦДЦ.

За споредба, ЕУ и Германија ги земаат стапките од 30, односно 50 новозаразени на 100.000 жители како критични. 

Кон хорот критики за состојбата, кои изминативе месеци воглавно доаѓаа од опозициските партии, денеска се приклучи и поранешниот директор на Центарот за јавно здравје во Скопје и актуелен пратеник на ДУИ, Арбен Зибери, кој ја оцени ваквата ситуација како загрижувачка. 

„Она што загрижува во земјава е високиот процент на смртност. Алармантно е како на околу 500 нови случаи на Ковид-19 има 22 починати во еден ден, а во Србија, на пример, на околу 700 позитивни случаи има тројца починати. Тоа покажува дека нешто не е во ред со системот. Дека во изминатиот период, наместо да се води политика во однос на епидемијата, требаше да се подготвуваат капацитетите на здравствениот систем за есенскиот бран“, изјави Зибери за „360 степени“. 

99-годишната Елза ја преживеа короната

01:47

This browser does not support the video element.

На врвот во светски рамки во текот на октомври, според оваа црна статистика, е Аргентина, со просечно 27 починати на 100.000 жители. Северна Македонија е на 11 место, а од европските земји пред неа со уште поголема стапка на смртност се Андора, Чешка, Црна Гора и Молдавија.

На 25 октомври беше урнат црниот рекорд на починати пациенти од коронавирус во еден ден во земјата - 22.

Ваквите бројки не го оставија рамнодушен ниту министерот за здравство Венко Филипче, кој преку Фејсбук апелираше до граѓаните да ја сфатат сериозно состојбата.

„Есенскиот бран на вирусот ’коси’ низ цела Европа и светот, никој не е поштеден. Молам да се сфати многу сериозно дека од секој еден од нас зависи како ќе го надминеме овој бран“, порача Филипче. 

Критични фактори

На прес-конференција еден ден подоцна, министерот ја објаснуваше високата смртност со два фактора: бројните коморбидитети кај заболените и праксата на заболените граѓани многу доцна и во поодмината фаза на болеста да се јавуваат на болничко лекување. 

Последните седум дена од октомври, заклучно со 26.10; само го засилија ваквиот тренд. Па така, од 19 до 26 октомври во земјата починале 85 заболени од Ковид-19, а вкупно биле регистрирани 3.326 новозаразени. Стапката на смртност на 100.000 жители е нешто над 4, што ја става земјата на петто место во светски рамки во тие седум денови.

Филипче не се откажува од праксата сите починати со Ковид-19 да се заведуваат како жртви на вирусотФотографија: DW/P. Stojanovski

За споредба, во текот на септември годинава, вкупната бројка на новозаразени била 3.859. Стапката на заразени на 100.000 жители се движела околу 185, а стапката на смртност била нешто пониска од октомври - 7.37; но сепак висока во светски рамки. Од европските држави, стапката на смртност била повисока само во БиХ, Црна Гора и Молдавија. 

Притоа, треба да се има предвид дека согласно усвоените протоколи во земјата, секое починато лице кај кое ќе се утврди присуство на вирусот, се заведува како починато од Ковид-19. Тоа понекогаш доведува и до апсурдни ситуации во кои, на пример, лице кое загинало во сообраќајна несреќа се заведува како починато од Ковид-19, доколку вирусот се утврди пост-мортем.

Но, министерот Филипче вели дека таквата пракса ќе остане и во иднина, затоа што таа дава реална слика за епидемијата.

„Ние останавме доследни на тоа што го почнавме од почетокот, а тоа е објавување на сите пациенти кои и покрај тоа што имале сериозна хронична болест и можеби таа била причина за смртта, сепак биле заболени и од Ковид. И тоа е битно за да ја имаме реалната епидемиолошка состојба и слика во земјата“, рече Филипче.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми