1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црногорски цигари за либиските терористи

Владимир Оташевиќ, Марко Вешовиќ и Хасан Дијаб/ЖА27 јуни 2016

Шверцувани цигари од Црна Гора се транспортираат со бродови и до купувачи на подрачјата под контрола на либиски исламистички организации блиски до Ал Каида и Исламска држава.

Рафрлана амбалажа од брендот „Клеопатра“Фотографија: CIN-MG

Либија, според податоците на црногорската Служба за статистика, МОНСТАТ, и покрај воената состојба во земјата, е најголем увозник на тутунски производи од Црна Гора. Само во 2013, 2014 и 2015 година од Црна Гора во оваа земја се извезени дури 3.408.090 килограми цигари. Црна Гора извезува тутунски производи во уште 12 земји, но целиот извоз во нив не е ни приближно колку количината извезена во Либија.

Управата на Црногорската царина повеќе месеци ги одбиваше барањата за слободен пристап до податоците за извоз на цигари од пристаништето Бар во Либија. Кога информациите конечно стигнаа, филтрираните податоци укажуваа на пратки цигари во либиските пристаништа Тобрук, Мисурата и Бенгази. Во поголемиот број царински документи нема податоци за брендот на транспортираните цигари, иако тие мора да бидат наведени.

Во документацијата е видливо дека најмалку четири компании регистрирани во либиското пристаниште Бенгази со години купуваат цигари преку Црна Гора. Тоа се компаниите „Ал Манараа Компани“, „Ал Ватаниа Компани“, „Ел Џабул Компани“ и „Умал Бехар Шипинг“.

Либиско пристаниште под контрола на исламистите

Додека со пристаништето Тобрук управуваше меѓународно признатата влада на Либија на премиерот Абдулах ал-Тини, пристаништтео во Бенгази беше во рацете на радикалната исламистичка група „Ансар ал-Шеријат“. Оваа терористичка група, според извештај на Стејт департментот, е под сомнение за организирање на нападот врз американските дипломати во Бенгази во 2012 година.

Од амбасадата на Србија во либискиот град Триполи во телефонски разговор ја потврдија информацијата дека Бенгази до скоро, до февруари годинава, бил во рацете на исламистите. И извори од либиската разузнавачка служба блиска до меѓународно признатата влада во Тобрук потврдуваат дека големи количини цигари се префрлуваат од црногорското пристаниште Бар и едно италијанско пристаниште кон Бенгази, Мисурата и Триполи во делови контролирани од радикалните исламисти. Според документацијата на црногорската царина, од 2013 до 2015 година најмногу пратки цигари од Бар биле упатени кон Бенгази и Мисурата.

Блискоистична продажна мрежа

Освен на либискиот пазар, како што тврдат изворите, цигари се испорачуваат во Египет, Алжир, Тунис, Чибан и Сирија. Во неколку наврати полицијата ги фаќала криумчарите и ги запленувала цигарите, за што неколкупати известуваа и медиумите.

Либискиот извор од тајната служба тврди и дека со нелегална продажба цигари не се занимаваат само шверцери, туку и разни милитантни и терористички групи кои се финансираат на тој начин. Според овие наводи, спречувањето на криумчарењето е речиси невозможно поради анархијата која владее во Либија, каде за власт освен двете влади во Триполи и Тобрук се борат и над 1200 различни милитантни и исламистички групи.

Шверцерски пратки и фирма од Обединетите Арапски Емирати

Царината достави податоци според кои се гледа - при секој транспорт во 2013 година во пристаништата Бенгази, Мисурата но и во Тобрук, втоварувач на цигарите во Бар била фирмата „Либерти Фзе“ од Обединетите Арапски Емирати. Оваа компанија со години е во трговски, деловен договор со Тутунскиот комбинат во Подгорица во стечај, ДКП, со кого до февруари оваа година управуваше државата Црна Гора.

Бившиот извршен директор на ДПК, Славољуб Вукашиновиќ во неколку наврати во црногорските медиуми го истакнуваше договорот кој го има неговата фирма со „Либерти Фзе“, кој озвозможува легално производство на цигари од египетскиот бренд „Клеопатра“, исклучувајќи било каков шверц.

На прашањето дали е запознат со фактот што цигарите од Црна Гора завршуваат во рацете на либиските терористички групи поврзани со Исламска држава, Вукашиновиќ одговори: дека „би било најдобро од Црна Гора да се испрати една добро подготвена единица која ќе контролира цигарите и било која друга стока испратена од државата да не се продава на терористички групи“. Потоа додаде: „Дали навистина мислите дека групите за кои зборувате чекаат товар од Црна Гора за да ја задоволат својата желба за никотин или за екстра профит? А можеби пратките цигари од останатиот дел од светот ги заобиколуваат терористите? Или можеби судирите во Либија се поттикнати од товарите кои доаѓаат од Црна Гора? И така со ред би можеле да се мајтапиме на сметка на вашето прашање.“

Црногорска „Клеопатра“

Од друга страна, пратките цигари за кои Вукашиновиќ тврди дека се легални, често беа запленувани во странство. Токму цигарите „Клеопатра“ произведени во ДКП неколкупати во последниве години беа запленувани во Грција, поради сомневање за шверц. Грчките истражни органи на крајот на март лани го запреа бродот „Генц 3“ со 146,5 тони цигари од овој бренд. Бродот испловил од пристаништето Бар. Товарот имал вредност од околу 20 милиони евра. Од црногорската царина тогашниот официјален одговор беше- цигарите од ДКП биле ипратени во Тобрук во Либија. И тогаш беше вмешана фирмата „Либерти Фзе“.

Грчкиот портал „tharrosnews.gr“ објави дека по тој повод се огласиле и египетските власти, проследувајќи документ во кој се наведува дека цигарите „Клеопатра“ од Црна Гора се лажни, станува збор за имитација. Египетскиот бренд неколку години се призведувал во ДКП, со кој од февруари газдува арапската компанија „БМЈ Индастрис ФЗ - ЛЛЦ“ од Обединетите Арапски Емирати.

Претставникот на оваа арапска фирма и човек кој сега управува со ДКП е Баранин Исат Бољевиќ, долгогодишен пријател на Среќко Кестнер, шверцер на цигари осуден во Германија. На пакувањата цигари „Клеопатра“ прозведени во подгоричкиот ДКП стои ознака - произведено во Египет. Од Египет уште во 2012 година најавија тужба за фалсификување на овој бренд. До денес нема податоци околу поднесувањето на тужбата.

Нејасни договори, добри пријатели

Новинарите во текот на иостражувањето успеаја да дојдат до договорот на ДКП со компанијата „Либерти Фзе“. Интересно е што во тој договор нема ни збор околу некакво производство на цигари „Клеопатра“ во црногорската фирма за потребите на компанијата од Обединетите Арапски Емирати.

Во извештајот, кој во септември 2013 година од ДКП стигна во црногорскиот парламент, може да се види дека ДКП почнал да ги извезува цигарите „Клеопатра“ во големи количини во 2012 година. Во царинските документи стои- просечно по пратка во Либија се транспортирани десетина контејнери цигари. Во десниот долен дел на царинските пријави за утовар на цигари може да се види и печат на барската фирма „ Оптимум Компани“, чиј еден од сопствениците е Радивоје Орландиќ, некогашен јавен функционер и пратеник во собранието на општина Бар.

Продолжение в среда, 29.06.2016: Тајните на шверцерското складиште 25

Авторите на истражувањето Владимир Оташевиќ, Марко Вешовиќ и Хасан Дијаб се наградени новинари-истражувачи на Центарот за истражувачко новинарство на Црна Гора, ЦИН-ЦГ, црногорскиот весник „Дан“ и хрватскиот „Вечерњи лист“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми