1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Црн ден“ за Турција

Кристијан Валц
17 април 2017

Германската влада воздржано реагира на исходот од референдумот за уставни промени во Турција. Германските опозициски политичари, од друга страна, упатуваат остри критики.

Türkei Referendum Auszählung
Фотографија: Getty Images/AFP/I. Akengin

„Сега најдобро би било да задржиме ладна глава и да постапуваме присебно“, изјави германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел. И додаде: „Добро е што толку огорчено водената референдумска кампања, исто така и тука кај нас во Германија, сега е завршена“.

Шефот на кабинетот на канцеларката Ангела Меркел, Петер Алтмајер изјави дека германската влада ќе го прифати резултатот произлезен од „слободно и демократско гласање“. Дали гласањето на референдумот поминало фер, ќе покажат меѓу другото и извештаите на набљудувачите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и на Советот на Европа: „Мислам дека во моментов мораме да бидеме претпазливи во заклучоците и тврдењата“, додаде Алтмајер.

Петер АлтмајерФотографија: DW/Heiner Kiesel

„Вратата кон ЕУ затворена“

Јулија Клекнер, заменичка на Ангела Меркел на претседателската функција во Христијанско-демократската унија (ЦДУ) сега, како што изјави, веќе не гледа шанси за прием на Турција во Европската унија. „Вратата за пристапување во ЕУ сега е конечно затворена. И финансиската помош за приближување кон ЕУ сега веќе е непотребна“, изјави Клекнер во гостински прилог за „Хафингтон Пост“.

И водечкиот политичар на сестринската партија Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) Манфред Вебер побара прекин на преговорите за членство на Турција во ЕУ. „Полноправното членство веќе не може да биде цел“, изјави Вебер, кој е претседател на пратеничката група на конзервативната Европска народна партија во Европскиот парламент.

Кандидатот на германската Социјалдемократска партија (СПД) за канцелар, Мартин Шулц повика да продолжи ангажманот за демократија и за човекови права. „Тесниот исход на референдумот покажува: Ердоган не е Турција“, напиша Шулц во постот на социјалната мрежа Твитер.

„Темелно преиспитување“

„На нашите односи со Турција сега им е неопходно темелно преиспитување“, побара потпретседателката на германскиот парламент, Бундестагот, Клаудија Рот. Како следни чекори, политичарката од редовите на партијата на Зелените побара да биде раскинат договорот со Турција за прифаќање на бегалците и веќе  да не се извезува вооружување во земјата членка на НАТО. Повторно почнување на преговорите за прием во ЕУ би можело да има дури откако во Турција би се случил „демократски пресврт“.

Клаудија РотФотографија: Reuters/F. Bensch

Шефот на партијата на Зелените, Џем Оздемир говореше пак за „црн ден“ за Турција. Земјата е длабоко поделена, но речиси 50 проценти гласаа за демократијата и против диктатурата, истакна Оздемир додавајќи: „Ние стоиме на нивна страна“. Истовремено тој побара итно повлекување на сите војници на Бундесверот од Турција.

Претседателката на пратеничката група во Бундестагот на партијата на Левицата, Сара Вагенкнехт, упати апел до германската влада. Таа, според Вагенкнехт, мора да се определи на чија страна стои: „На страната на демократијата или на страната на диктатурата на Ердоган“.

Турција рече „да“

01:36

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми