1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цунамито во Рио и Игрите во Сочи

Штефан Нестлер/СН31 декември 2014

Спортската 2014. ја одбележа германската титула на СП во фудбал и Зимските Олимписки игри во Сочи кои беа толкувани согласно политичките потреби. ДВ донесува преглед на случувањата во спортот во 2014. од германски агол.

Фотографија: Reuters/D. Staples

ЦУНАМИ: Кулминацијата се случи на 13. јули, малку пред полноќ, кога Марио Геце ја прими топката на гради и со левата нога постигна гол против Аргентина. Четврта титула за Германија. „Му реков на Геце: покажи му на светот дека си подобар од Меси“, откри подоцна селекторот Јоахим Лев. Светот од финалето повеќе ќе ги помни само историските 7:1 против домаќинот Бразил во полуфиналето. „Тоа беше цунами кое се надви над нас“, рече Карлос Алберто Пареира, технички директор на бразилскиот тим. Легендарниот напаѓач Мирослав Клозе го постигна својот 16. гол на светските првенства и така стана рекордер. Со тоа Клозе се прости од националниот дрес, а истото го сторија и Пер Мертезакер и капитенот Филип Лам, кој ја прослави и двојната круна (Бундеслига и германскиот Куп) со својот тим Бајерн Минхен.

Фотографија: Imago

ИГРИ: Потивко Германците се радуваа на успесите на помпезните Зимски олимписки игри во рускиот Сочи. 8 златни, 6 сребрени, 5 бронзени- шеста спортска нација во вкупниот пласман. На врвот на листата- домаќинот Русија. Тоа мора да го разгали Владимир Путин кој Игрите ги подготвуваше како работа на престиж. Тие чинеа 50 милијарди долари- повеќе од претходните 21. издание на зимските олимписки игри заедно.

КОНСТРУКТОРИ: Во сезоната на Формула 1 убедливо доминираше германскиот Мерцедес, чии сребрени болиди први поминаа низ 16 од вкупно 19 цели. Од нив дури 11 двојни победи, На крајот Британецот Луис Хамилтон во генералниот пласман заврши пред својот германски колега Нико Розберг. Миленикот на германската публика Себастијан Фетел не беше ни блиску до својата петта титула и разочарувачката сезона во Ред Бул заврши со преминување во традиционално најпрестижниот тим Ферари. Натпреварувањата паднаа во сенка на тешката повреда на возачот Марусија Жил Бјанки, кој и натаму е во сериозна состојба. Долг период на закрепнување е и пред легендата на спортот Михаел Шумахер, кој на крајот на минатата година доживеа тешка повреда при скијање.

Фотографија: Getty Images/Damien Meyer

ГОЛФЕР: Германската голферска ѕвезда Мартин Кајмер имаше најдобра сезона во својата кариера. Во мај на Флорида го освои Плејерс Чемпионшип, турнир кој носи најмногу пари. Потоа во јуни стана првиот Германец кој го освои УС-Опен.

АЈРОНМЕН: Исклучителна победа оствари триатлонец Себастијан Кинле на познатиот натпревар Ајронмен на Хаваи. По 3, 86 километри пливање, 180,2 километри возење велосипед и маратонско трчање, овој Германец беше 5 минути пред наредниот ривал. „Животот почнува онаму каде што завршуваат удобностите“, вели шампионот.

ЗАБОРАВЕНИ: Додека Германците вообичаено ги следат спортовите во кои се добри, тренерот на одбојкарската репрезентација се жалеше зошто јавниот сервис не ги пренесува натпреварите на неговите одбојкари. Нема дури ни снимки. А бронзениот медал на Светското првенство во Полска беше вистински подвиг, прв медал за Германија по 44 години.

ЗА МАЛКУ: Веќе 22 години се чека и тениската титула во Фед-Купот. Во ноември германскиот тим предводен од Андреа Петковиќ речиси успеа- но сепак Чешка беше пресилна во финалето.

Фотографија: picture-alliance/dpa/Sven Hoppe

РАЗНО: И надвор од терените имаше се’ и сешто. Томас Хицлспергер покрена лавина коментари по признанието дека е хомосексуалец- пред него тоа не го имаше направено ниту еден актуелен или поранешен професионален фудбалер. Сега веќе поранешениот претседател на Бајерн, Ули Хенес е осуден на 3,5 години затвор поради затајување данок. Пред истиот суд во Минхен, шефот на Формула 1, Берни Еклстон се извлече од обвинувањето за корпција, што го чинеше 100 милиони долари.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми