1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чаршиски разговори

18 април 2020

Бунтот околу интервенцијата во Скопската чаршија е разбирлив. Но треба да се знае дека сегашниов „автентичен изглед“ не е вековно стар, туку тоа е изгледот којшто Скопската чаршија го доби на крајот од 1970-тите

Old Bazaar  in Skopje
Фотографија: DW/K. Bogoeva

Повозрасните читатели, оние кои своето средно образование го стекнаа во СФРЈ, можеби се сеќаваат на обработката на литературниот опус на писателот Бора Станковиќ (најоригиналниот талент во српската книжевност на преминот од 19. во 20. век), за неговата „Коштана“ и многуте раскази. Станковиќ, роден во Врање, целиот возрасен живот го помина во Белград. Неговото творештво е натопено со враќање кон корените, кон она старо, загубено Врање. Она што никогаш нема да се врати, а од кое и самиот тој замина.

„Старото, дајте ми го старото! Ова што мириса на сув босилек и што сега така слатко паѓа. Паѓа и грее, го грее срцето“.

Овие зборови од расказот „Стари денови“ станаа амблематични за цели генерации скопски средношколци во 1970-тите. Во тие времиња тоа на некој начин значеше ретроспекција кон стариот живот,  во кој ја немаше потрошувачката треска што го беше зафатила општеството. Тоа на некој начин значеше почитување на средината (а и сиромаштијата), на загубените обичаи, на некои вредности со кои средношколците имаа малку допир. А од друга страна, истите тие средношколци во пост-Битлси времето, во опседнатоста со „Дорс“, „Лед цепелин“, „Пинк флојд“, Дејвид Боуви контрапунктно се трудеа да ги отфрлат тие загубени вредности на градот и да влетаат во панк и пост-панк револуцијата со отворени гради. Требаше да се влезе во новото време со инспирацијата на „Азра“, „Шарло акробата“, „Електрични орагазам“  – со „Пакет аранжманот“ за иднината.

Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Потрагата по новото во тоа време се одвиваше и во античките улички на Старата чаршија (или како што сите ја викаа - Турска чаршија). Дали бил Безистен, Капан ан или Куршумли ан – сеедно. Инспирацијата за новото беше во амбиентот како целина, а не во деталите. Сега, на пример, никој не би помислил дека би можел да отиде на чорба во преноќиштето „Шар“ (од тоа време), кое и тогаш беше пропаднато и супстандардно, но во извесен миг, во една секунда, може да стане инспирација.

Би било премногу претенциозно да се тврди дека денес Чаршијата не е инспирација за многу уметници (било да се поети, сликари или музичари), но расправата што се води околу поставувањето на новите травертински блокови на улицата „Битпазарска“, која од поранешната стоковна куќа „Илинден“ води право до Бит пазар, во голема мерка е надвор од супстанцата која е потребна и повеќе се сведува на врева во која има и точни тврдења и многу неточни.

Уникатна на Балканот

Скопската чаршија е уникатна на Балканот. Нејзината големина е супериорна во однос на сараевската Баш чаршија, иако таа изгледа е попозната во регионот. Белградска Скадарлија, на пример, во ништо не може да се спореди со Скопската чаршија (иако белградскиот топоним е претворен само во улица на кафеани). И Битолската чаршија е многу поразновидна, поголема, посодржајна, многу поавтетична од овие две славни места од поранешниот југословенски простор. Кај скопјани преовладува чувството дека Чаршијата како да е дел на битието на секого и секое чепнување во неа ја изместува вантрешната рамнотежа кај секој поединец. Тоа е извонредна работа – едно место да им припаѓа подеднакво на сите.

Фотографија: Kristian Cierpka

Многу франкенштајнски работи му се случија на Скопје и неговите граѓани сосема со право се чувствителни на секое чепкање во она што тие го имаат како непроменлива фиксација. Еден град не може да стои во место, мора да се развива, може само некои негови делови да останат како шпиртосани. Сосем веројатно дека земјотресот од 1963 година беше онаа точка каде што за многу граѓани на Скопје работата со развојот на градот е завршена – и за оние што тогаш биле живи и за оние што се родиле петнаесетина години подоцна. Опсесијата со Офицерскиот дом и Театарот никогаш не попушти, во ниеден миг – тоа беше она што го извикува Бора Станковиќ: „Старото, дајте ми го старото!“

Други колумни од Љупчо Поповски:

-Дали помошта има боја?

-Автократите ја сакаат пандемијата

-Кога непријателот е внатре

Ударот на таа опсесија и фиксација доби свое фактичко отелотворување во „Скопје 2014“ – проект кој уништи сѐ: и старите фантазии и новите идеи. Театарот беше изграден во некаква пара-реплика, Офицерскиот уште стои како карабина. Фасадите на зградите во центарот добија стари рува какви што никогаш немале во тоа „старото“. Претходно, кога Ристо Пенов беше градоначалник, беше извадена старата коцка од главниот плоштад и заменета со висококвалитетен босански гранит. Скопјани тогаш почувствуваа дека некој чепнал во нивната опсесија. Кога неколку години подоцна Коце Трајановски, по налог на главниот „градител“, реши да ги извади тие гранитни плочи и да ги постави малите бели и сјајни плочки (како подготовка за главниот проект на човекот со коњ и искукан меч) за штетата не можеше два пати да се плаче. Никој не разбра каде отидоа тие илјадници квадрати скапи гранитни плочи. А денес, во врелите лета е мачно да се прошета по плоштадот, затоа што отсјајот на сонцето од белите мазни плочки е толку силен што дури и не може да се гледа. Освен ако со подзамижани очи не одите гледајќи во нозете. Скопјани не можат да заборават што се случи и со калдрамата во нивната „летна резиденција“ – Охрид, кога камените плочи на главната улица беа извадени за да бидат заменети со мазен и лизгав мермер.  

Сол на отворена рана

И сега – кога некој чепка во Старата чаршија како да тура сол на отворена рана. Затоа што таа единствена остана на некој начин нечепната. Во времето на општиот страв и полициски час ова за многумина дојде како некаков капак врз бунарот во којшто се сите. Интервенциите таму започнаа уште на почетокот на март, околу споменикот на Скендербег, но на тоа никој не обрна внимание, иако и тој е дел од целиот комплекс. Но кога почна вадењето на травертинските плочи на улицата (од кои многу беа во лоша состојба, пропаднати и истрошени) реакцијата прерасна во бунт. Многумина не се ни сеќаваат дека оваа интервенција беше објавена и објаснета уште лани во октомври, а уште помалку дека целиот проект беше направен пред десетина години (заедно со планот за промена на излозите на дуќаните) и се чекаше да се најдат пари. Тие пари конечно стигнаа како грант од Светска банка во вредност од 600.000 евра, а потоа беше завршена и стручната ревизија на Конзерваторскиот центар за интервенциите што треба да се направат на улицата „Битпазарска“.

Донка Барџиева-Трајковска, наш познат стручњак за заштита на културното наследство, е во право кога вели дека и за „Скопје 2014“ „сѐ било во законска процедура“, па во какво чудовиште се претвори тој проект. Општината Чаир, кој е носител на проектот, не успеа да види какви би можеле да бидат реакциите на граѓаните и тоа да го претстави како проект кој е неопходен за да се зачува кондицијата на чаршијата. Деталното објаснување од Владата за целата постапка го ублажи гневот кон општинските власти (а преку тоа и кон централните власти), но сомнежот остана. За таква интервенција, особено во вакво кризно време, е потребен поинаков такт и умешност. Општинските власти тука потфрлија, без оглед што снимките покажаа дека на местото на изедената калдрма се поставуваат плочи од истиот травертин.

Фотографија: Samir Memedov

Но повиците и осудите дека со тоа се нарушувал автентичниот изглед на општината се далеку од вистинската ситуација. Оние средношколци од 1970-тите и нивните родители добро се сеќаваат како изгледаше тој „автентичен“ изглед на Старата чаршија. И тука лежи манипулацијата (ако така може да се нарече) што го храни сегашниот бунт. Освен две-три улици Чаршијата беше наредена со турска калдрма (делумно заменета во српското време меѓу двете светски војни) со камења поставени вертикално (за потешко да се абат), со разурнати тротоари, со скромен канализациски систем и со вода што течеше по бразди на средината. Дуќаните работеа во такви супстандардни услови кои денеска речиси и да не можат да се замислат. Проектот за нејзина ревитализација започна во 1970-титие заедно со обновата на неколкуте клучни објекти во Чаршијата, оштетени од земјотресот и од забот на времето. Оние што сега вреват за „автентичниот“ изглед нека погледнат некои фотографии од 1950-тите и 1960-тите и да видат како изгледаа Сули ан, Капан ан и Куршумли ан. Или како изгледаше златарската уличка. Веројатно не ќе можат да поверуваат во она што го гледаат.

Сегашниов „автентичен изглед“ е изгледот којшто Скопската чаршија го доби на крајот од 1970-тите. Сегашниве убави травертински плочи на најголемиот дел од улиците се дел од тој проект од тоа време, кога на Чаршијата требаше да ѝ се врати животот и да се направи поднослива и за оние што работат таму и за оние што таму пазарат, седат по кафеани или едноставно шетаат. За да може да имате барем некаква претстава како изгледаа поголемиот дел од помалите улички пред тоа време, можете да појдете во оној дел од Ново Маало што уште стои – меѓу „Веро“ и Олимпискиот базен – и таму на некои од улиците може да видите како изгледа автентичната турска калдрма. Можеби ќе ви биде убаво да прошетате еднаш-два пати, но прашање е дали би сакале таму да живеете.

Фотографија: DW/Tosev

 Баланс на времето

Клучното прашање е како да се најде балансот на времето – Чаршијата да изгледа стара и автентична, а во исто време да се осовременува. Ристо Пенов на времето сакаше да излезе од својата кожа кога мораше да ги слуша насоките на Васил Иљов, тогашниот главен градски конзерватор, за тоа како треба да се направи реконструкцијата на Камениот мост. Денес многумина би рекле дека металните конзоли, што ги поставиле турските власти во 1909 година, за да се додадат тротоари подобро му прилегале на Камениот мост, без оглед што не беа автентични. Но тоа било направено за да се зголеми сообраќајната проточност на главниот мост што ги поврзуваше двата дела на градот. Денес, по реконструкцијата под надзор на Иљов, мостот изгледа како многу нов, а многу малку автентичен. Особено неговиот коловоз, каде плочите се така машински сечени и спојувани што не може ни игла да се стави меѓу нив. Веројатно Иљов мислел дека со автентичноста не може да се оди до бескрај, до 16. век.

Фотографија: DW/D. Dedovic

Травертинските плочи што се поставуваат на „Битпазарска“ во Чаршијата исто така се машински сечени, не се рачно делкани, и тие ќе му дадат „нов“ изглед на комплексот. Како што му дадоа и оние плочи по кои сега газиме кога беа поставени во 1970-тите.

И она што е старо на свој начин се развива, освременува, инаку градовите би останале исти како пред пет века. Кога баронот Осман во 1850-те по задача на Наполеон III разурна половина од прегусто населениот Париз за да ги изгради неговите сегашни спектакуларни булевари, за голем дел од јавноста тоа беше уништување на автентичноста на француската метропола. Во најголема мерка оној Париз што сега ние го знаеме е „автентичноста“ на баронот Осман, а не на времето од „клетниците“ на Виктор Иго.

Прашањето е како интервенциите во старите јадра да се направат најумешно – да се додадат нови елементи, а тие да не се забележуваат. Тоа, навистина, е голема тајна и уште поголемо знаење. Не само за политичарите, туку и за конзерваторите.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми