1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чевли за менаџери

Лара Зилман / Елизабета Милошевска Фиданоска30 октомври 2012

Тие се елегантни, а сепак удобни - чевлите за менаџери се идеја на германски претприемач кој ветува дека и по цел ден стоење и одење, стапалата нема да болат!

Фотографија: Fotolia/babimu

Секојдневни сцени во центарот на Минхен. Бизнисмени итаат од еден термин на друг.

Така му било и на поранешниот менаџер Матијас Вебер. Неговиот работен ден завршувал секоја вечер со стапала што болат. Затоа дошол на идеја да направи бизнис-чевли, кои ќе бидат и модерни и удобни.

„На идеја за Вебер-чевлите не дојдов сам. Тоа беше група колеги на еден саем во Кина кој беше многу напорен и вечерта во хотелското лоби си рековме дека не е можно да нема класични чевли за мажи кои се удобни како патики. Јас реков дека ќе се позанимавам со тоа“, раскажува Вебер.

Цел ден во елегантни чевли најчесто значи - стапала што болатФотографија: Fotolia/Davidundderriese

На својот модел на чевли работел речиси две години, со поддршка на тим експерти, составен од ортопеди и дизајнери на чевли:

„Работевме многу на стабилноста на чевелот. Многу се лепи, се шие, има многу кожени компоненти кои се вградени и кои го прават чевелот флексибилен, а сепак стабилен.“

Вебер совети добивал и од спортскиот научник Хенинг Штајнер. Надворешниот дел од чевелот е од телешка кожа, додека внатрешниот дел, кај влошката, е пополнет со специјален вештачки материјал кој често се употребува кај патиките.

„Јас како спортски научник кога го видов чевелот бев веднаш воодушевен затоа што тој е апсолутно нетипичен за бизнис-чевел, екстремно е флексибилен, има релативно мек заден дел, кај петата, а тоа според моето искуство се и најголемите слабости на бизнис-чевлите“, објаснува Штајнер.

Внатрешноста на чевелот нуди повеќе простор од вообичаените чевли за мажи. Тоа овозможува и ставање дополнителни влошки. Вебер нагласува:

„Клиентите кон кои сум насочен се мажи на возраст од 35, 40 години, кои немаат веќе идеална тежина, но кои се занимавале многу со спорт и кои велат - сакам да сум класично облечен, но кои полагаат многу на тоа да имаат удобни чевли.“

Чевлите на Вебер се комбинација на елегантен чевел и патикаФотографија: Fotolia/Sebastian Krüger

Чевлите на Матијас Вебер од април годинава се на пазарот. Може да се купат во продавниците за чевли во големите германски градови, а еден пар чини меѓу 250 и 300 евра.

„Порано имавме други марки чевли, кои се‘ уште ги имаме, но кои во внатрешноста не се вакви, не се толку удобни и ја немаат комбинацијата - елегантни, а сепак удобни“, нагласува продавачката на чевли Елеонора Шулер.

За колекцијата Пролет 2013 претприемачот Матијас Вебер веќе разви нов прототип, со кој сака да ги привлече и помладите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми