1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема потреба веќе да се чека Иванов

22 март 2017

Блокадата на Иванов треба да се надмине со конституирање на Собранието и формирање Влада согласно Уставот, велат извори во ЕУ за ДВ. Колку побрзо, толку подобро, велат во Брисел и потврдуваат дека се разговара за санкции

Protest gegen den Besuch von EU-Kommissar in Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

Партиите зад кои стои мнозинство во Собранието треба да побрзаат и во најкус можен рок да го конституираат парламентот, да изберат претседател на Собранието, а потоа и да формираат влада. Ова е пораката која претставници на ЕУ ја испраќаат еден ден по посетата на Скопје, а била јасно изнесена и на вчерашните разговори со претставниците на политичките партии во Македонија.

Извори на ДВ во Брисел, кои бараа анонимност, велат дека во случај Иванов и во следните неколку денови да одбива да го даде мандатот за формирање влада, би имале разбирање доколку мнозинството, преку Собранието и во согласност со Уставот, преземе таков чекор.

Ставот во Брисел е дека во таков случај, веќе нема што да се чека, и дека со секој изминат ден расте опасноста од натамошни тензии во земјата. Се согласуваат дека и таквата легитимна постапка би можела да предизвика несогласување од противниците на брзото конституирање на власта, но тврдат дека алтернативата - да се губи дополнително време, е уште поопасна за земјата и може да доведе до ќорсокак и натамошна дестабилизација.

„Опасноста е поголема од кога било“, вели изворот. 

За претставниците на ЕУ нема дилеми дека Груевски стои зад протеститеФотографија: Reuters/O. Teofilovski

За претставниците на ЕУ нема дилеми дека Груевски стои зад организацијата на протестите, иако тој упорно тврдел дека нема никаква врска со нив и дека се работи за излив на незадоволство на народот.

Груевски на состанокот со еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европарламентарци се претставувал како жртва и тврдел дека нема контрола над ништо. Тој се жалел дека СДСМ целосно ги контролира медиумите, и дека СЈО работи за интересите на Зоран Заев.

Иако тоа не го кажал директно, впечатокот на присутните бил дека Груевски воопшто не сака никакво посредништво од ЕУ, откако во текот на два и пол часовниот разговор тој постојано ги повторувал истите работи и тврдо опстојувал на своите позиции, игнорирајќи ги забелешките на посредниците.

„Единствената цел на Груевски е да остане на власт, и тоа ни е јасно. Тој воопшто не е сериозен и го отфрла секој предлог“, вели нашиот извор.

Иванов не одлучува самостојно

Претставниците на ЕУ не биле особено шокирани од одбивањето на претседателот Ѓорге Иванов да се сретне со нив. Во Брисел велат дека и онака би му ги повториле истите работи кои веќе му ги кажале еврокомесарот Хан и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, при последните средби.

Во Брисел сметаат дека Иванов не е во состојба самостојно да донесува одлуки. Фото архива: Федерика Могерини и Ѓорге ИвановФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Извори на ДВ сметаат дека Иванов не е во позиција самостојно да донесува одлуки, па оттука и не очекувале дека разговорот со него би можел нешто да промени во однос на решавањето на кризата.

Во Брисел се разговара за можноста за воведување ограничени санкции против поединци од Македонија, потврдува нашиот извор, но не може да каже кога и дали навистина тоа ќе се случи. „Но и самиот факт што разговараме за тоа, говори доволно“.

Санкциите би опфаќале и замрзнување на сметки и забрана за патување, но таквите опции сѐ уште се само во фаза на консултации, и веројатно би оделе директно преку Европската Комисија. Во Брисел велат дека се свесни оти какво било друго санкционирање, вклучително и одземање на препораката, би одело на штета на граѓаните, а не на политичката врхушка која ги блокира процесите.

Веќе од утре се најавуваат нови разговори на претставници на егзекутивата и легислативата на ЕУ на кои будно ќе се следи состојбата во земјата и, доколку е потребно, експресно ќе се реагира и ќе се предлагаат решенија.

Впечаток е дека засега клучната порака е да не се изгуби премногу време во очекување на Иванов, туку да се делува согласно Уставот во насока на формирање парламентарно мнозинство и влада.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми