Челзи атакува на нова европска титула
15 мај 2013Премиерлигашот Челзи ќе влезе значително ослабен во вечерашното финале од Лига Европа против португалскиот претставник Бенфика. Во составот на Рафел Бенитез ќе го нема белгискиот репрезентативец Еден Азар. Носителот на играта на Челзи во фазата од нападот има повреда на задната ложа, додека се прават напори да се оспособи капитенот Џон Тери, чија повреда е нешто полесна. И покрај проблемите што ги има Бенитез со составувањето на првиот тим, во Челзи владее оптимизам дека можат да победат и да станат првиот тим кој по триумфот во Лигата на шампионите, следната година ја освоил и Европа лигата. Добра вест е дека рекордерот по бројот на постигнати голови во клубот, ветеранот Франк Лампард, најверојатно ќе го продолжи договорот за уште една година, во очекување на враќањето на клупата на португалскиот стратег Жозе Мурињо.
Од друга страна, португалскиот претставник очекува прекинување на деценискиот пост на европска титула кој трае веќе 52 години. За Бенфика евентуалниот триумф во второто по квалитет клупско натпреварување во Европа, би бил сатисфакција за несреќниот пораз од Порто во домашното првенство викендов со гол примен во судиското надополнување, по што титулата е речиси загубена. Финалето на Лига Европа меѓу Челзи и Бенфика ќе се игра вечерва од 20 часот и 45 минути на „Амстердам Арена“.