1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Челзи слави, Бајерн во шок

АТ/ миа/ дв/ дапд/ сид 20 мај 2012

Челзи ја освои титулата европски шампион, откако синоќа на „Алијанц Арената“ по изведување на пенали, го совлада Бајерн Минхен. Германскиот клуб пропушти историска шанса на домашен терен да стане европски првак.

Фотографија: Reuters

Минхен тагува. Бајерн Минхен ја пропушти историската шанса со победа на домашен терен во финалето на Лигата на шампионите да ја освои петтата титула европски првак во деветтото финале на клубот во Лигата на шампиони. Челзи за првпат во својата историја стана европски првак. Во своето второ финале клубот ја освои титулата, откако во 2008 година на пенали во Москва загуби од Манчестер Јунајтед.

Возбудувањата на финалето беа во последните минути од регуларниот дел. Прво баварците поведоа во 83. минута преку голот на Томас Милер, а Дидие Дрогба изедначи во 88. минута, по првиот корнер за „сините“.

Во регуларниот дел финалето заврши 1:1 што беше знак за продолженија. На самиот старт на првото продолжение Дрогба направи пенал над Франк Рибери, но Петер Чех го одбрани ударот на Арјен Робен. Откако и продолженијата завршија без победник, се изведуваа пеналите.

Бастијан Швајнштајгер го промаши последниот пенал за БајернФотографија: Reuters

Во првата серија пенали за Бајерн прецизен беше Филип Лам, а кај Челзи Хуан Мата не реализираше. Бајерн ја зголеми предноста со голот на Марио Гомез, а за Челзи прецизен беше Давид Луиз. Третиот и последен пенал за Бајерн го реализираше голманот Мануел Нојер, а на 3:2 намали Франк Лампард. Во четвртата серија Чех го одбрани шутот на Ивица Олиќ, а Ешли Кол изедначи на 3:3. Во последната серија Бастијан Швајнштајгер ја погоди стативата, а Дрогба беше прецизен за 4:3 и победа и славје за играчите на Челзи.

Непреспиена ноќ

Тренерот на Бајерн Минхен Јуп Хајнкес по натпреварот самокритично изјави: „Пропуштивме многу шанси. Во голем дел од натпреварот пруживме навистина добра игра, повеќе ја поседувавме топката. Меѓутоа, многуте шанси не ги рализиравме, тие мора да се искористат, инаку се казнуваат. Потоа водствотото требаше да го задржиме. Мораме да се прашаме зошто не го спречивме изедначувањето. Челзи беше компактен, имаат многу искусни и паметни играчи. Не смееме да го обвинуваме противникот за начинот на игра. Со такво нешто во фудбалскиот живот мора да се излезе на крај“, изјави Хајнкес.

Роберто ди Матео, тренерот на Челзи пак, најде пофални зборови за противничкиот тим: „Бајерн играа многу добар натпревар, имаа многу повеќе шанси од нас. Кога се оди на изведување на пенали, тоа е лотарија. Едноставно имавме повеќе среќа од Бајерн“, изјави Ди Матео.

Томас Милер се’ уште неможе да поверува во поразотФотографија: picture-alliance/dpa

И легендата на Бајерн Франц Бекенбауер потврдува дека за изведувањето пенали е потребна среќа, но и помалку критички кон својот клуб вели, дека Баварците го имаа мечот во свои раце, но го предадоа. „Едноставно не требаше да биде“.

Единствениот стрелец во регуларниот дел, Томас Милер ,не може да го преболи поразот: „Се’ уште не можам да сфатам дека не победивме“, но „фудбалот не е се’“, вели Милер, кој смета дека неговиот тим беше подобар на синоќешниот меч.

Фудбалот ја окупира и политиката

Драматичниот пораз на Бајерн Минхен го следеа и канцеларката Ангела Меркел и британскиот премиер Дејвид Камерон, кои се искрадоа од конференциската соба на самитот на Г8 во Кемп Дејвид за да гледаат фудбал. Еден по еден им се придружија и другите шефови на држави или влади, така што при изведувањето пенали пред телевизискиот екран беа сите учесници на самитот на Г8.

Фудбал се гледаше и на Кемп ДејвидФотографија: Reuters

Меркел по поразот на германскиот тим сега стравува дека фрустрираните ѕвезди на Бајерн ќе имаат проблеми при подготвоките за ЕП со репрезентацијата. „Сега е неопходна психолошка поддршка“, изјави Меркел на пат кон самитот на НАТО.

Британскиот премиер Дејвид Камерон се покажа пак како лош прогнозер. Пред изведувањето на пенали, Камерон рекол дека германскиот тим „како секогаш“ победува кога се изведуваат единаестерци.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми