1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Чесни“ Македонци

20 февруари 2020

Политичките партии на Македонците би требало да се освестат и созреат во прифаќањето на реалноста дека секоја подлост смислена на сметка на останатите, веќе редовно се враќа за наплата на нивна сметка.

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Гледано од денешна перспектива, доколку изборите на 12 април бидат фер, демократски, транспарентни и без надворешно вмешување ВМРО-ДПМНЕ може да очекува блага победа над СДСМ, налик на онаа од 2016 година, со пар пратеника повеќе. Акцентот на оценката ставете го на првиот дел од констатацијата, употребена како смислена воведна провокација за согледување на ефектите од реперкусиите на релативните победи и порази по општествено-политичките прилики во земјата. Кои се повеќе наликуваат на некои поранешни искуства кои се одвиваа пред повеќе од деценија, но сега со уште подраматични реперкусии.

Веќе е сосема очигледно дека СДСМ спасот или победата ја бара во таканаречената виножитна формула на наслонување врз широка лепеза на обединување на различни етнички групи околу жолтата роза на партијата и ликот на Зоран Заев. Во таа формула Македонците се секако доминантната етничка група која го сочинува јадрото на партијата, засилени со широка лепеза на подржувачи од другите етнички заедници. Втората карактеристика на тој приод е што во пристапот кон Македонците СДСМ повеќе се наслонува низ пропагирање на партијата им и држење на Заев во подрум, додека пак во пристапот кон не-македонците се наслонуваат врз ликот на Зоран Заев и држење на СДСМ во втор план. Што со обѕир на наметнатата негативистичка поврзаност на името Заев со болните етно-идентитетски прашања е сосема логичен пристап кон македонското гласачко тело. Додека пак популистичкиот, провинцијален и фолкерски имиџ на Заев се користи како адут на привлекување на немакедонскиот дел од гласачкото тело.

Фотографија: Petr Stojanovski

Овој пристап, помалку или повеќе, беше формулата на релативниот успех на СДСМ во последните две изборни соочувања и референдумот. Слабата точка на обидот за повторна употреба на тој пристап е што ова соочување се случува по скандалот Рекет кој драматично ја измени визурата на гласачите за СДСМ како реформска партија и ликот на Заев како чесен и одговорен политичар – кај сите етнички заедници. Но тоа е помалиот дел од непријатната дилема која се надвиснува како врз оваа партија, така и врз севкупната политичка и општествена сцена.

Други колумни од авторот:

-Графити позади таблата

-Забранета регенерација

-Преспански: Ние ка’о браниме, тиe ка’о напаѓаат

Дилемата околу пристапот на СДСМ базиран врз македонско јадро и мултиетничка обвивка не е воопшто дискутабилен во бројката на немакедонски гласови за социјалдемократите, колку што е во бројката на доминантните акционери, т.е. на Македонците. Се разбира, политичката коректност налага да истакнеме дека на демократски избори гласот е глас, без никаква етно-идентитетска тежина. Но изборите траат еден ден, додека пак изборните ефекти се со троа подолг ефект. А тој ефект, во дадениот случај, ја повлекува непријатната состојба со квалитетот на етничкото претставништвото базирано врз сувата математика на гласачкиот квантитет.

Дури и напорите на Заев (повеќе) и СДСМ (помалку) за компензирање на кусокот македонски гласови преку шармирање на Албанците се под знак прашање и сомнеж дали партијата на власт сеуште може да обезбеди подршка на албанците налик на оние од последните претседателски избори (во најдобар случај) или оние од изборите 2016 (во најлош случај). Разгранаетоста на албанските политички партии секако се причина плус за сомнеж во големите надежи на СДСМ. Дотолку повеќе што односот на албанците, како втора по големина етничка заедница, кон СДСМ се повеќе наликува на односот на Македонците, т.е. недоверба кон партијата компензирана со пролетаријатски блага наклонетост кон Заев. Интересно е што таа дилема не е толку изразена кај останатите етнички заедници – Турците, Бошњаците, Србите, Ромите итн. кои во СДСМ делумно препознаваат спас од доминатните етнички исклучивости на ВМРО-ДПМНЕ а делумно во Заев сакаат да видат некој нов Тито.

СДСМ и Зоран Заев имаат целосно легитимно, логично и прагматично право да сметаат на победа извојувана врз таквата широка виножитна лепеза на мултиетнички гласачки групи околу доминантната носечка етничка матрица. Но  непријатното, политички некоректно и судбински неизбежно прашањето кое виси во воздух сепак не е колку етнички не-Македонци би гласале за СДСМ, туку колку етнички Македонци ја сочинуваат изборната матица на самата партија? Одговорот на прашањето лежи од другата страна на спектарот.

Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

ВМРО-ДПМНЕ не се обидува премногу да ја сокрие надежта дека победата ќе ја бара преку доминантно македонската етничка наратива, со тука-таму споредни ликови од останатите етнички заедници. Сосема е лесно да таквиот пристап се оцени како националистички или ретрограден дух на партијата, но оценката сепак не нуди одговор и решение за мотивите и сентиментите на обичните гласачи за определба кон таквата понуда. Дотолку повеќе што по сите финансиски скандали, арогантни елитизми, дрски потсмевања од страна на СДСМ, легитимно е да се запрашаме не колку лица би гласале за ВМРО, туку колку од нив се мотивирани од чисто националистички побуди а колку од етнички неоповарен граѓански гнев поради несовесните и скандалозни поведенија на СДСМ? И во прилог на тоа, дали вториот мотив може да биде двигател на селидба на мал, но можеби пресуден контингент на немакедонски гласови од сметката на СДСМ кон контото на ВМРО-ДПМНЕ?

Наведените претпазливи, деликатни обсервации на состојбите во и околу двете партии се само вовед кон поставувањето на непријатното прашање за кое е подобро да размислуваме сега отколку по изборите. Дали формулата за СДСМ и нивните надворешни подржувачи базирана врз идеалот на виножитото може да резултира во болна реалност и гневна реакција не на ВМРО, туку на етно-македонското гласачко тело? Одговорот треба да се бара во напорот на правење дистинкција помеѓу легитимноста на одбивањето на македонскиот национализам и дискутабилноста на пристапот во игнорирање на македонскиот сентимент.

Предупредувањето дека станува збор за опасност од повторување на историјата е затоа подеднакво упатено кон СДСМ, кон ВМРО-ДПМНЕ но и кон меѓународната заедница. Тој филм на прелесно отфрлање на гласачката волја во име на некаква идеолошка или виножитна паралажа веќе беше виден во 2006 година кога токму ВМРО-ДПМНЕ ја газеше изборната волја на албанските гласачи. Се сеќаваме што следеше потоа, и трае се до денес. Со надеж дека ќе бидам демантиран, не можам а да не ја истакнам дилемата за можно повторување на истото сценарио, но сега со двојно засилен ефект на непретставителност на македонската заедница по истиот, идентичен терк кој токму ВМРО-ДПМНЕ сакаше да го искористи кон Албанците со помош на македонските гласови, но и гласовите на Бошњаците, Турците, Ромите, Србите итн.

Фотографија: Government of N. Macedonia

Социjалдемократите би требало да го имаат на ум овој можен исход на нивната формула, за последиците кои би уследиле и драматичните реперкусии кои би ја запечатиле нивната судбина, а политичка сцена на Македонија ја фрлат во вртлог. Сите дебати, сите кампањи на умилкување кон не-Македонците, сите шарам-барам акробации не може да ја сокријат дупката создадена во македонското гласачко тело на СДСМ. Албанците не можат, ниту сакаат да бидат пополнувачи на таа дупка, а верувам дека ниту останатите етнички заедници не се далеку од таа мисла. Одбивањето да се биде штрајкбрекер на сметка на Македонците е гест на солидарност кон Македонците, иако токму Македонците (некогаш ВМРО, денес СДСМ) не ретко – туку зачестено – ја користеа токму таа полуга за сеење семе на „раздели па владеј” кај Албанците и останатите етнички заедници. Политичките партии на Македонците би требало да се освестат и созреат во прифаќањето на реалноста дека секоја подлост смислена на сметка на останатите, веќе редовно се враќа да за наплата на нивна сметка. Би требало. Но не е за очекување.

СДСМ никогаш ниту сакало, ниту имало доволно чесност во себе за да се откаже од белградската школа за експлоатација на „чесни Албанци” (sic!) користени како „кукли од насловни страни” зад кои го кријат сопственото сиже на етничко или елитистичко едноумие. Но, ете, тркалото се врти и сосема извесно е дека на крај таквата ароганција на неприкосновени селектори на чесноста на другите ќе ги доведе во состојба да бидат закитени од сопствениот народ со епитет на „чесни Македонци”, фалени од некој нов Белград, но сметани како изроди од сопствениот народ. Претешка констатација? Груб израз? Нека ги прашаат Албанците.

Прелесното прелетување врз опасноста да Македонците ја осетат пировата победа на ВМРО како клета судбина засигурно долгорочно нема да остане без последици, посебно во контекст на надворешните замешателства кон нас. И тоа треба да го имаат предвид сите локални играчи и меѓународни фактори. Но исто така, прелесната калкулација на ВМРО-ДПМНЕ да капитализира врз болните отстапки кон името несомнено е индикатор дека реформите во таа партија се сеуште само мислена именка. Груевски не беше исклучок, туку правило на сите балкански „патриоти” кои дебело се офајдуваа од математиката „патриотство за вас – парите за мене”. Стравот од соочување со таа морална дупка во нивниот предизборен пристап е секако подеднакво аморален како и пристапот на СДСМ за релативизација на „Рекет“ и потпирањето на „етничка чесност”. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ сака победа. И тоа е неспорно. Но доколку сака победа по секоја цена – редно е предизборно да  ги запрашаат Македонците дали се спремни да ја прифатат сметката.   

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми