1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Честитки од ЕУ за изборите на Косово

13 декември 2010

По пребројувањето на над половина од гласовите на парламентарните избори на Косово, Демократската партија на Косово (ДПК) на актуелниот премиер Хашим Тачи е во водство, но нема апсолутно мнозинство.

Парламентарните избори на Косово поминаа без поголеми неправилностиФотографија: DW

Европската унија му честиташе на Косово за изборите кои протекоа мирно и без поголеми манипулации. Пратеничката за надворешни работи на ЕУ Кетрин Ештон и Комесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе денеска во Брисел го поздравија учеството на сите етнички заедници на изборите. Тие повикаа резултатите да бидат потврдени во согласност со законот.

Европарламентарката и набљудувач на изборите Дорис Пак исто така изрази задоволство поради „зголемената излезност“ на српското малцинство на првите избори по независноста на Косово. Сега е најважно брзо да се формира нова влада и да се одбере нов претседател, истакнаа Ештон и Филе: „Наредната година не’ очекува многу работа, за Косово да напредува кон ЕУ“.

Комесарот за проширување на ЕУ Штефан ФилеФотографија: AP

Тачи веќе слави

Партијата на премиерот Хашим Тачи уште вчера се прогласи за победник на вонредните парламентарни избори на Косово. На Хашим Тачи нема да му биде воопшто лесно формирањето на нова влада и ќе мора да побара соработка од повеќе политички партии, кои досега не прифаќаа коалиција со Демократската партија на Косово.

Раздор помеѓу двете водечки партии

Претседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) Иса МустафаФотографија: DW

Приврзаниците на Демократската партија на Косово до раните утрински часови на улиците и на плоштадите во Приштина ја славеа победата на нивната партија на првите парламентарни избори на Косово по прогласувањето независност. Победата е наша, порача лидерот на партијата и актуелен косовски премиер Хашим Тачи во обраќањето до задоволните членови и поддржувачи на партијата.

„Изборите беа референдум за европската иднина на Косово“, порача Тачи.

Најмногу гласови освои Демократската партија на Косово, а втор според бројот на гласови е нејзиниот поранешен коалициски партнер во владата, Демократскиот сојуз на Косово. Меѓутоа двете партии во меѓувреме се длабоко спротиставени. Изненадувачки добри резултати на изборите постигна националистичкото движење „Самоопределување“, кое се залага за обединување на Косово со Албанија. Поради одбивањето на Демократскиот сојуз на Косово повторно да учествува во владата, ова движење е можен коалициски партнер.

Во интерес на Србите е да имаат претставници во владата

Парламентот во ПриштинаФотографија: DW

Дел од Србите, главно оние кои живеат на северот на Косово, го послушаа повикот на владата во Белград и ги бојкотираа изборите.

Најмногу гласови од Србите кои излегоа на избори, освоила Самостојната либерална партија (ЛДП), која и досега учествуваше во работата на косовската влада. Тие истакнуваат дека застапеноста на Србите во владата е услов за остварување на интересите на српскиот народ.

По објавувањето на резултатите од големо значење е српските претставници да бидат партнери на партиите на косовските Албанци, да се изборат за подобри позиции во владата и да се заложат за поефикасно решавање на проблемите, кои се причина за непродуктивната политика, смета ЛДП.

Автор: ЈЈ/СН/бета/ројтерс/ап

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми