1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Четвртата ѕвезда не падна од небо

С.Недевски/ам/фаз/ноз/сз/хб14 јули 2014

Војна во Газа? Криза во Украина? Шпионска афера? Тоа во Германија повеќе никого не го интересира. Ни политичарите, ниту економистите и медиумите. А, посебно не фудбалските навивачи, коментира германскиот печат.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Победата беше постигната тешко, но не е никакво чудо што сепак се случи. Освојувањето на титулата светски првак не е нешто како ѕвезда што паѓа. Исходот на Светското првенство е резултат на долго и педантно планирање. Темелите на оваа победа се поставени уште пред 10 години. Бидејќи без вложување во тренинзи, обука и технологија, во подмладокот и тимовите стручњаци, не би бил можен триумф по 24 години од последната победа. Титулата светски првак освоена синоќа на Маракана е награда за храбост во обидите да се направи нешто ново во што Јоахим Лев успеа, по 8 години од преземањето на селекторската функција“, коментираше Франкфуртер алгемајне цајтунг.

„Германскиот тим во финалниот натпревар се обиде да игра ’жого бонито’ (убава игра, н.з.), онака како што тоа го замисли селекторот Лев, значи онака како што тој замислува добар фудбал. Неговата екипа не беше уплашена од силната одбрана на противникот. Точно е и дека избраната екипа немаше контрола над молскавичните акции на Аргентинецот Меси, но сепак успеа да остане суверена во текот на драматичниот дуел. Со голема самодоверба Јоаким Лев ги водеше исклучително талентираните играчи во текот на целиот турнир и стигна до целта: 1954, 1974, 1990, 2014 - четвртата титула светски првак носи и четврта ѕвезда на дресовите на идните репрезентативци на Германија. Мора да се каже дека тоа е негова заслуга, иако дури во 54. година од животот откри сосема нов пристап во задачата селектор. Значи, во години кога поголемиот број од тренерите веруваат дека веќе се’ искусиле“, анализира Зиддојче цајтунг.

Фотографија: Laurence Griffiths/Getty Images

„Германија е светски шампион во фудбал. Тоа мора да се прослави. Она што започна ноќеска со излегување на улиците, создавање бесконечи редици возила, концерт од сирени и извици, поради кои во многу градови настапи вонредна состојба, ќе биде крунисано со пречекот на шампионите во Берлин. Сето останато е моментално во втор план. Војна во Израел? Војна во Украина? Шпионска афера? Тоа во Германија веќе никого не го интересира. Ни политичарите, ниту бизнисмените, а изгледа ни весниците и ТВ станиците. А, посебно не љубителите на фудбалот, на кои секојдневието за време на првенството дефинитивно им изгледаше поинаку. На крајот, фудбалот е кај голем број луѓе одговорен за емотивното одалечување од рационалното, од секојдневните проблеми. Истовремено, овој спорт за некои е сретство во остварување на поинаква цел: за самопромоција, огласување и заработка на пари. Овој тренд не претставува ништо ново, но неговите димензии растат“, забележува Ноје оснабрикер цајтунг.

„Радост и славеничко расположение сѐ до утринските часови - сѐ се тоа спонтани, краткорочни реакции на луѓето, по повод четвртата титула светски првак, на која толку долго се чекаше. Меѓутоа, огромната емоционална возбуда нема долго да трае, секојдневниот живот за час ќе се врати во нормала. Сепак, ефектот - триумф на Светското првенство во Бразил, има и долгорочен карактер. Бидејќи фудбалот е неверојатно важен спорт ширум планетата. Победата на Германија на Светскиот куп ќе влијае и на подобрувањето на имиџот на земјата и надвор од спортот“, пишува угледниот економски весник Ханделсблат, осврнувајќи се на економскиот ефект на германската победа на првенството во Бразил: „На Германија добро и’ оди и без титулата светски првак. Поради тоа многу сметаа дека праведно би било пехарот да отиде во Аргентина, презадолжена земја, која емоционалниот поттик многу повеќе би значел отколку на богатата Германија, но така е како што е, нема назад - пехарот отиде во рацете на германските репрезентативци“.

Фотографија: Reuters

Некои германски весници ги преносоа коментарите на аргентинскиот печат. „Украдена ни е надежта, националната гордост. Аргентинската репрезентација го загуби натпреварот во продолжението, по постигнувањето на феноменалниот гол на Германецот Геце. Германија не порази, исто како и во 1990. година. Сепак, игравме чесно. Италијанскиот судија во второто полувреме не досуди јасен фаул над Игуаин. И покрај болката нашите момчиња заслужуваат аплауз“, пишува весникот Оле.

„Директен удар во срце. Меси несомнено најмногу прдоинесе за квалификација на Аргентина на Светското првенство. Но, аргентинската селекција во текот на натпреварите во Бразил сепак повеќе се погрижи за неизвесност отколку за сигурност и победа. Против Холандија и Германија не беа одиграни натпревари кои ги очекуваше светот, за да може Аргентина да биде крунисана со титулата првак на ова првенство“, забележува Насион.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми