Четвртфиналето на нишан на македонските кошаркари
6 септември 2011Во новоформираната осминафинална група во која натпреварите ќе се играат во главниот град на Литванија, Виљнус, Македонија и Русија ќе стартуваат со по 4 бодови, Словенија и Грција по 3, а Грузија и Финска по 2.
Првиот натпревар Македонија против Грузија го игра во четврток на 8 септември во 14:30 часот. Потоа следува дуелот со Словенија во сабота на 10 септември во 17 часот а против Русија македонските кошаркари играат во понеделник на 12 септември во 20 часот.
Според плејмајкерот и играч со најголема минутажа во македонската репрезентација Владо Илиевски по синоќешната победа против Босна и Херцеговина и четвртфиналето е лесно достижно.
„Голема победа за Македонија, за нас кои со 4 бодови ќе продолжиме во следната фаза. Во најважните моменти покажавме карактер и ја заслуживме победата и првото место. Словенија и Русија се одлични екипи, но со една победа можно е да бидеме и во четвртфиналето“, изјави Илиевски.
Одбраната- клуч за успехот
Македонија синоќа во Алитус ја совлада Босна и Херцеговина со 75:63 во последното 5.коло од групата„Ц“. Серијата од 14:0 на почетокот на второто полувреме беше клучна за победата на „црвено-жолтите“. Најпрецизен во нашиот состав беше Лестер Бо Мек Кејлеб со 22 поена, додека капитенот Перо Антиќ повторно имаше „дабл - дабл“ учинок со 15 поени и 14 скокови. Двоцифрен скор на реализација - 13 поени имаше и Тодор Гечевски.
Македонскиот селектор Марин Докузовски на прес-конференцијата по натпреварот заслугата и за овој триумф ја препиша на дефанзивата.
„ Одигравме многу важен натпревар, не беше лесно за двата тима кои претходно имаа одиграно неколку тешки натпревари. Одигравме многу добра одбрана и на овој натпревар и успеавме да ги запреме Хенри Домеркант и Мирза Телетовиќ со што си го олеснивме патот до четвртата победа во групата", истакна Докузовски.
Германија најнапред со фаворитот Шпанија
Во втората осминафинална група, чии натпревари истотака ќе се играат во Виљнус, Франција влегува со најдобар скор од 4 бодови, додека Србија, Литванија, Шпанија, Турција по 3, а Германија 2.
Германците предводени од НБА- суперѕвездата Дирк Новицки во последниот натпревар од групата Б тесно ја совладаа Летонија со 81:80. Тие ќе имаат исклучително тешка задача за пласман во четвртфиналето. Одисејата започнува утре со мечот против можеби најголемиот фаворит на Евробаскетот, Шпанија а потоа следуваат натпреварите со силниот домаќин Литванија и со Турција.
Автор:СН/ЖА/миа/дпа
Редактор: Жана Ацеска