Четириесет години Ербас
28 декември 2010Во Финкервердер во Франкфурт се наоѓа погонот за монтажа на Ербас. Во халата се монтира моделот А 380, кој треба да се испорача за неколку недели. Во погонот во Хамбург се конципираат и вградуваат сите кабини за моделите А 380 и А 320. Исто и кај авионите кои се монтираат во Тулуз, кабината се монтира во Хамбург. Торе Пранг, портпаролот на Ербас Германија вели:
„Во различни земји се произведуваат различни делови на авионите. Ние во Германија сме задолжени за трупот на авионот и кабината.“
Усогласување на производствените системи
Колегите во Англија се задолжени за крилата, во Франција се произведуваат делови од трупот и од крилата и се конципира пилотската кабина, и исто како во Германија таму се врши завршна монтажа на авионите. Но, најважна задача на колегите во Тулуз е усогласување на системите за производство, вели Пранг:
„Целокупниот менаџмент на нашите производствени системи е од Франција.“
Дека тоа не е едноставно, покажа примерот со А 380. Поради примена на различни ИТ-системи, најголемиот патнички авион во светот беше испорачан со задоцнување, објаснува експертот за авиосообраќај Корт Шеленберг од Хамбург:
„Мрежата не беше ефикасна. Пренесувањето на податоци, прочуените дрва од кабли беа премногу кратки, кои подоцна беа вградени во А 380.“
Во меѓувреме компанијата се справи со проблемите, но сериското производство на А 380 се‘ уште не функционира беспрекорно.
Повеќе специјализирани оддели низ Европа
Од различните европски седишта на Ербас, кои порано беа формирани поради распределба на работата, сега настанаа оддели специјализирани за различни области, смета Шеленберг:
„Навистина има специјалисти, кои се распоредени низ Европа. Тоа секако е јадрото на Ербас...“
Шеленберг зборува за негативното влијание на политиката врз работата на Ербас:
„Многу е негативно за фирмата, кога политиката и‘ пропишува какви одлуки треба да донесе, за што повеќе луѓе во земјата да имаат работа.“
Експанзија на Ербас и надвор од Европа
Ербас веќе преместува делови од своето производство и надвор од границите на Европа, и отвора погони во земји со евтина работна сила. Една од причините е намалување на трошоците, но не само поради тоа, смета Јирген Томас, поранешен инженер во Ербас и творец на А 380:
„Такви програми денес може да се реализираат само глобално. Причината за тоа е што повеќе земји имаат своја индустрија. Тие земји не даваат милијарди за да ја збогатат својата флота, и се откажуваат од нови работни места. Глобалната продажба значи и глобално производство.“
Така од есента во 2008 година почна целосна монтажа на типот А 320 во Кина, во најголем дел наменети за кинескиот пазар.
Автор: Верена Херб/ Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Трајче Тосев