1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Чеченци и татарски муслимани војуваат на страната на Украина

28 март 2022

Чеченскиот сојузник на Путин, Рамзан Кадиров, се фали со улогата на неговите војници во војната во Украина. Но, многу Чеченци и Татари ја бранат Украина и си ги порамнуваат сметките со владетелите во нивните татковини. 

Eid al-Adha in Ukraine
Фотографија: Serg Glovny/ZUMA/picture alliance

Не е јасно колкав е бројот на овие борци распоредени на украинска територија, но нив ги бие глас на бруталност и безобѕирност и нивното присуство ги врати сеќавањата на страшните урбани битки и герилската војна во Чеченија во 90-тите и на почетокот од овој милениум. 

Лидерот на Чеченија и близок сојузник на Путин, Рамзан Кадиров, на неговиот Телеграм канал објави дека неговите луѓе се борат на  најжешките боишта во Украина”.

Но, аналитичари имаат сомнежи дали неговите фалби на социјалните мрежи соодветствуваат на перформансите на неговата војска на терен.

На боиштата има и друга група Чеченци, но овие  ја бранат Украина  од руската инвазија. 

„Драги Украинци, ве молиме не ги гледајте тие луѓе како Чеченци”, рече Адам Осмајев, чеченски лидер во егзил во видео објавено на социјалните медиуми, алудирајќи на борците на Кадиров. „Тие се предавници … руски марионети."

„Вистинските Чеченци се со вас, крварат со вас како и во изминатите осум години," рече тој со пушка во раце застанат до тројца други вооружани мажи со маскирани лица.

Осмајев е предводник на баталјонот „Џохар Дудајев” именуван според починатиот лидер на чеченските востаници. Тие се една од две јавно познати групи на чеченски доброволци кои се борат против сепаратистите поддржани од Русија и руските сили во Украина од 2014. Другата се вика баталјон „Шеик Мансур”, предводена од командантот Муслим Чеберлоевски. 

Идентитетот и точниот број на чеченските доброволци не е познат, но за повеќето од нив се смета дека се лица кои ја напуштиле Чеченија по 2003. година  или побегнале од деспотското владеење на Кадиров во изминатите години. 

Во 2013. година украинската влада, во тоа време сојузник на Москва, го затвори Осмајев заради кроење планови за ликвидација на Путин, обвинувања кои тој самиот ги отфрла. Кога тој беше ослободен една година подоцна, замина во Донбас да се бори против проруските сепаратисти. 

И западните и руските медиуми известуваа за наводни врски меѓу баталјонот „Шеик Мансур” и „Исламска држава”. 

Кога армијата на Путин почна марш кон Киев, лидерите на двата баталјона заедно со илјадници други доброволци од странство објавија дека ќе продолжат да ја бранат Украина од „заедничкиот непријател”. Нивната одлучност да ѝ помагаат на Украина и покрај руската инвазија потекнува од сличностите кои ги гледаат меѓу судбината на Украинците и на нивните народи. 

Долга и насилна историја

Чеченија, сега руска република, е татковина на мнозинско муслиманско население и има комплицирана и многу често крвава историја во релациите со Москва. По распадот на Советскиот Сојуз,  Русија водеше две разорни војни  за да спречи независност на Чеченија, цел која Чеченците ја следат уште од распадот на Советскиот Сојуз.

Првиот конфликт се разгоре во 1994 година кога Русија испрати сили во Чеченија да го задуши обидот за самостојност. Борбите прекинаа две години подоцна во 1997, по потшишувањето на мировниот договор во август 1996. година. 

Но, во 1999. година руската армија се врати, по серија терористички напади организирани од чеченски команданти на територијата на Русија. Нова војна се разгоре, која траеше цела деценија и кулминираше во заземањето на Грозни од страна на руските сили, големи штети и десетици илјади цивилни жртви. 

Првите две години од таа војна се совпаднаа со доаѓањето на власт на Путин. Активниот дел од војната заврши во април 2000. Два месеца подоцна Путин го назначи Ахмад Кадиров за лидер на Чеченија, тој беше на власт сѐ до атентатот врз него од страна на исламисти во 2007 година. Таа година него го наследи неговиот син Рамзан Кадиров.

Под водство на Кадирови, човековите права западнаа во сенка, а со проблеми се соочуваат и критичарите, новинарите и активистите. Рамзан Кадиров е осомничен дека бил вмешан во убиствата на повеќе критичари надвор од чеченската граница, како на пример  Селимкан Кангошвили,  поранешен воен командант убиен 2019 во Берлин. 

„Може да се каже дека големо мнозинство на чеченската дијаспора ја напушти земјата откако Кадиров дојде на власт, а не за време на војната," вели за ДВ Марат Илјасов, истражувач при универзитетот „Витаутас Магнус” во Литванија.

Многумина веруваат дека Кремљ го испратил безмилосниот воен лидер на Чеченија Кадиров (во центарот) и неговите војници во УкраинаФотографија: Yelena Afonina/TASS/picture alliance/dpa

Враќање на чеченските спомени 

Според перцепцијата на многу прогонети Чеченци, Путин се однесува со Украинците онака како што се однесуваше кон нив.

„Денешните обиди на Москва да ја наметне својата контрола над независна Украина одекнуваат во срцата и умовите на многу Чеченци кои се сеќаваат на нивната борба за независност против руската колонизирачка машина“, изјави за ДВ Алберт Бининачвили, професор по политички науки на Универзитетот во Болоња. Путин се стреми да ја прошири доминацијата на Русија до советските граници, објаснува тој, но без намера да го врати советскиот систем, „што всушност се сведува на руски колонијализам“. 

„Чеченците ја сметаат војната во Украина како продолжение на војната во Чеченија“, вели Илијасов. „Тие всушност сакаат да придонесат за евентуална победа против ова перцепирано зло - нешто што не е постигнато на чеченска почва. Тоа е дополнителна мотивација, и еден вид морална обврска да им се помогне на луѓето кои се во такви ситуации и да се покаже солидарност со нив“, додаде тој. 

Чеберлоевски, предводник на баталјонот „Шеик Мансур”, исто така ги смета последните борби како дел од многу подолг конфликт. Тој во интервју за Кавкаскиот сервис на Радио Слободна Европа рече: „Во Украина се бориме од 2014 година за да го победиме нашиот заеднички непријател“. 
Ахмед Закаев,  шефот на чеченската сепаратистичка влада во егзил, во видео споделно на социјалните мрежи ги повика сите Чеченци кои живеат надвор да се борат заедно со украинската влада.

Дискредитација на пропагандата на Путин 
Чеченците не се единствената муслиманска група која им помага на Украинците. Саид Исмагилов, еден од највисоките исламски лидери во Украина, кој има татарско потекло, објави слика на која е во воена униформа и стои покрај членовите на Територијалните одбранбени сили во Киев. Во друго видео тој ги повика муслиманите во светот да се солидаризираат со Украина. 
Кримските Татари, муслиманско етничко малцинство домородно на Крим, украински полуостров анектиран од Русија во 2014 година, се спротивставуваат на руската окупација уште од 2015 година, а некои од нив се борат во редовите на украинските вооружени сили.
Во видео споделено од украинските медиуми, Ајдер Рустемов, шефот на муслиманската заедница на Крим, признаена од Украина, ги повика украинските муслимани да ја бранат својата земја и ги повика руските муслимани да ја осудат агресијата на Русија. 
Кадиров, пак кој е суфист - умерена секта на исламот со длабоки историски корени во Чеченија, се обиде да ги означи битките во Украина како џихад, исламскиот термин за света војна. „Имаме повик, имаме џихад!" напиша тој на својот канал на мрежата Телеграм на 4 март. 
Групите за заштита на човекови права, вклучително и Хјуман рајтс воч, посочуваат дека паравоените сили на Кадиров имаат долга историја на тероризирање, мачење и убивање на политички неистомисленици тврдејќи дека се исламски бунтовници. 

Последните тврдења на Кадиров беа особено критикувани не само од муслиманските активисти и лидери, туку дури и од верниците во „светата војна”, вклучително и џихадистите во Сирија и Ирак. „Русија уби илјадници муслимани и сè уште ги убива“, напиша Мајсара бин Али, познат и како Абу Марија ал Кахтани, командант на исламистичката група Хејат ал Тахрир Шам, на мрежата Телеграм. „Зајакнувањето на Русија во Украина значи зајакнување на криминалците."

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми