1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чешка на пат кон Исток

Кено Верзек
3 февруари 2018

За многумина набљудувачи реизборот на претседателот Милош Земан во Чешка е избор за промена на курсот: земјата политички и понатаму ќе им се приближува на Русија и Кина. Што тоа точно значи?

Tschechien Präsidentschaftskandidat Milos Zeman
Фотографија: Reuters/D.W. Cerny

Претседателите на Русија и Кина беа меѓу првите кои испратија честитки. Во неделата  чешкиот претседател Милош Земан  беше по вторпат избран на функцијата. Владимир Путин го пофали „високиот авторитет“ на Земан, а Ши Џинпинг го нагласи „стратешкото партнерство меѓу Кина и Чешка“.

Набљудувачите не беа воопшто изненадени од ваквите пофалби. Милош Земан во последниве години нагласено развива добри односи со овие двајца претседатели.

Многу чешки политиколози и експерти затоа во реизборот на Земан гледаат чекорење на земјата кон проруски, односно антиевропски курс во наредните години. „Земан победи, одиме кон Исток“, е резиметот на познатиот левичар, публицистот Мартин Фридрих.

Крим – „свршен чин“

Со истиот став се и познатиот чешки политиколог Јиржи Пехе, поранешен советник за надворешни работи на поранешниот претседател Вацлав Хавел и актуелен раководител на Универзитетот Нујорк во Прага и Јакуб Ванда од прашкиот тинк-тенк „Европски вредности“, кој подолго време ги анализира чешко-руските односи. Двајцата во интервју за Дојче Веле велат дека се уверени оти Чешка сѐ повеќе ќе се зближува со Русија и Кина.

И навистина, Земан во последниве години, барем реторички, како ниту еден друг шеф или премиер на држава од ЕУ, не се трудел да се приближи толку до Русија. Минатата есен во говор пред Парламентарното собрание на Европскиот совет, антируските санкции од ЕУ ги оцени како „штетни и неефикасни“, а анкесијата на Крим ја нарече „свршен чин“.

Овој говор предизвика дипломатски скандал. Но што може тој конкретно да направи покрај реториката, да го поттикне процесот на дистанцирање на земјата од ЕУ и да се зголеми приближувањето кон Русија и Кина? Во крајна линија чешкиот претседател нема голема извршна моќ. Во однос на надворешната политика, освен што именува амбасадори, тој теоретски нема влијание. Но според експертите, во пракса, Земан сепак спроведува „приватна надворешна политика“.

Милош Земан и Владимир ПутинФотографија: picture-alliance/Russian Look

Стратешка ориентација

За време на своите посети на Русија и Кина, Земан често со себе ги носи највлијателните чешки бизнисмени, со цел да се потпишат економски договори за соработка. Двајца негови блиски соработници се длабоко вклучени во склучување на договори „зад завеса“: Вратислав Мунар, неговот шеф на кабинет и Мартин Неједи, еден од неговите најважни политички соработници. Последниот има работено девет години како бизнисмен во Русија и до 2015 година беше косопственик и менаџер на Лукоил Авијација Чешка, компанија ќерка на нафтениот гигант Лукоил, која се најде на насловните страници поради контроверзните бизниси и банкротираше во 2015 година.

Меѓу другото поради нивните нејасни врски со Русија и постсоветските републики, ниту Минар, ниту Нејдеј не добиле дозвола од Бирото за национална безбедност (НБУ) поради што немаат официјален пристап до класифицирани информации.

Политикологот Јакуб Јанда вели дека во следните години Земан и неговите блиски соработници ќе се концентрираат кон склучување стратешки бизнис договори со државни руски и кинески компании. Еден од тие ќе биде повеќе милијарди евра вредниот договор со руска компанија за предложеното проширување на чешката нуклеарна централа Дуковани.

„Земан лобира за вакви договори и е опкружен со советници и асистенти со дубиозни врски со Моска и Пекинг. Поради ова тенденцијата на оддалечување на Чешка од западните партнери ќе продолжи," вели Јанда.

Спротивни интереси: премиерот Андреј БабишФотографија: Getty Images/AFP/M. Cizek

Противник на Земан?

Можна промена на таквиот курс може да дојде од премиерот Андреј Бабиш, но нејасно е до кој степен тој може да интервенира. Овој милијардер и лидер на десно-популистичката партија АНО е де-факто сопственик на земјоделскиот и хемиски конгломерат Агроферт, кој прима огромни субвенции од ЕУ и е активен во повеќе земји, вклучително и во Германија. Тоа значи дека Бабиш е заинтересиран за интеграцијата на Чешка во ЕУ и задржување на добрите односи со ЕУ.  Тој постојано предупредува од идејата за приближување на Чешка кон Исток, но исто така е согласен со Земан дека санкциите на ЕУ против Русија се грешка. Сѐ на сѐ, според набљудувачите, тој во однос на надворешна политика ќе се потпира исклучиво врз неговите интереси.

Неговата прагматична политика дојде до израз неодамна кога тој го поддржа говорот на унгарскиот премиер Виктор Орбан  и неговата анти-ЕУ реторика, на самитот на Вишеградската група меѓу Полска, Словачка, Чешка и Унгарија во Будимпешта, но потоа само неколку дена подоцна ја сврте работата и повика на поактивна улога на Чешка во ЕУ за време на неговата посета на Брисел. „Во изминативе неколку месеци Земан и Бабиш функционираат како своевиден тандем“, резимира политикологот Јиржи Пехе. „Сепак во однос на одредени прашања, Бабиш би можел да дојде во судир со претседателот."

Повеќе на темата: 

Во Чешка не се во прашање тапоглави десничари

Контроверзниот милијардер Бабиш ќе ја води Чешка како фирма?

Референдум за ЕУ?

Една од тие теми може да биде прашањето дали да се одржи референдум во Чешка во однос на членството во ЕУ. Земан се изјасни за поддршка на ваквата идеја, иако тој рече дека би гласал за останување на земјата во Унијата. Бабиш е цврсто против идејата на „Чешзит“.

Дел од набљудувачите сметаат дека сериозна политичка дебата по ова прашање може брзо да се претвори во кошмар. „Најмногу што може да се надеваме од Милош Земан“, напиша Петр Хинзејк, коментатор во либералниот дневен весник „Господарске новине“ , е „дека тој ќе подзакочи стравувајќи да не биде запаметен во историјата како негативна фигура и како човекот кој ја отворил вратата за излез на Чешка од ЕУ."

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми