1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чиј е северот на Косово?

9 септември 2011

Високи косовски претставници најавуваат во септември и октомври дека ќе продолжат со активностите за преземање на суверенитетот над северно Косово, пренесува Меѓународната кризна група. Тоа ја прави ситуацијата опасна.

Повторно се можни блокади и слични сценарија на северот на Косово, смета МКГФотографија: DW

Меѓународната кризна група (МКГ) смета дека покрај најавите на високите косовски претставници за идните чекори во однос на северот на земјата, кон нестабилноста на ситуацијата придонесуваат и други фактори. На пример, влијанието на Брисел врз Пришина е слабо, а стратегијата на Белград за поделба на територијата во замена за признавање на независноста на Косово е пропадната политика.

Приштина веќе нема трпение за ветувањата на меѓународната заедница дека ќе и‘ го обезбеди суверенитетот над северот на Косово, а извори во косовската влада јасно и‘ предочиле на МКГ дека по „секоја цена“ ќе ги продолжат активностите во таа насока започнати на 25 јули.

Од друга страна, Белград не е подготвен да го напушти северот, а дијалогот со Приштина кој продолжи во Брисел, нема многу да влијае на состојбата на теренот, сметаат во МКГ:

„Итно е потребно да се најде решение за конкретната ситуација околу царината, но далеку поважно е да се најде сеопфатно решение за северот на Косово. Решението за царината е само купување време, можеби неколку месеци или години. Суштинскиот проблем - чиј е северот на Косово, мора да се реши порано или подоцна. Во спротивно, повторно ќе се појави во облик на безредија и насилства“, вели Марко Прелец, директор за Балканот во МКГ. 

Слабо влијание на Брисел врз Приштина

Да се очекува Белград и Приштина самите да најдат решение за ова прашање, во моментов е „преголемо барање за двете страни“, велат во Меѓународната кризна група. Проблем претставува и тоа што ни меѓународната заедница, ниту самата ЕУ, нема единствен став за ова прашање. И додека Брисел силно се спротивставува на еднострани потези, одделни земји-членки на ЕУ не се толку енергични во тоа, објаснува Прелец:

Седиштето на косовската влада во ПриштинаФотографија: DW/B.Shehu

„Самото влијание на Брисел во Приштина е еднакво на нула. Многу посилно е во Белград, бидејќи Србија има далеку посилна европска перспектива во однос на Косово. Србија има што да загуби, а Косово не. Од друга страна, САФ сосем благо или пак воопшто не ги критикуваат потезите на владата во Приштина и го поддржуваат правото на Косово да воспостави суверентитет над целата територија“.

Во МКГ сметаат дека Брисел треба со Вашингтон да се договори околу заедничкиот став, со цел ЕУЛЕКС да ја преземе контролата над граничните премини Јариње и Брњак, но и комерцијалниот сообраќај евентуално да се упати на други премини. Исто така и Белград би требало да ја промени својата стратегија, вели Прелец. 

„За Белград е клучно да се соочи со фактот дека политиката на владејачката Демократска партија, која се надеваше дека светот ќе и‘ понуди на Србија поделба на Косово како мамец за признавање, пропадна. Задача на Белград сега е да пронајде нова стратегија за прашањето на Косово“.

Тактички односи на Србија и Република Српска

Иако во МКГ сметаат дека решавањето на прашањето на Косово е клуч за иднината, како на Белград така и на Приштина во ЕУ, сепак истакнуваат дека не гледаат опасност дека оваа криза ќе се прошири на регионот. Негативно влијание во случај на ескалација на состојбите на Косово, би можело евентуално да се почувствува кога е во прашање стабилноста на Македонија, но не и кога станува збор за внатрешните односи во Босна и Хецеговина.

Седиштето на српската влада во БелградФотографија: DW

Иако Белград и‘ пружа поддршка на Република Српска за нејзината позиција во рамките на  БиХ, а Република Српска возвраќа со поддршка околу Косово, во прашање се тактички односи, при што ни едната, ниту дргата страна нема да ги жртвуваат своите суштински интереси:

„Република Српска нема да се впушти во авантура да го потресе регионот за да и‘ помогне на Србија, ниту пак Србија ќе ги жртвува сопствените интереси за да ја извлече Република Српска од некаква криза“, заклучува Марко Прелец, директор за Балканот во Меѓународната кризна група.

Автор: Марина Максимовиќ / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми