Членство во ЕУ во замена за „Јужен тек“?!
16 април 2014„Се чини дека е загрозена иднината на рускиот проект за гасовод ’Јужен тек‘, кој треба да минува преку српска територија и за кој во Србија се врзуваат големи економски надежи“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ). „Така барем можат да се интерпретираат најновите изјави на претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо. Тој прво во интервју за ’Берлинер цајтунг‘ на почетокот од април го бранеше честопати критикуваното решение од 2007 година да се примат во ЕУ балканските земји Бугарија и Романија, кои всушност ни до ден-денес не се зрели за прием, за да бидат спасени од Русија. Таму, навистина ’некои работи уште не се в ред‘, но непримањето би било добро решение: ’Замислете си, Романија и Бугарија денес да не припаѓаа кон ЕУ. Најверојатно би биле изложени на голем притисок од Москва“. Кратко потоа дојде забелешката на Барозо во Софија дека проектот за гасоводот „Јужен тек“ е „замрзнат“, пишува ФАЦ, што „предизвика големо внимание во регионот, оти сите балкански земји што учествуваат во Јужен тек очекуваат од него приходи, пониски цени на гасот и поголема независност од последиците на руско-украински конфликти во врска со гасот“. „Но, политичарите од регионот интерно веќе пропагираат едно едноставно решение: ако Брисел и земјите-членки навистина сакаат помалку Русија и Јужен тек во регионот, тогаш мораат да понудат повеќе ЕУ и не треба да бидат во преговорите за пристап толку строги, туку да биде слично како и во 2007 година во случајот со Бугарија и Романија“.
„Ноје цирхер цајтунг“ (НЦЦ), исто така поаѓа од изјавата на Барозо, но напоменува дека „првиот предупредувачки истрел против Jужен тек Комисијата го истрела уште пред целосно да дојде до израз кризата во Украина. Таа побара на крајот на 2013 земјите низ кои треба да поминува Јужен тек од Русите да издејствуват нови договори. (...) Комесарот на ЕУ за енергетика има две зебелешки на меѓудржавните договори: прво, дека се идентични испорачувачот и дистрибутерот кој раководи со гасоводот, и второ, дека не треба да има пристап кон гасоводот за други понудувачи. Со тоа договорите ги кршат прописите на ЕУ. Русија, напротив, го застапува ставот дека билатералните договори се правосилни и овозможуваат нивна одбрана со тужба.
Балканските земји се гледаат себе си како колатерални жртви на судирот меѓу ЕУ и Русија. Земји како Србија, Босна или Македонија, добиваат речиси исклучиво гас, кој од Русија се транспортира преку Украина. „За време на ’војната околу гасот‘ меѓу Москва и Киев во зимата 2009-та, многу станови во регионот останаа студени. Многумина стравуваат дека тоа повторно би можело да се случи. Но, се стравува и за инвестициите и работните места, кои се поврзани со сега загрозениот проект“, пишува НЦЦ.