1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чудото од Балкан - наскоро „Мини - ЕУ“?

Норберт Мапес-Нидик
9 ноември 2019

Земјите од Западен Балкан имаат потешкотии со економската соработка. Царини, лоша инфраструктура и тензии меѓу соседите го кочат пазарот. Тоа треба да се смени.

Nord-Mazedonien Zoran Zaev, Ministerpräsident & Aleksandar Vucic, Präsident Serbien
Фотографија: Regierung Nord-Mazedonien

Неозможното се решава веднаш, за чуда треба малку време. Старата шега на преоптоварени занаетчии ти паѓа на памет ако следиш што три моќни лидери од Балканот си зацртале деновиве.  ЕУ неодамна поради француското вето одби почеток на преговори за членство.  И токму сега кога зачестуваат предупредувања од нови тензии во регионот, Србија, Албанија и Северна Македонија со големи чекори се движат кон прекрасна спогодба. 
Со години беше Брисел тој што притискаше за потесна соработка меѓу земјите,  последно на Балканскиот собир во Трст пред две години. А, токму сега кога Брисел едвај може да ги намами со преговори за членство, се чини дека тоа ќе успее. Во Охрид во Северна Македонија ќе се одржи вториот регионален Самит за само еден месец.  Трите земји се разбираат одлично.  Но, ги канат и трите исклучени земји да се приклучат, за чудо дури и Косово. Што ли се случува?
100 проценти царини

Кооперација или „поврзаност" како што го нарекуваат тоа стручњаците од ЕУ, добро би и` дошла на Балканот. На многу гранични премини се заглавени камиони кога носат производи од конкурентска држава, некогаш и со денови. Царини и административни препреки ги одвојуваат малите пазари од соседите. Невидени во светот се 100-те проценти што Косово ги воведе за производи од Србија. И за приватни лица, особено во летните месеци, патувањата се како трка со пречки: „смена" е страшното зборче за промената на персоналот на граничните премини кога еден час се` е закочено. Економски тоа се одразува речиси фатално. За инвеститорите малите земји се со нивната мала куповна моќ неинтересни, а за да извезуваат на поголеми пазари не се спремни.

Протести во Косово поради српските цариниФотографија: I. Mitić


Во трката кон ЕУ балканските земји постојано се кочеа една со друга.  Сега се чини дека сакаат рака под рака да чекорат напред.  Во октомври годинава во српскот град Нови Сад српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Зоран Заев, заеднички ја формулираа целта на Балканот да воведат „четири слободи" како што веќе важат: слободата на движење на капитал, производи и лица. „Мини Шенген" како што Вучиќ го нарекува, треба да овозможи патување без пасош, само со лична карта. Идеите ќе се конкретизираат в недела, а треба да станат реалност во 2021.
Балканска „мини ЕУ"?

Но, Балканот не би бил Балкан да не се крие ѓаволот во деталите. Трите нови пријатели со своите граници речиси целосно опкружуваат четврта земја: Косово. Патувања без пречки од „Србија кон Албанија", како што Вучиќ ги најавува, се` додека не е вклучена и земјата што Србија не ја признава ќе мора да водат преку околни патишта. Многу од проблемите кои по најавите на тројцата лидери треба да бидат решени во рамки на балканската „Мини ЕУ" во тешкиот дијалог меѓу Белград и Приштина се или многу спорни, или теориски завршени, но практично не се реализирани. На пример обостраното признавање на дипломи. Како шест земји сега треба да успеат во нешто што ни две не успеаја да направат, е енигма.
Дури и посакуваната царинска унија, ако се погледне одблизу е пред тешко премостливи пречки. Уште пред Косово да воведе астрономски високи казнени царини за српски производи, таму владееше страв дека Србија со својата економска надмоќ би можела да ја уништи благо расцутената претприемачка клима во Косово. Идниот премиер Албин Курти со години добиваше гласови со барањето за тотален бојкот на српски производи. Побогатата Црна Гора пак се плаши од евтината конкуренција од Србија.

Еди Рама, Александар Вучиќ и Зоран ЗаевФотографија: Getty Images/AFP/O. Bunic


Нерешено е и тоа како царинската унија ќе се усклади со договорот за бесцаринска трговија кој Србија неодамна го склучи со Евроазиската економска унија на Путин. Дали сите балкански држави во иднина треба да имаат слободна трговија со Русија, Киргистан или Ерменија? И како евроазиската зона за слободна трговија ќе функционира со Пактот за стабилност и асоцијација кој сите балкански држави го имаат склучено со ЕУ?
Нерешливиот проблем Косово

Клучна за посакуваната „Балканска ЕУ" е новата оска Белград-Тирана. Со инсценирањето на „историско помирување меѓу Срби и Албанци" пред три години и  Вучиќ и Рама стекнаа предности за себе. Двете земји речиси и да немаа проблеми и помирување не им беше потребно, но ако „Србите" и „Албанците" се здружат, нерешливиот проблем Косово може да се сведе на тоа дека со Тирана полесно се преговара отколку со Приштина. Рама пак кој се доживува како „претседател на сите Албанци" понудената водечка улога ја прифаќа на драго срце. Интересите на Косово притоа паѓаат низ ситото. Премиерот на Северна Македонија Зоран Заев има добра причина да ја игра играта, имено по шлаканицата што ја доби неговата земја од ЕУ на самитот во октомври му треба видлив успех. Од друга страна мора да биде сигурен дека Белград и Тирана нема да постигнат договор на негова штета, па да си ја присвојат и преговарачката позиција за албанското население во неговата земја.
Чудата ретко се случуваат, не само на Балканот. Но, ако сепак се случи некое чудо, зад него најчесто се крие некој трик.


 

 

Норберт Мапес-Нидик Норберт Мапес-Нидик, 1953, е германски новинар и автор на повеќе книги за Балканот.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми