1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шамија само по работното време

Избор: дв/Жана Ацеска25 септември 2014

Црковните болници смеат на персоналот да му забранат истакнување симболи на друга вера-така една медицинска сестра е отпуштена поради носење шамија. „Не може да стане збор за секуларна Германија“, критикува печатот.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Во слободата на вероисповед и практикување на религијата спаѓаат и симболите: бројаница на рака, крст на синџирчето, бурка или еврејска капа. Тоа темелно уставно право во Германија вчера (24.09.2014) е многу релативизирано со одлуката на Сојузниот суд за труд, кој пресуди-христијанските институции како болници и градинки можат на своите вработени да им забранат истакнување симболи на друга вера. Одлуката дојде по судскиот спор на една медицинска сестра и нејзиниот бивш работодавач-евангелистичка болница во Бохум. Судот утврди дека христијанските болници од своите вработени можат да бараат неутралност во поглед на религијата, а шамијата се смета за симбол за припадност кон исламот.

„Медицинска сестра со шамија, значи, не може да му извади крв на пациент зашто не е неутрална“, пишува иронично „Тирингише ландцајтунг“.

„Правото на црквите на самоопределување, кое повторно ни се демонстрира, запишано е во Уставот. Значи, овде не може да стане збор за секуларна Германија. Последните години повеќемина работници беа отуштени од работа од црковни институции зашто се изјасниле како хомосексуалци. Оваа дискриминација често е поддржана со судски пресуди. Државата би требало да се вмеша, но тоа е тешко замисливо додека неа ја водат демохристијаните“.

„Вестфален блат“ дополнува:

„Разведени не можат да бидат воспитувачи, а хомосексуалци не можат да раководат со детски дом, кој сака да работи во црковна институција очигледно мора да се согласи работодавачот да му се меша во приватниот живот“.

Берлински „Тагесшпигел“ прашува и одговара: „Какво значење воопшто има шамијата? Никакво. Што претставува таа? Ништо. Шамијата нема ништо со радикализирањето на губитниците, кои своето болно его сакаат да го преточат во бесмртна величина, нема ништо со катастрофалната ситуација во арапскиот свет. Шамијата е нешто што жените го носат на глава. Граѓанките на нашата земја. Шамијата не е опасност, а ако и е влијание, тогаш е тоа влијание кон кое зрелите граѓани знаат како да се однесуваат...Најдобро би било црквите да не прават драма кога медицинска сестра ќе дојде на работа со шамија. На пациентот му е сеедно. Вистинските драми се одвиваат некаде на друго место.“

„Бадише цајтунг“ потсетува дека црквите често покриваат само едноцифрен процент од трошоците на своите болници и градинки, додека најголем дел се плаќа од џебовите на даночните обврзници.

„Во таква ситуација не се подразбира интересот на христијанскиот работодавач да има предност пред потребите на вработените“.

Во „Ноје оснабрикер“ имаат поинакво мислење. Пресудата, пишува овој весник, првенствено внесува извесност и воспоставување правила, што е неопходно.

„Пресудата е во низата слични кои го јакнат правото на црквите. Некои изгледаат застарено, на пример: зошто разведена воспитувачка која нашла нов партнер одеднаш не смее да работи во католичка градинка? Одговорот е: нејзиниот работодавач не е неутрален, туку испраќа порака врз основа на католичкото учење“.

„Везер курир“ потсетува дека исто така со судска одлука наставничките во државните училишта не смеат да носат шамии, па пресудата во случајот на црковните болници не изненадува:

„На крајот на краиштата, ни фудбалер на Вердер Бремен не смее да истрча на терен со дрес на Хамбургер. Друго прашање е дали црквата морала да води спор пред суд“.

Слично мисли и коментаторот во „Вестфален пост“:

„Можеби постапката на црквата не е најтактична, но се чини пресудата е оправдана и не симболизира нетолеранција. Зашто, евангелистичката црква не се мешала во приватниот живот на својата вработена, не барала таа да не носи шамија во слободното време. Да се очекува разбирање од евангелистичката црква за симболите на муслиманската вера, тоа би било како социјалдемократите во изборна кампања да трпат член кој се шета во маица на христијанските демократи“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми