1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шанса за нов почеток во Скопје

Б. Георгиевски/нцц/тац5 јануари 2016

На македонскиот премиер Груевски урнек му се автократските режими во Русија и Белорусија, пишува германскиот Тагесцајтунг. Турција има апетит за балканската чорба, анализира НЦЦ

Фотографија: picture-alliance/dpa

Вонредните парламентарни избори закажани за април годинава, според весникот Тагесцајтунг, се шанса за нов почеток во Македонија. Во денешниот број, германскиот весник објавува анализа за состојбата во Македонија преку перото на нивниот дописник од регионот, Ерих Ратфелдер.

„Претседателот на националистичката ВМРО Никола Груевски, на власт од 2006 година, во изминатите години за свој пример ги зема автократските режими во Русија, Белорусија и Србија. На опозицијата и појде од рака во пролетта минатата година да објави тајни телефонски разговори на Груевски со неговите соработници. Од нив можеше да се дознае дека Груевски е длабоко вмешан во корумпираните структури на власта. Груевски, според овие разговори, давал инструкции и за напади против опозицијата и критичките новинари. Владата тврдеше дека телефонските разговори се фалсификати на странски тајни служби“.

Весникот натаму пишува дека објавувањето на прислушуваните разговори и судирите во Куманово летото довеле до масовни протести во кои се обединиле различни етнички групи во Македонија.

„Од помош за опозицијата беше тоа што по протестите на опозицијата, ЕУ се ангажираше во земјата и остро ја критикуваше владата, по што како поддржувач на владата се јави Русија. По интервенцијата на ЕУ во јули беше постигнат договор со кој е ставен крај на политичката криза“.

„...Се чини дека Македонија сега влегува во нова политичка фаза. Постигнат е напредок и на други полиња, како на пример во односите со Грција. Додека Груевски и неговата партија го славеа грчкиот војсководец Александар Велики како предвесник на нивната држава, Грција ги блокираше интегративните процеси на Македонија во ЕУ и НАТО. Но пред неколку недели се одржаа првите разговори меѓу двете влади“, пишува Тагесцајтунг.

Турција срка во балканската чорба

„При посетата на Белград, турскиот премиер Ахмет Давутоглу го спореди Балканот со чорба која има прекрасен вкус поради мешавината на народи и култури“, пишува швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг. „Преку соработката со Србија таа чорба ќе биде уште подобро зачинета“.

Ахмет ДавутоглуФотографија: Reuters/M. Sezer

„...Давутоглу е главен архитект на неоосманскиот правец во турската надворешна политика. Таа во Балканот не гледа периферна зона на Европа, туку простор од геостратегиско значење со богата историја. Токму на темелите на таа историја треба да продолжат денешните односи. Не случајно Давутоглу во Белград ја посети тврдината Калемегдан. Неговата влада таму ја реставрира чешмата на Мехмет Паша Соколовиќ. Во балканските држави со муслиманско население се поздравува зголеменото влијание на Турција. Турција важи за пример на општество кое, за разлика од Западот, бележи стопански раст, а истовремено останува верно на традицијата наслонета првенствена на религијата.

Наспроти тоа, во Србија Турција се поистоветува со 500 годишно ропство кое ја одвои Србија од Европа. Ваквото гледиште во последно време е помалку изразено, бидејќи и во Белград се импресионирани со економскиот развој на Турција“, пишува Ноје Цирхер Цајтунг.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми