1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шарената револуција и неславната улога на ЕУ

Б.Георгиевски/дф9 мај 2016

Македонската криза низ призмата на германскиот Дојчландфунк: Шарената револуција не помислува на преговори, противуслуги и компромиси со власта. СЈО пронајде начин како да ги гони злоупотребите на власта: удри по имотите

Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Popovski

„Буката е заглушувачка кога секој ден пред зградата на Специјалното обвинителство во Скопје започнуваат демонстрациите. Денеска се 5.000 луѓе со свирчиња, сирени и други реквизити... Некогаш се повеќе, некогаш помалку, но тие маршираат, свират, викаат и тропаат веќе четири недели“, пишува авторот Норберт Мапес-Нидик во опширната анализа за состојбата во Македонија.

„Македонија ја живее својата Шарена Револуција, како што ја нарече за првпат една новинарка. Шарена, не само затоа што демонстрантите имаат различна политичка боја, туку и затоа што младите луѓе со мали балони ги фарбаат кичестите објекти кои ги изгради режимот во последните години.

Шарена Револуција, името е ехо на Портокаловата, Розовата и на Револуцијата на лалето кои во изминативе години се случија во Украина, Грузија и Киргизија, откако граѓаните одлучија да се спротивстават на злоупотребите на нивните корумпирани режими. Но во однос на бунтовите во земјите наследнички на Советскиот сојуз тука има една важна разлика: злоупотребите, како и бунтот против нив, тука не само што се случуваат пред очите, туку и од рацете на ЕУ, затоа што Македонија официјално е кандидат за членство.“

Фотографија: BIRN/Prizma

(...) Близината на ЕУ и надзорот од страна на Брисел не ја спасија малата балканска земја од лажирани избори, униформна медиумска сцена и процеси против политичките неистомисленици“, пишува Дојчландфунк.

Влечење за нос

Во анализата се цитираат бројни учесници на протестите и аналитичари кои сметаат дека обидот на ЕУ да посредува во кризата бил добредојден, но не ги донел посакуваните резултати. Авторот натаму оценува дека наместо реформи, Груевски и неговите соработници ја влечеле ЕУ за нос.

„Колку што се доближуваше терминот (5 јуни н.з.) за изборите, толку потврдоглаво владејачката партија се држеше за власта. Речиси цела година кругот околу Груевски, неговиот кум и неговиот братучед ја влечат ЕУ за нос. Она што произлезе како решение за кризата, за повеќето критичари во Скопје не беше ништо повеќе од незаслужена втора шанса за криминалниот режим“.

Критички тонови во анализата се упатуваат и кон опозициската СДСМ која, според оценката на цитираниот политиколог Горан Јанев, со сите сили се обидувала да се приклучи на протестите од минатата година, а со тоа и ги замрела.

„Откако СДСМ порача: сега ние ќе организираме големи протести, ќе се стационираме пред владата се додека таа не замине, а во суштина мислеа- сѐ додека повторно не преговара со нас; со тоа партијата всушност го киднапираше протестното движење, му го одзеде полетот и го претвори во процес на политички преговори“.

„(...)За преговори, противуслуги и компромиси, движењето (Протестирам, н.з.) кое протестира веќе четири недели на улиците, не сака ни да помислува- од недоверба, а не поради радикалност.“ „(...)Кој за што се залага, кој чии интереси застапува, тоа демонстрантите повеќе не ги интересира“.

Тринаесет дена протести

01:08

This browser does not support the video element.

„(...)Вистинска радост опозиционерите имаа само со еден успех кој комесарот Хан го исценка од владата: формирањето на Специјално обвинителство кое треба да го истражи криминалот на владата. Правда, тоа е мотото кое најчесто се слуша на протестите: Нема правда, нема мир“.

Потсетувајќи на одлуката за амнестија на претседателот Ѓорге Иванов, Дојчландфунк оценува дека таа сепак не му ги врзала рацете на СЈО.
„Тие (СЈО, н.з.) мораат да ја почитуваат одлуката на Уставниот суд, односно на претседателот Иванов, но трите храбри жени пронајдоа дупка и сега ги истражуваат сметките во странство на блискиот круг на водечки политичари, како и недвижностите кои ги поседува шефот на тајната служба во Прага“.

„(...)На тој начин Обвинителството ги удира владетелите во нивната најболна точка: паричникот. И не само највисоките функционери: доколку оние на врвот се најдат под финансиски притисок, ќе се распадне целиот клиентелистички систем кој не се базира врз љубов, верност или идеологија, туку врз принципот на давање и земање. Се повеќе владини службеници се пријавуваат како сведоци на Обвинителството, не од љубов кон вистината, туку повеќе од страв за своите имоти или лукративните функции“, пишува Дојчландфунк.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми