„Шарената револуција“: Тргнавме и нема застанување
20 април 2016 Графитот „шарената револуција“ денеска може да се забележи насекаде низ центарот на градот. По синоќешната објава на нашата репортажа , терминот стана вирален на Фејсбук и Твитер, за набргу да се префрли и на скопските улици. Со почетокот на протестот пред Специјалното обвинителство, секој ден во шест, како што често извикуваат демонстрантите, веќе можеа да се забележат млади луѓе опремени со спрејови во разни бои кои го цртаа новиот популарен хаштаг на улиците.
Протестот како и речиси секој ден, од пред СЈО продолжи пред Собранието, за потоа преку плоштадот да се упати пред Владата и на крајот заврши кај бараките на Град Скопје. Под силно полициско обезбедување беа чувани сите институции кои деновиве беа мета на протестите. И покрај тоа, боите на „шарената револуција“ денеска го исфарбаа споменикот на Прометеј, бараките на градското Собрание и дел од споменикот „Воин на коњ“. Триумфалната Порта исто така повторно доби боја.
Пред Собранието на насобраните демонстранти им се обрати еден студент кој беше многу актуелен деновиве со неговото обраќање кон полицијата кое беше доловено на видео. Рече дека поради обраќањето имал и закани, а го нарекувале и хулиган, платеник и го етикетирале како СДСМ и „Сорос“.
„ Дали треба да си хулиган и платеник за да се бориш за слобода. Честа и достоинството немаат цена и на сите оние кои ни се смеат на нашиве излагања овде, имаме да им посакаме само да дадат оставка. Најавија 80 милиони евра за Скопје 2014, но потрошија повеќе од 560 милиони евра. Најавија 40 споменици а направија над 130. Фасадата на Владата чини 15 милиони евра. Не напаѓаат зошто ја боиме Триумфалната порта, а потрошија 4,4 милиони евра за неа. Споменикот на Александар Македонски чини 7,5 милиони евра. Поради сите овие суми ние немаме леб, немаме пари и протестираме овде“, рече тој пред насобраната публика.
Граѓаните велат дека шаренилото кое е присутно на протестите раѓа надеж дека е возможна една поинаква Македонија. Македонското и албанското знаме врзани заедно, се дел од секојдневните гестови кои можат да се видат на протестите.
„Скопје се разбуди, Скопје никогаш не било вакво. Излегов на протест затоа што десет години веќе живееме во страв, направија помеѓу нас поделби од секаков вид, почнувајќи од етнички, секакви поделби. Ја угушија слободата кај народот, народот не може да дише, се плаши во секој чекор страв гледате во очите. Конкретно секако не поттикна претседателот и неговата аболиција. Ние тргнавме и нема застанување, чекориме и одиме понатаму“, вели Јасмина, една од демонстрантите пред Собранието.
Освен во Скопје денеска повторно се организираа протести и во Штип, Прилеп, Струмица, Охрид, Кочани, Кавадарци и Битола.