1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шариот во ОН, Фишер дома

21 септември 2005

Германија и натаму ќе вложува напори за реформа на Советот за безбедност на ОН – рече Клаус Шариот во говор во ОН

Седиштето на ОН во Њујорк
Седиштето на ОН во ЊујоркФотографија: AP

Државниот секретар во Министерството за надворешни работи Клаус Шариот говореше на заседанието на Генералното собрание на светската организација; министерот Јошка Фишер остана во земјата поради нејасната ситуација по парламентарните избори.

Самоуверен биланс на постигнувањата, јасна определба за ОН и јасна линија за реформа на светската организација – тоа беа елементите на говорот на Клаус Шариот, за кого се вели дека е кандидат за иден германски амбасадор во Вашингтон. На почетокот тој се заложи за спроведување на ветувањата од минатонеделниот државнички самит, за и навистина да бидат реализирани милениумските развојни цели до 2015-та година. Потоа, фрлајќи поглед врз ангажманот на ОН во последните години во многу региони на светот, Шариот ја означи светската организација како симбол за заштита и помош, за мир и обнова, и се концентрираше врз Авганистан: „И Германија, според своите сили, натамошно ќе ја поддржува таа земја“.

Во врска со Ирак, Шариот го наброја германскиот придонес во изградбата на демократија и правна држава. „Ние сакаме сите Ирачани да можат да живеат ослободени од страв и материјална скудност. Силите на теророт и насилството не смеат и нема да добијат главен збор. Блискиот исток има потреба од стабилен и просперитетен Ирак“.

Нуклеарната програма на ирачкиот сосед Иран и натаму дава повод за голема загриженост. Лесно се става на коцка веќе постигнатото, рече Шариот. Тој ја искористи можноста да се зафати и со сржта на проблемот и нужно дојде и до ставот на САД, без поименично да ги спомне: „Ако сакаме да го спречиме ширењето на оружјето за масовно уништување, тогаш сите држави мораат да ги извршат своите обврски. Истовремено мора да се погрижиме да настане нова динамика кај нуклеарното разоружување“.

Шариот апелираше до сите земји-членки за активно учество и кај реформите на светската организација: „Реформа која го исклучува Советот за безбедност, не го заслужува тоа име. На Советот му се заканува опасност да го загуби авторитетот и легитимитетот, ако не се соодветно застапени цели континенти и важните донатори“.

Германија и нејзините партнери Бразил, Индија и Јапонија опстојуваат врз обемна реформа, рече државниот секретар Клаус Шариот во говорот пред Генералното собрание на ОН.

Томас Нелс

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми