Секоја година иста песна...кавгата за буџетот во САД продолжува и веќе е составен дел од случувањата во овој дел на годината.
Реклама
Претседателот Доналд Трамп сака пари за изградба на ѕид на границата со Мексико. Конгресот не дава. И се додека нема компромис околу буџетот, нема пари за администрацијата.
Часовникот сѐ погласно отчукува. Медиумите и интернет порталите одбројуваат колку трае замрзнувањето на буџетот – во САД познато како „шатдаун“ – и до сега се поминати 5 дена. Од саботата дел од владата поради замрзнатиот буџет нема пари. Речиси четвртина од властите се погодени од ова – стотици илјади административци се приморани да одат на принуден одмор или за првпат да работат без плата. Американскиот претседател Трамп вчера во Белата куќа изјави дека не знае кога државниот апарат повторно ќе проработи непречено, но знае дека ќе продолжи само тогаш кога на границата со Мексико ќе биде изграден ѕид, или ограда, или како и да сака човек да ја нарече бариерата: „Не знам кога ќе биде отворена владата, но можам да ви кажам дека нема да биде отворена се додека немаме ѕид, ограда, или како и да сакаат да ја наречат бариерата“, рече претседателот.
5 милијарди долари за ѕидот
Финансирањето на оваа бариера е во фокусот на спорот за буџетот меѓу американскиот претседател Трамп и опозициските демократи. Ова е едно од главните предизборни ветувања на Трамп и тој постојано повторуваше колку е важно да се изгради ѕид на границата кон Мексико за да се запре илегалното доселување. За овој проект тој од Конгресот бара 5 милијарди долари, но таму нема мнозинство за овој проект. Лидерот на малцинската фракција на демократите во американскиот Сенат, Чак Шумер нагласи: „Ѕидот нема никогаш да добие поддршка во Сенатот, ниту денес, ниту следната недела, ниту следната година."
Шумер го повика претседателот едноставно да се откаже од својата идеа за да се прекине замрзнувањето на буџетот.
„Господине претседателе, претседателе Трамп, ако сакате владата да функционира тогаш мора да се откажете од планот за ѕидот – толку е едноставно.", порача Шумер.
Во текот на неделава населението во САД се повеќе ќе почне да ги чуствува последиците од замрзнувањето на буџетот, бидејќи дел од музеите и националните паркови остануваат затворени, а дел од администрацијата нема може да ги обработува доставените барања. Републиканскиот сенатор Боб Коркер смета дека замрзнувањето на буџетот е излишно, а аргументите се детски: „Ова е целосно беспотребно и детски незрело."
Компромисот неизвесен
Сенатор Коркер вели дека одамна можел да понуди компромисно решение според кое демократите треба да одобрат поголема сума за заштита на границите и за возврат да се обезбеди правото на останок на луѓето кои уште како деца илегално дошле во САД, тука се пораснати и со децении чекаат да добијат дозвола за легален престој.
Дали и кога републиканците и демократите во конгресот ќе договорат некаков компромис е сѐ уште неизвесно. Утре парламентот повторно ќе заседава за да работи на изнаоѓање решение. До тогаш часовникот кој го мери „шатдаунот“ продолжува да отчукува и многу е веројатно дека тоа ќе продолжи и во новата година.
Граница САД-Мексико: Бетон наместо челик
Ѕидот на границата со Мексико ќе се гради. Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша соодветен декрет. На делови од границата веќе има ограда. Дали сега челикот ќе биде заменет со бетон?
Фотографија: Reuters/J. L. Gonzalez
Трамп има искуство со градење
„На нашата јужна граница ќе изградам голем ѕид. Никој не гради ѕидови подобро од мене и за тој ѕид ќе плати и Мексико.“ Тоа американскиот претседател Доналд Трамп го изјави во текот на кампањата. Досега тој градеше пред сѐ висококатници и хотели. Ѕидот на границата е на прво место на неговиот план од 10 точки во делот на политиката на доселување.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Torres
Крај кој завршува „нигде-никаде“
Границата меѓу САД и Мексико е долга околу 3.200 километри. Од нив со жица се обезбедени околу 1.100 километри. Границата минува низ четири американски и шест мексикански сојузни држави, минува низ пустина и големи градови. Поради лошата пристапност, еден мал дел од границата во Њу Мексико е отворен. На други места пак патролираат службеници за заштити на границата.
Фотографија: Reuters/M. Blake
Несовладлив челичен џин
Бројот на илегални доселеници во САД се проценува на околу 350.000 годишно. Голем дел од нив доаѓаат од Мексико. Дел од доселениците од Мексико се толерираат. Од друга страна, мексиканските семејства не добиваат виза. Доселениците си посакуваат подобар живот, работа и повеќе пари за своите семејства.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Zepeda
Само мал допир
Семејствата живеат разделени со ограда. Прегратка не е можна. Во најдобар случај низ челичните шипки може да се протне рака. Ако Доналд Трамп го оствари најавеното, тогаш наместо челик овде ќе има бетон. Тогаш и мал допир нема да биде можен.
Фотографија: picture-alliance/ZumaPress/J. West
Од изолација до предрасуди
„Кога Мексико праќа луѓе, тогаш не ги испраќа најдобрите“, рече Трамп во текот на кампањата. „Испраќа луѓе кои прават многу проблеми. Тие носат дрога, злосторства, силувачи. Некои, би рекол, се и добри луѓе.“ Трамп сака да ги протера илегалните доселеници, барем оние кои се со криминално досие. Сепак, и покрај заканите, многу Мексиканци не се откажуваат од своите планови за бегство во САД.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Bull
Пустина, граница и назад
За некои Мексиканци сонот завршува на границата. Тие завршуваат в затвор. Други за илегално минување преку границата плаќаат со својот живот. Медиумите критикуваат дека безбедносните сили пукаат преку границата. Дури во 2015 година за тоа првпат е обвинет припадник на американската погранична служба.
Фотографија: Reuters/D.A. Garcia
Со сачмарка против непожелните гости
Џим Чилтон, американски фармер, во патрола низ својот имот. Неговата фарма на површина од 200.000 квадратни метри на југоистокот од Аризона граничи директно со Мексико. Помеѓу има само бодликава жица. Чилтон се смета себеси лично одговорен за безбедноста и одвреме-навреме посега по сачмарката.
Фотографија: Getty Images/AFP/F.J. Brown
Чуден крај
„Тортиља ѕид“ е потценувачкиот назив на 22,5 километри долгиот дел од границата меѓу Отеј Меса Бордер Кросинг во Сан Диего (Калифорнија) и Пацификот. Оградата завршува во водата. За да се побегне на другата страна е доволно само да се исплива околу оградата.