„Шатдаун“: Застој во САД
20 јануари 2018Делумното затворање на американските федерални служби стапи во сила по неуспешниот обид републиканците и демократите во Сенатот да постигнат компромис за буџетот. Претставничкиот дом во Конгресот изгласа закон со кој се продолжува финансирање на буџетот до 16 февруари, но Сенатот тоа вчера не го потврди и покрај интензивните преговори меѓу републиканците и демократите со интервенција на американскиот преседател Доналд Трамп.
Затворањето на некои сојузни агенции стапи во сила на полноќ, но не е можно да се предвиди колку ќе трае.
Спроти одлучувачкото гласање во Сенатот за Законот за привремено финансирање на владата, за кој беа потребни 60 гласа, Трамп на Твитер напиша дека „работите изгледаат лошо“.
Затворањето на сојузните институции се случува за време на првата годишнина од мандатот на Доналд Трамп, а двете страни во Конгресот за настанатата ситуација се обвинуваат меѓусебно. Ова е прва блокада на сојузната влада од октомври 2013 година, која траеше 16 дена.
Повеќе на темата:
-Блокада на американската управа
-И Сенатот гласаше за компромисниот буџет на САД
Демократите го условуваат гласањето на договорот за заштита од депортирање на 700.000 млади мигранти кои се донесени во земјата како деца и таму останале илегално. Трамп ја запре програмата од времето на неговиот претходник Барак Обама која им дава заштита на овие млади мигранти.
Тој бара идниот договор за имиграцијата да вклучува и пари за изградба на ѕид на американско-мексиканската граница.
Трамп и вчера им упати критика на демократите во Сенатот, велејќи оти „тие сакаат нелегална миграција и слаби граници“.
„Законот за привремено финансирање на владата е одобрен во Претставничкиот дом. Сега се потребни гласови од демократите за да биде одобрен во Сенатот, но тие сакаат нелегална миграција и слаби граници“, напиша Трамп вчера на Твитер.
Белата куќа пак потоа ги обвини демократите во Конгресот дека ги држат Американците како „заложници“ по неуспешните преговори за буџетот и по делумното затворање на федералната влада. Портпаролката на американскиот претседател Доналд Трамп, Сара Сандерс, рече оти демократите во Сенатот „ја ставиле политиката над националната безбедност“.
„Нема да преговараме за статусот на илегалните мигранти додека демократите граѓаните кои го почитуваат законот ги држат како заложници со своите неодговорни барања“, рече Сандерс.