Шведска и Финска на пат за НАТО?
1 април 2014Кризата на Крим повторно ги оживеа дискусиите во Шведска и Финска за тоа дали да му се приклучат на НАТО или не. Шведскиот потпретседател Јан Бјорклунд на почетокот на март побара нова организација на одбраната со приклучување на Шведска на НАТО.
Шведска и Финска долго време се партнери на НАТО во мировни програми, но досега ја задржаа својата неутралност. „Самиот факт дека се водат дискусии за приклучување е јасен знак дека однесувањето на Путин има негативни последици за него“, вели Чарлс Капчен, професор по меѓународна политика на универзитетот Џорџтаун. „Путин со анексијата на Крим ги исплаши земјите околу него“, нагласува Капчен за Дојче Веле.
Контроверзни маневри
Дискусиите околу шведскиот систем на одбрана се разгореа повторно по руските воени вежби во близината на малиот шведски остров Готланд, кои се одржаа на почетокот на март. Шведска потоа стационираше два борбени авиони на островот. Уште минатата година руските авиони предизвикаа внимание кога изведоа лажен напад против Шведска. Тогаш одделот на НАТО за надгледување на воздушниот простор на Балтичкото Море вклучи аларм, додека Шведска не реагираше.
По најновите руски вежби, дел од шведските безбедносни експерти аргументираат дека Путин би можел да се обиде да го конфискува Готланд. Дик Зандее, безбедносен експерт во холандскиот институт за меѓународни односи Клингендал, сепак смета дека овој случај бил „надуен“ од страна на шведскиот печат. Аргументот дека би било поедноставно од Готланд да се влезе во балтичките земји Естонија, Летонија и Литванија, е без основа. „Русија се граничи со сите три држави. Наједноставно значи би било да ги нападне преку копно“, вели во разговор за ДВ Зандее, веднаш додавајќи дека тој не е на мислење оти такво нешто ќе се случи. „Доколку Шведска и Финска станат членки на НАТО, Русија нема да реагира на тоа“, оценува овој експерт.
Економски мерки за одбрана?
Експертите веруваат дека Шведска и Финска имаат малку причини за страв доколку Русија воведе санкции. „Можностите на Русија за вршење посилен притисок врз Шведска се исклучително мали. Земјата навистина добива голем дел од гасот од Русија, но со гас се покриваат само мал дел од шведските потреби за енергија“, нагласува експертот за меѓународна безбедност од тинк тенк групата Атлантски совет во Вашингтон, Ерик Братберг. Тој додава дека Финска би била нешто повеќе зависна, но долку Русија го запре гасот и таму последиците би биле ограничени.
Покрај можното приклучување кон НАТО, Шведска и Финска имаат и други можности за да се обезбедат. Политикологот Кристофер Чивис од универзитетот Џонс Хопкинс во Балтимор, гледа најмалку две дополнителни опции. Од една страна, земјите би можеле да изградат посилни односи со НАТО, со тоа што енергично ќе учествуваат во операциите на НАТО. Шведска тоа веќе го стори, а Финска би можела да го следи тој пример. Друга можност би била зајакнување на соработката со Данска, Исланд и Норвешка во рамки на Нордик Дифенс Кооперејшн.
„Со тоа би се спречило лутење на Русија доколку се пристапи во НАТО“, вели Чивис. Дури и ако НАТО не е обврзан да помогне во одбрана на земја која не е членка, тоа не значи дека во случајот на Шведска, која постојано беше близок партнер, тоа нема и да се случи. „Мислам дека во најлош случај, во случај на руски напад, во рамките на НАТО би се водела сериозна дискусија околу тоа што може да се стори за да ѝ се помогне на Шведска.“