1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Шведска не се смирува: Утрово нови експлозии во Стокхолм

БГ /РТР
21 јануари 2020

Драматичниот раст на насилството во скандинавската држава утрово продолжи со две нови експлозии во главниот град. Судирите меѓу криминалните банди ескалираат веќе втора година по ред, а се прелеваат и во соседна Данска.

Schweden Explosion in einem Nachtclub in Malmö
Архивска фотографијаФотографија: Imago Images/TT/J. Nilsson

Во денешните нови експлозии во Стокхолм нема жртви, но предизвикана е значителна материјална штета. Во рок од неколку минути две експлозии на оддалеченост од 500 метри одекнаа во северозападниот дел на шведскиот главен град, по што повеќе од 50 локални жители мораа да бидат евакуирани. Полицијата отфрла тероризам, но засега не ги поврзува експлозиите ниту со меѓусебните пресметки на криминални банди. Пред осум дена слична експлозија го погоди центарот на Стокхолм, при што беа оштетени неколку згради и возила.

Од почетокот на минатата година, во Шведска драматично расте бројот на бомбашки напади и пресметки со огнено оружје. Статистиките на владата покажуваат дека во 2019 година бројот на експлозии бил за 60% поголем од претходната година.
Според полицијата, бранот насилство придружен со оружени пресметки и бомбашки напади се должи на пресметки меѓу банди во големите градови. Шведските граѓани, навикнати нивната земја секогаш да биде на врвот на листите на најбезбедните во светот, се во шок.

Во полицијата само лани биле пријавени 257 бомбашки напади. Властите не даваат информации за типот на бомбите или на експлозивот кој бил користен во нив, но медиумите во земјата јавуваат дека во голем број случаи се работи за домашно направени бомби од вакумирани термоси полнети со експлозив.

Немири во предградие на Стокхолм

00:27

This browser does not support the video element.

Владата немоќна против криминалот?
Реакциите на јавноста поради растот на насилството ја принуди владата да го зголеми полицискиот буџет, но и да започне специјална програма за борба против организираниот криминал.

„Владата обезбеди дополнителни ресурси и полицијата презема сеопфатни мерки за борба против бандите. Убеден сум дека ќе успееме. Општеството е посилно од овие криминални банди“, вели министерот за внатрешни работи Микаел Дамберг за агенцијата Ројтерс.
Опозицијата ја обвинува владата за повеќегодишна неактивност.

„Владата ја загуби контролата над криминалот во Шведска. Видовме дека во последните години се зголеми бројот на жртви. Сега се зголемуваат и бомбашките напади на начин кој нема преседан во меѓународни рамки“, вели Улф Кристерсон, лидер на опозициската партија Умерени.

Владата го засили буџетот на полицијата за да му стави крај на насилствотоФотографија: Getty Images/AFP/TT News Agency/J. Nilsson

Полицијата идентификуваше околу 60 сиромашни региони, повеќето околу големите градови, каде невработеноста е висока, платите ниски и каде дрогата и бандите царуваат.

Убиства и во Данска

Насилството делумно се прелеа и во соседна Данска. Тамошните власти на крајот на минатата година одлучија да ги вратат граничните контроли на границата со Шведска откако земјата беше погодена од серија бомбашки напади и убиства чии сторители доаѓаа од северниот сосед.

Од февруари до ноември минатата година само Копенхаген беше погоден од 13 експлозии за кои постои сомневање дека биле сторени од криминалци од Шведска. На 25 јуни лани, двајца шведски државјани беа убиени на периферијата на Копенхаген, а данскиот министер за правда Ник Хакеруп оцени дека се работело за „пресметка меѓу раскарани банди од Шведска“. На другата страна од каналот, во Малме, во ноември 2019 година едно 15 годишно момче беше убиени, а друго рането. Властите во двете земји сметаат дека се работи за пресметки во криминалното подземје за контрола на територија, дрога и рекет. Само во Малме околу 200 луѓе се дел од неколку криминални банди.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми