Шведскиот експеримент со Ковид-19 на стаклени нозе
БГ /РТР
20 мај 2020
Студија во Шведска откри дека само 7,3 отсто од жителите на Стокхолм развиле антитела на Ковид-19 до крајот на април, што пак ја става под прашање стратегијата за развој на имунитет на стадото.
Реклама
Стратегијата беше пропагирана од главниот епидемиолог Андерс Тегнел, чии препораки за полесни мерки против вирусот, наспроти задолжителниот карантин кој го практикуваат многу други земји, го подели јавното мислење во земјата.
Одлуката на Шведска да ги остави отворени училиштата, рестораните, баровите и бизнисот доведе до далеку повисоки стапки на смртност во однос на другите нордиски земји, иако пониски од оние во Британија, Италија и Франција.
Сепак, во последните седум дена Шведска има највисока смртност од Ковид-19 по глава на жител во Европа. Во неделата од 12 до 19 мај, стапката на смртност во Шведска била 6,25 луѓе на милион жители дневно, што е повисоко и од Британија каде во истиот период била 5,75 смртни случаи дневно на еден милион жители.
Целта на студијата за антителата беше да утврди дали се развива ткн. имунитет на стадото, ситуација во која доволен број луѓе во населението развиле имунитет на инфекцијата со што би се спречило и ширењето на болеста.
Теоретските модели предвидуваа дека околу една третина од населението на главниот град досега требаше да го има вирусот, и дека меѓу нив ќе се развие барем ограничен имунитет.
„Бројките се малку пониски од очекуваните, но не драматично пониски, можеби неколку проценти“, изјави Тегнел.
Но, концептот на имунитет на стадото досега не е тестиран на коронавирусот, и не се знае на колку долго и каков имунитет би стекнале опоравените пациенти.
Шведските експерти велат дека нивната стратегија не е само да се изгради имунитетот, туку да се забави вирусот за да се заштити здравствениот систем, но не и целосно да се запре. Тие велат дека земјите кои наметнале целосен карантин за да го спречат ширењето на коронавирусот можат да се соочат со нови бранови на епидемијата откако ќе се олабават мерките.
Светската здравствена организација предупреди да не се полагаат големи надежи врз концептот за имунитет на стадото, затоа што глобалните студии покажале дека антитела се пронајдени кај само 1 до 10 проценти од населението.
Шведскиот професор по инфективна медицина Бјорн Олсен е дел од група академици кои се критични кон одговорот на пандемијата и го нарекува концептот на имунитет на стадото „опасен и нереален“.
„Имунитетот на стадото е многу далеку, доколку воопшто го постигнеме“, вели Олсен.
Пристапот на Шведска е карактеристичен не само по избегнувањето на карантинот, туку и релативно ниското ниво на тестирање и следење на контактите.
Оттука и бројот на смртни случаи од Ковид-19 кој достигна 3,831 е повеќе од три пати повисок од заедничкиот број на смртни случаи во Данска, Норвешка, Финска и Исланд, земји со сличен здравствен систем и демографија.
Витамин Ц: Добар за имунитет и за сузбивање на инфекции
Токму во време на Ковид-19 е особено важно да се има функционален имунолошки систем. На телото затоа му се потребни доволно микронутриенти, на пример витамин Ц. А него го има во овошјето и зеленчукот.
Фотографија: picture-alliance/Zoonar/D. Freigner
Јади ме!
Најголем дел од животните - цицачи можат да го синтетизираат витаминот Ц, значи сами да го произведуваат. Но, не и луѓето. Ние мораме да го земаме преку храната. Витаминот Ц го има во киви, портокали и грејпфрут, но и во зеленчук како прокељ, брокула и пиперка. За жал, тој е чувствителен на температура, затоа, внимавајте при готвењето!
Фотографија: picture-alliance/Zoonar/S. Schnepf
Помалку мистерија, повеќе биохемија
Витаминот Ц не е важен само за старите луѓе, болните и вегетаријанците. Неговите биохемиски функции во секое тело се исти и подеднакво важни. Витаминот Ц спаѓа во микронутриенти, кои на организмот не му даваат енергија, но сепак се есенцијални за неговите основни функции. Во нив се вбројуваат метаболизмот и нашиот одбранбен систем.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gabbert
Радикален ловец на слободни радикали
Како антиоксидант, витаминот Ц ги редуцира штетите кои ги предизвикуваат т.н. слободни радикали, штетни молекули кои ја нарушуваат структурата на здравите ткива во организмот. Овие радикали настануваат при нормалните процеси на метаболизам. Но штетни материи, како на пример цигарите, водат до оксидативен стрес и зголемено настанување на слободни радикали, па се зголемува и потребата од витамин Ц
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Rothermel
Јагоди за ензимски активности
Витаминот Ц од овие јагоди во човечкото тело не се користи само за заштита од слободни радикали, туку тој е важен т.н. кофактор при цела редица ензимски активности, како на пример синтеза на протеинот колаген. Колагенот е дел од тетивите, коските, рскавицата и кожата. Бавно и лошо заздравување на некоја рана од оваа причина може да е знак за недостиг на витамин Ц во организмот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst
Противнапад со помош на грејпфрут
На телото му е потребен витамин Ц за да може да се одбрани од инфекции. Витаминот Ц не само што е задолжен за заштита на клетките, туку во случај на инфекција преминува и во напад. Тој стимулира преместување на имунолошките клетки, т.н. неутрофили на местото на инфекција, ја поттикнува фагоцитозата - разградување и отстранување на штетните материи и убивање на вирусите.
Поголем недостиг од витамин Ц може да доведе до скорбут. Забавено заздравување на рани, модрици, опаѓање на косата, крварење на непцата и губење на забите, како и болки во зглобовите се симптоми на оваа потенцијално смртна болест. За заштита се доволни веќе 10 милиграми витамин Ц дневно. Доволно витамин Ц во телото значи и помал ризик од висок крвен притисок, срцеви заболувања и мозочни удари.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen
Колку е доволно?
Според Централата за заштита на потрошувачите, препорачана дневна доза на витамин Ц за мажите е околу 110 милиграми, за жените - 95. Научниците од Државниот универзитет Орегон пак на сите возрасни им препорачуваат 400 мг витамин Ц дневно. Тврдат, тој е безопасен и ако се „предозирате“, ќе се исфрли преку урината. Нема разлика дали го внесувате преку храната или таблети, велат експертите.