Шенгенските порти затворени за Романија и Бугарија
22 септември 2011Се поизвесно е дека на денешниот состанок на министрите за внатрешни работи на ЕУ во Брисел нема да биде одобрено вклучувањето на Бугарија и Романија во шенген-зоната. На нивниот влез се спротивставуваат Холандија и Финска. Холандскиот министер за имиграции, Герд Лерс изјави дека неговата земја останува на ставот оти нема да дозволи прием на Бугарија и Романија во безграничната зона, се додека овие земји не ги подобрат перформансите во областа на борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Станува збор за нови критериуми според кои државите ќе смеат да ги контролираат внатрешните граници. Темата е контроверзна поради тоа што Брисел сака да ја одземе надлежноста за одлучување по ова прашање на секоја држава одделно. Освен тоа, министрите ќе разговараат и за тоа кога Бугарија и Романија ќе можат да станат дел од Шенгенскиот простор. На маса е предлогот - граничните контроли да бидат укинувани постепено, прво во авиосообраќајот и бродскиот сообраќај, а потоа да ги снема и контролите на границите.
Романскиот претседател Трајан Басеску вчеравечер изјави дека холандската влада нема право да го „жртвува“ јакнењето на Европа за да ги задоволи своите десни екстремисти. За романската државна телевизија ТВР Басеску повтори дека Романија ги задоволува условите за влез во Шенген-зоната и побара расправа на самитот на ЕУ во октомври во случај Холандија да се противи и натаму на ширењето на Шенгенскиот простор. За прием во Шенген-зоната, инаку, е потребна согласност на сите земјите членки. Шенген-зоната ја сочинуваат 22 од вкупно 27 земји на ЕУ.
Автор: ЕМФ/ГЧ/дпа/бета
Редактор: Борис Георгиевски